У.бр.66/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ: членот 5 алинеја 6 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” и алинеја 7 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, членот 17-а ставовите 4 и 5, членот 50 став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 3 во делот: “Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, членот 50-а став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 4 во делот: “Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009 и 124/2010).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Мирослав Грчев од Скопје, со Решение У.бр. 66/2010 од 1 декември 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека со оспорените делови од алинеите 6 и 7 од членот 5 од Законот, е дефинирано значењето на изразите дражавна и локална урбанистичка планска докуементација во плански опфат.

Судот утврди и дека оспорениот став 4 од членот 17-а од Законот определува:

“Доколку општината не ја започне постапката за изменување и дополнување на урбанистичкиот план согласно со ставовите 1 и 2 од истиот член, подносителот на иницијативата може да достави до општината локална урбанистичка планска документација со која се предвидува бараната измена на урбанистичкиот план, која треба да биде во согласност со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и одредбите од членот 50-а на овој закон.”

Понатаму Судот утврди дека со оспорениот став 5 од членот 17-а од Законот, е определено дека:

“Доколку општината не постапи согласно ставот 4 на овој член, односно не го одобри или одбие барањето за одобрување на локална урбанистичка планска документација во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, подносителот може да достави барање за одобрување на истата до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Комисијата од членот 31 став 2 на овој закон, е должна во рок од 30 дена да достави предлог до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на локалната урбанистичка планска документација, кој врз основа на доставениот предлог донесува решение со кое ја одобрува локалната урбанистичка планска документација или го одбива барањето за одобрување на истата.”

Судот, утврди и дека со оспорениот член 50 став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” од Законот, е определено дека со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела.

Судот, утврди дека оспорениот став 2 од членот 50 од Законот определува:

“Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација во следниве случаи:

-доколку не е оформена градежна парцела ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
-во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и
-доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.

Судот, утврди и дека со оспорениот дел од ставот 3 од членот 50 од Законот е определено дека:

“Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план,”.

Судот, понатаму утврди дека со оспорениот член 50-а став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” од Законот е определено дека со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела.

Понатаму Судот, утврди дека оспорениот став 2 од членот 50-а од Законот определува:

“Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со локална урбанистичка планска документација во следниве случаи:

-доколку не е оформена градежна парцела ако до истата постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
-во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање.”

Судот, утврди и дека со оспорениот дел од став 4 од членот 50-a од Законот е определено дека:

“Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план,”.

6. Согласно членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на локалната самоуправа со Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, е определено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според став 2 на овој член од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката со закон може да и одобри вршење на определени работи на општината.

Законот за просторно и урбанистичко планирање со членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Во членот 5 од Законот определено е значењето на употребуваните изрази во Законот, а со оспорените делови од алинеите 6 и 7 од овој член од Законот, определено е значењето на овие документации во плански опфат.

Во Глава II. Планирање на просторот, во точка 1. од Законот, содржани се одредби за видовите и содржината на плановите, а во точка 2 од истата Глава од Законот, содржани се одредби со кои е уредена постапката за изработување и донесување на плановите.

Според членот 7 од Законот во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1. Просторен план на Република Македонија и
2. Урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Со членот 17-а ставовите 1, 2 и 3 од Законот, определена е должноста на општините да постапуваат по поднесените иницијативи од правни и физички лица за изменување и дополнување за урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, обврската за известување на подносителите дали иницијативата се прифаќа, а по прифаќањето и обврска на општините да започнат постапка за изменување и дополнување на урбанистичкиот план за кој е поднесена иницијативата.

Конкретно со оспорените ставови 4 и 5 од членот 17-а од Законот, определена е можност во случај општината да не започне постапка согласно ставовите 1 и 2 од овој член за изменување и дополнување на урбанистичкиот план за кој е поднесена иницијативата, подносителите на иницијативите, да ја продолжат постапката со доставување на општината локална урбанистичка планска документација со која се предвидува бараната измена на урбанистичкиот план изработена согласно стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и одредбите од членот 50-а на овој закон. Со овие оспорени ставови од наведениот член, е определено и дека за барањето на подносителите на иницијативата за изменување на урбанистичкиот план, доколку тоа е одбиено или не е одобрено од страна на општините, за нивното барање понатаму да може да постапува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, односно комисија во органот, за што конечно решение за одбивање или одобрување на бараната измена на урбанистички план, донесува министерот кој раководи со тој орган.

Од анализата на оспорените одредби 4 и 5 од членот 17-а од Законот, произлегува дека законодавецот уредил случај кога општината нема да спроведе постапка за прифатените иницијативи од граѓаните за измена на плановите, на начин што со оспорените одредби овозможил, бараната измена на урбанистичките планови да се спроведе на друг начин, односно доколку општината, во кој и да било случај, не ја одобри локална урбанистичка планска документација, со која се бара изменување и дополнување на урбанистички план, тоа да може да се стори со акт на министерот, односно, изменувањето и дополнувањето на урбанистичките планови да се реализира не преку редовната постапка за нивно менување и дополнување, туку, на начин кој овој закон го уредува, паралелно со постојниот. Тргнувајќи од овие причини, според Судот, оспорените одредби од членот 5 алинеи 6 и 7 и членот 17-а ставовите 4 и 5 од Законот, не се во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

Според оспорениот член 50 став 1 во деловите “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела” од Законот, со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела.

Со оспорениот член 50 став 2 од Законот, е определено во кои случаи во плански опфат може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација, односно, доколку не е оформена градежна парцела ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура, во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.

Со оспорениот член 50 став 3 во делот: “Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а” од Законот, е определено дека државната урбанистичка планска документација со која се уредува користењето на просторот во границите на планскиот опфат се изработува врз основа на извод од урбанистички план.

Од анализата на оспорените одредби од членот 50 од Законот, произлегува дека со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во планскиот опфат, што значи можност во постоечки план да се оформуваат градежни парцели со планирање преку државна урбанистичка планска документација, изработена врз основа на извод од урбанистички план. Конкретно доколку во плански опфат не е оформена градежна парцела, во плански опфат да може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура и за изградба на инфраструктурни градби и водови, како и во рамките на формирана градежна парцела во плански опфат, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање.

Околноста што со оспорените одредби е дадена можност државната урбанистичка планска документација да се употребува кај неоформени градежни парцели, според Судот, тоа не значи дека на тој начин не се менува постоечкиот план. Ова од причини што планскиот опфат е подрачје чии што граници, начин на уредување и користење се утврдуваат со урбанистички план, па оттука просторот каде не е оформена градежна парцела сепак е веќе планиран простор кој, како таков, се дозволува да се менува со државна урбанистичка планска документација и веќе испланираното повторно се планира, но не со видовите на урбанистичките планови, системски утврдени со Законот, во постапка и фази на донесување кои Законот ги пропишал за нив, туку со овој вид на планирање за кое конечна одлука донесува минисерот. Исто така, можноста државната урбанистичка планска документација да се употребува за уредување и користење на просторот во рамките на веќе формирана градежна парцела заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, според Судот, на тој начин се дозволува да се менуваат површини за градење и содржини (габарити и број на објекти) наместо со планови, надвор од уставните и законските рамки за планирање на просторот.

Според Судот, употребата на државната урбанистичка планска документација во плански опфат се сведува на ниво на „вид на план“, кој како таков се издвојува од другите и по начинот на донесување и одобрување, односно со државна урбанистичка планска документација да се планира просторот внатре во рамки на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 од Законот. На тој начин се овозможува и покрај тоа што со урбанистичките планови е испланиран просторот, тој во секое време да може да се планира со нови содржини дополнително преку државна урбанистичка планска документација, кој ќе го поднесе барателот и која врз основа на предлог од комисија, со решение ќе ја одобри министерот. Притоа, околноста што законодавецот во ставот 3 од членот 50 од Законот, определил дека изработката на државната урбанистичка планска документација треба да се изработува врз основа на извод од урбанистички план кога го уредува просторот во плански опфат, според Судот, тоа не значи дека со оваа документација во плански опфат, нема да се менуваат утврдените параметри во планот, односно дека нема да се предизвика нарушување на постоечката планска документација, туку напротив, ваквата регулатива дава таква можност што од уставно-правен аспект е спорно. Оттука, според Судот, со државната урбанистичка планска документација, покрај планирање на просторот вон планскиот опфат, со оспорените законски решенија и нивните делови, се овозможува планирање на просторот и во планските опфати, односно планирање на веќе планиран простор (план во план) а, ваквиот начин на менување и дополнување на урбанистичките планови надвор од востановениот системски начин на изменување и дополнување на урбанистичките планови (член 28 став 5 од Законот), според Судот, создава паралален систем на планирање на просторот (првиот веќе уреден со Законот и вториот уреден со неговите измени) во постапка без законски утврдените фази на постапување, што според Судот доведува до состојба иста работа преку два различни системи правно да се регулира.

Тргнувајќи од напред наведените причини, Судот утврди дека, оспорените законски одредби од членот 50 во дел од ставот 1, ставот 2 и дел од ставот 3 од Законот, не се во согласност со темелните вредности утврдени во членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот.

Изнесената уставносудска анализа и правно милење на Судот, се однесува и за членот 50-а во дел од ставот од 1, ставот 2 и дел од ставот 4 од Законот, со кои е разработен институтот “локална урбанистичка планска документација”, поради што и за овие одредби, Судот утврди дека не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот.

Поради горе изнесеното, Судот утврди дека со оспорените законски решенија, се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните од аспект на обезбедување на системот на планирање на просторот каде видовите, начинот и постапката на планирањето не можат да се заменуваат со паралелни законски решенија надвор од тој систем на начин како што е тоа сторено со цитираните оспорени одредби од Законот, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од: членот 5 алинеја 6 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” и алинеја 7 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, членот 17-а ставовите 4 и 5, членот 50 став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 3 во делот: “Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, членот 50-а став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 4 во делот: “Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не се во согласност со цитираните одредби од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.66/2010
2 февруари 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски