196/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 2 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 171 став 2 во деловите

2. Стемен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот делови од членот 171 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 171 став 2, член 174 ставови 1 и 2 и член 205 став 1 од Законот за катастар на недвижности и врз основа на содржината на наведените одредби заклучува дека со потврда за одбивање или за запишување на пријавата на правата на недвижностите не можело да се врши запишување или промена на правата, туку тоа можело да се врши само и исклучиво со решение. Ова од причина што потврдата не преставувала управен акт, туку решение, а дека е тоа така произлегувало од членовите 128 и 176 од наведениот закон и од членот 7 од Законот за управните спорови. Според тоа, со оспорените делови на членот 171 став 2 од Законот се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 171 став 2 од Законот за катастар на недвижности, ако при споредување на податоците од ставот 1 на овој член се утврди дека постои несовпаѓање, пријавата за запишување на правата на недвижностите се одбива со потврда за одбивање, а ако се утврди совпаѓање на податоците со потврда се врши запишување на промената на правата на недвижностите, на носителите на правата на недвижностите и на податоците за недвижностите во катастарот на недвижностите.

Одредбата се оспорува во деловите: „потврда“.

4. Според членот членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и другите институции што вршат јавни овластувања.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а во ставот 3 од овој член од Уставот е утврдено дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со одредбите од Законот за катастар на недвижности се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топо-графски карти, регистарот на просторни единици, содржината и управувањето со податоците од Геодетско-катастарскиот информа-ционен систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржу-вањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенција за катастар на недвижности.

Во Главата X-Одржување на катастарот на недвижностите се содржани членовите 162 до 175, каде припаѓа и членот 171 став 2 со оспорените делови: „потврда“.

Според концептот на Законот за катастар на недвижности, граѓаните и правните лица во дадени правни ситауции ги остваруваат правата утврдени во наведениот закон врз основа на поднесена пријава, за која органот издава потврда за запишување кога ја прифаќа пријавата, односно потврда за одбивање кога не ја прифаќа пријавата, а постојат и потврда издадена по службена должност врз основа на востановен дигитален катастарски план, како и потврда за исправка на сторена грешка од органот. Такви одредби во Законот се член 144 став 3, член 149 став 1 и 2, член 158 став 1, член 170, член 171, член 172, член 173 став 2 и член 174, што во претежен дел е материјата што се однесува на востановување и одржување на катастарот на недвижности. За подносителот на иницијативата спорни се, пак, само првите два вида потврди, од причина што за вакви правни ситуации смета дека наместо со потврда требало да се одлучува со решение.

Од анализата на одредбите на оспорениот закон прои-злегува дека со него, меѓу другото, предвидено е Агенцијата за катастар на недвижности, по однос на правата на граѓаните и правните лица што се однесуваат на востановување и одржување на катастарот на недвижностите да издава потврда за запишување кога се прифаќа пријавата, односно потврда за одбивање кога не се прифаќа пријавата, од каде, според оцена на Судот, не станува збор за расчистување и утврдување на факти во конкретна управно-правна работа за која може да се одлучи и во форма на решение, туку за потврдување за совпаѓање на факти и податоци, односно одбивање на таквото потврдување кога совпаѓање не постои. Дека е тоа така призлегува и од содржина на членовите 115, 128, 129, 130, 134, 143 став 3, 165, 170, 171 и други од Законот за катастар на недвижно-стите, од чија содржина произлегува дека при обработка на податоците од пријавата за запишување во катастарот на недвижностите се проверува дали се поднесени соодветни исправи, геодетски елаборати или други потребни документи, како и тоа дали постои совпаѓање или несовпаѓање по однос на податоците поврзани со идентификација на подносителот на пријавата, за недвижноста или презентираните документи. Според тоа, со актот што го носи органот се потврдува исполнетост на условите, кои се предвидени во Законот за да настане запишување во катастарот на недвижностите, без да при тоа се испитува дали исправите за правниот основ или актите на надлежните органи од членот 128 став 1 од Законот се составени, односно донесени согласно со закон.

Исто така, треба да се има предвид дека законодавецот во функција на операционализација на членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 и членот 50 од Уставот, како и на Амандманот XXI на Уставот го креирал членот 176 став 1 од Законот со цел остварување на судска заштита и во случаите кога државните органи не одлучувале во форма што му е препознатлива на подносителот на иницијативата. Имено, во означениот амандман е предвидено, меѓу другото, со закон да се уреди правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања без да се дефинира поблиску видот на поедине-чниот правен акт. Во овој случај тоа е издадената потврда од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, против која, пак, согласно членот 176 став 1 од Законот е предвидено право на поднесување на тужба пред Управниот суд.

Што се однесува до упатувањето во иницијативата на одделни одредби од Законот за општата управна постапка, Судот оцени дека ваквото упатување е несоодветно, бидејќи подносителот на иницијативата немал во предвид дека согласно член 3 став 1 од Закон за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.38/3005 и 110/2008) во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, како што е постапката за запишување на правата на недвижностите во катастарот на недвижности се постапува според одредбите на тој закон.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените делови од членот 171 став 2 од Законот се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.196/2010
2 февруари 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски