165/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Наредбата „И“бр. 21-255/2 од 7 април 2010 година донесена од командантот на Здружената оперативна команда во Куманово.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставнииот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, не можело да се дозволи претпоставените лица во службата во Армијата на Република Македонија, да издаваат наредби на припадниците на служба во Армијата на Република Македонија, со кои им се забранувало да го изразуваат своето мислење со надворешна манифестација преку средствата за јавно комуницирање и јавни настапи, поради што оспорената Наредба била во несогласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 и став 2 и членовите 9, 16, 21, 51 и 54 од Уставот на Република Македонија, како и со законите кои се во правниот поредок на Република Македонија. Набројани се Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и Законот за јавните собири, но не се посочуваат норми ниту се даваат аргументи за несогласноста со законите, поради што иницијативата ќе се третира дека се однесува само од аспект на уставноста. Според наводите во иницијативата со оспорената наредба се ограничувала слободата на човекот „она што го мисли и да го соопшти на јавноста“ за работи што се општо значење за животот на една општествена заедница, како и на состојби и интереси на поединци, Наредбата оневозможувала едно мислење да добиело своја надворешна манифестација преку средствата за јавно комуницирање на сите припадници на служба во Армијата, во однос на прашања, настани и разни појави, со што им се ограничувала слободата на јавното изразување на мислата.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 6 и 19 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и точка 9 од Правилото за служба во Армијата на Република Македонија донесено од Претседателот на Република Македонија, командантот генерал мајор Зоран Димов на Здружената оперативна команда во Куманово, со оспорениот акт на 7 април 2010 година на командантите на потчинетите единици им наредил да преземаат мерки кон потчинетите единици на Здружената оперативна команда, со цел навремено да ги известат припадниците наведени во Наредбата, за нивните учества во емисии кои се емитуваат преку електронските медиуми (квизови, емисии со забавен карактер, контактни емисии, радио емисии и сл.) за начинот на однесување согласно Законот и Правилото. Имено, командантите се должни да ги запознаат своите потчинети кои учествуваат во јавен настап, со членовите 6 и 19 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и точката 9 од Правилото за служба во Армијата на Република Макекдонија, кои се однесуваат на обврските за чување на угледот на Армијата, како и за чување на класифицирани информации. Со оваа Наредба требале соодветно да бидат запознаени сите припадници на Армијата, а против лицата кои немало да се придржуваат кон неа ќе се преземеле соодветни дисциплински мерки. За извршување на оваа наредба одговорни биле началниците на секциите во Здружената оперативна команда и командантите на потчинетите единици.

Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од содржината на оспорениот акт Судот оцени дека тој е интерен акт донесен од командант – генерал мајор на Здружената оперативна команда во Куманово за начинот на работењето и функционирањето на припадниците во Армијата на Република Македонија во Здружената оперативна команда во Куманово, преку Наредба за известување за одредени прашања кои децидно се однесуваат на лицата кои се наведени во неа. Со оглед на тоа Наредбата не е пропис и нема основа за мериторна оцена на уставноста, поради што Судот не се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата.

Поаѓајќи од фактот што оспорената наредба нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот туку претставува интерен акт, произлегува дека Судот не е надлежен за оценување на уставноста на оспорениот акт, поради што се настапени деловничките услови за отфрлање на иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр165/2010
23 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски