Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на
– член 4 од Законот за изменување и дополну- вање на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година);
– Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година),
– Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година),
– Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година) и
– Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година).
2. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по сопствена иницијатива, со Решение У бр.159/2010 од 22 септември 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение. Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето дали оспорените член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и член 1 од наведените четири закони, со тоа што определуваат различни износи на основицата за пресметување на плата на носителите на јавни функции во Република Македонија кои се во иста положба (за едните 23.153 денари-уставните судии, а за другите 25.726 денари-судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавните обвинители), се во согласност со темелната вредност владеењето на правото и со уставното начело на еднаквост утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Решението беше доставено до Собранието на Република Македонија на 6 октомври 2010 година.
Истовремено, Судот побара мислење и од Венецијанската комисија по поставеното прашање, при што добиеното мислење се совпаѓа со ставот на Уставниот суд.
3. На 11 декември 2010 година Собранието на Република Македонија донесе Закон за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010), со кој во член 1 се определува дека: „Во Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 97/2010 од 20 јули 2010 година), во членот 4 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи: По исклучок од ставот 1 на овој член, основицата за пресметување на плата на судиите на Уставниот суд на Република Македонија е во износ од 25.726 денари.“
Исто така, Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) во член 2 определува дека: „Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува сметано од 28 јули 2010 година.“
Според тоа, по извршеното дополнување од 11 декември 2010 година на Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година), од членот 4 на Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија произлегува дека нема, ниту претходно имало, намалување на основицата за пресметување на плата на судиите на Уставниот суд на Република Македонија и дека нема, ниту имало, разлика во основицата меѓу уставните судии, од една страна, и судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет на Република македонија и членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, од друга страна.
4. Според член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општиот акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.
Со оглед на тоа што поведувањето на постапката било поради различните износи на основицата за пресметување на плата на носителите на јавни функции во Република Македонија кои се во иста положба (23.153 денари за уставните судии, а 25.726 денари за судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавните обвинители), како и што со Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 162/2010) се определува дека основицата за пресметување на плата на тие носители на јавни функции не се, ниту биле, различни, произлегува дека со направеното дополнување на Законот се елиминирани причините кои ги доведувале во прашање темелната вредност владеењето на правото и уставното начело на еднаквост утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, поради што се исполнети условите за запирање на постапката.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претстедателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У бр.159/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски