143/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за доделу­вање на линии за вршење на превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај во општина Радовиш број 07-1141/1 од 09.06.2010 година.

2. Роберт Велков, градоначалник на општина Радовиш, од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иниција­тивата, Одлуката за доделување на линии за вршење превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај во општина Радовиш не била во согласност со Уставот, бидејќи не било запазено начелото на еднаквост и рамноправност.

Имено, со иницијативата се наведува дека иако огласот за доделување на линии бил објавен согласно Законот за превоз во патниот сообраќај по кои линии можеле да добијат две и три фирми за една релација кои ги исполнувале условите, но со различен возен ред, во конкретниов случај тоа не било направено, туку не им се доделени линии на фирми кои ги исполнувале условите и било постапено како да се работи за избор на најповолна понуда.

Поради тоа, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Одлуката за доделување на линии за вршење превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај во општина Радовиш се уредува превозот на патници во градскиот и приградскиот сообраќај како стопанска дејност од јавен интерес што претставува витален услов за животот и работата на граѓаните од општина Радовиш.

Според член 2 од ова Одлука се наведува дека се доделуваат линии за вршење на превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај во општина Радовиш по распишаниот оглас број 15-761/3 од 15.04.2010 година, на подносители на понуди кои ги исполнуваат условите предвидени со Закон.

Според член 3 од ова Одлука, во општина Радовиш се доделуваат линии за вршење превоз на патници на 15 конкретно наведени правни лица.

Според член 4 став 1 од ова Одлука, линијата во градскиот и приградскиот превоз на патници има свој број и име наведено во член 3 од оваа Одлука. Според став 2 од овој член, името на линијата се означува со името на почетното и крајното свртувалиште. Според став 3 од овој член, бројот на името на линијата се поставува на видно место во возилото. Според став 4 од овој член, правните лица на кои им се доделени линиите се должни да ги почитуваат одредбите од Законот за патен сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006 и 114/2009).

Според членот 5, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Радовиш“.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека оваа одлука е поединечен акт со кој се уредува доделувањето на линиите за вршење на превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај во општина Радовиш, а не е пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања или се утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нејзината уставност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.143/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски