203/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 2 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 27 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја цитира оспорената законска одредба, според која: „Постапките за посвојувањето започнати пред влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.“ и наведува дека вака започнатите постапки морале да завршат според одредбите кога била покрената постапката, односно кога било поднесено барањето, а не како што било пропишано со оспорената одредба. Притоа измените и дополнувањата на Законот требале да имаат примена и да важат само по нивното влегување во сила како би уредувале идни односи. Ова од причина што законите и другите прописи не можеле да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаите кога тоа било поповолно за граѓаните, но во овој случај не постоела никаква поповолност за граѓаните. Според тоа, оспорената одредба ги повредувала член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот од кои причини подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 27 од Законот, постапките за посвојувањето започнати пред влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според ставот 2 на овој член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 на овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Ставот 4 од овој член од Уставот, утврдува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од анализата на членот 52 став 4 од Уставот произлегува дека прописите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата тргнувајќи од формулацијата на оспорената одредба заклучува дека не постои поволност за граѓаните за да одредбите од Законот што влегол во сила бидат применувани и по однос на постапките за посвојување започнати пред влегувањето во сила на Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010), односно да продолжат според одредбите на новиот закон. Според оцена на Судот, не може да се влече заклучок за повратно понеповолно дејство на закон само врз основа на формулацијата на преодната одредба, без при тоа да се направи елаборација по однос на она што било предвидено со законските одредби што биле во примена и што се предвидува со законските одредби што влегле во сила, односно дали со новите одредби се предвидуваат обврски, услови или пак критериуми кои ги доведуваат граѓаните во понеповолна положба по однос на онаа што ја имале пред влегувањето во сила на Законот. Таква елаборација во иницијативата, во овој случај недостасува, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од сето наведено Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2010
2 февруари 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски