Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 68 алинеја 3 во делот
2.Сашо Петровски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во инцијативата, со оспорената законска одредба се пропишувале дополнителни трошоци за сопствениците на приватните шуми затоа што обележувањето на границите на шуми заради сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи чинело од 3.000,00 денари па нагоре, со што цената на нивното стопанисување со својата шума се зголемувала за тој износ. Од друга страна, субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост немале такви трошоци за обележување на парцелите на шуми за сеча, со што имале помали трошоци за стопанисување и подобра положба како економски субјекти.
Според тоа, оспорениот дел од законската одредба ги ставал сопствениците на приватните шуми во нееднаква правна положба со другите субјекти, поради што законската одредба не била во согласност со член 55 став 2 од Уставот. Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност ниту со член 1 став 2 од истиот закон затоа што оваа законска одредба определувала дека „одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената“, а оспорената одредба сепак предвидувала обврска само за сопствениците на приватните шуми. Покрај тоа, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел од законската одредба не постоел во претходниот Закон за шумите ( член 39).
3.Судот на седницата утврди дека Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009) определува дека со него се уредува, покрај другото, стопанисувањето со шумите и дека тие законски одредби се применуваат на сите шуми без оглед на сопственоста (член 1), дека шумите се во државна и во приватна сопственост (член 2), дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита и дека планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите се дејности од јавен интерес (член 3) и дека цели на Законот се трајно да се сочува површината под шума и да се зголеми нивната вредност, како и да се обезбеди одржливо управување, планирање, стопанисување со шумите на начин и во обем со кој трајно се одржува и унапредува нивната производна способност (член 4). Овие општи одредби од Законот, во врска со стопанисувањето и поблиску со користењето на шумите, попрецизно се разработени во натамошниот дел од Законот така што, покрај другото, се определува дека сеча во шума која е во приватна сопственост се врши со одобрение за сеча (член 67 став 1).
Според член 68 алинеја 3 од Законот, „Одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде, ако: видно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи“. Оспорен е делот: „ од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.“
Судот, исто така, утврди дека оспорениот дел од законската одредба беше предмет на оценување од страна на Уставниот суд, при што со Решение У бр.153/2009 од 25 ноември 2009 година не се поведе постапка за оценување на нејзината уставност, затоа што таквата законска определба е во согласност со определбата за воспоставување и одржување на катастарот на недвижности како јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост, што е во функција на заштита на сопственоста, а не е повреда на правото на сопственоста и противуставно изложување на граѓаните на непотребни трошоци како што смета подносителот на иницијативата. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот.
4.Според член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственоста (став 1), сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2), никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).
Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, дека правото на сопственоста е уставно загарантирано право, но кое создава и обврски за сопственикот бидејќи треба да служи за добро и на поединецот и на заедницата па може да се одземе или ограничи кога се работи за јавен интерес утврден со закон и дека слободата на пазарот и претприемништвото е, исто така, уставно загарантирана слобода, така што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и спречува монополска положба и монополско однесување на пазарот, но може да се ограничи со закон заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Во однос на шумите, уставна определба е дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и како такви уживаат посебна заштита.
Имајќи предвид дека оспорениот дел од законската одредба е во согласност со определбата за воспоставување и одржување на катастарот на недвижности како јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост, што е во функција на заштита на правото на сопственоста, Судот утврди дека има уставна основа да се воспостави и обврска на сопствениците на шумите границите на шумата видно да им ги обележат трговците поединци, овластените геодети и трговските друштва за геодетски работи доколку сопствениците на шумите поднесат барање за сеча, па таквото значење на оспорената законска одредба нема поврзаност со слободата на пазарот и претприемништвото. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 68 алинеја 3 во делот: „од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи“ од Законот за шумите со член 55 став 2 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски, и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У бр. 26/2010
2 февруари 2011 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски