У.бр.169/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 234 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010 и 48/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.169/2010 година од 15 декември 2010 година, под точка 1, по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста на член 234 став 2 точка 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 234 став 2 точка 5 од Законот се предвидува дека кон пријавата за упис се приложува, меѓу другото и доказ дека нема забрани според член 231 став 4 од овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за трговските друштва претставува фундаментален системски закон, кој е од огромно значење за зајакнување на приватниот сектор.

Според членот 2 од Законот, овој закон се применува на трговецот – поединец, на трговското друштво, на стопанската интересна заедница и подружницата организирана од странско трговско друштво односно од странски трговец-поединец, запишани во трговскиот регистар, како и на тајното друштво.

Според член 234 став 2 точка 5 од Законот, кон пријавата за упис се приложува, меѓу другото, и доказ дека нема забрани според членот 231 стаав 4 од овој закон.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба, а при тоа имајќи го во вид веќе заземениот став на Уставниот суд на Република Македонија во својата уставно-судска пракса со Одлука У.бр.181/2007, 118/2008 Судот оцени дека истата не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причина што во конкретниот случај доказ од управителот, односно од друштвото кое врши упис на управител, за околноста дали му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривично-правен контекст, обврската за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, или за неосудуваност.

Притоа, за Судот, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека забраната трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган кој врши упис на упправител и кој што ја утврдувал таа законска обврска кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 234 став 2 точка 5 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 25 од Уставот.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски