У.бр.199/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Димитар Апасиев од Велес, за заштита на слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Димитар Апасиев од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање означено како во точката 1 од ова решение. Според наводите изнесени во барањето, подносителот имал работни ангажмани во Студентското радио при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и во тие рамки планирал на 6 октомври 2010 година на брановите на Студентското радио во редовниот термин од 21.30 часот во живо, да оди во етер емисија за културата, во која тој би бил уредник и водител. Меѓутоа, главниот и одговорен уредник на Студентското радио на Универзитетот, Даниела Блажевска, не дозволила емитување односно реализација на емисијата која имала тема „Духовна историја на човештвото“ и требала да третира компаративни теми поврзани со религијата и духовно-спиритуалните системи во светот. Воедно, подносителот бил суспендиран од вршењето на работите во Студентското радио. Бидејќи на подносителот на барањето му било оневозможено емитувањето на радио емисијата, подносителот наведува дека со тоа му било повредено уставно гарантираното право на слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, утврдено во членот 110 алинеја 3 од Уставот и бара Уставниот суд да утврди повреда на ова уставно право сторено со дејствие на главниот и одговорен уредник Даниела Блажевска и да нареди враќање во поранешна состојба.

3. Судот на седницата утврди дека според поднесеното барање на Димитар Апасиев од Скопје, за заштита на слободи и права и од одговорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, подносителот Димитар Апасиев немал договорен ангажман на програмски уредник во Студентското радио на Универзитетот, туку бил волонтерски ангажиран да извршува одредени задачи со цел да се испитаат неговите способности за новинарско ангажирање, поради тоа што немал завршено студии по новинарство туку по право, но во тие рамки бил суспендиран и отстранет од вршењето на работните задачи во радиото од страна на главниот и одговорен уредник на Студентското радио на Универзитетот, Даниела Блажевска. Неспорно е правото на Универзитетот во делот на непреченото и квалитетното функционирање на Студентското радио на Универзитетот, да менаџира и го реализира опфатот на емисиите по број, квалитет, теми, учесници итн. што е содржина и суштина на програмското и уредничкото работење на Студентското радио, а кое притоа опфаќа избор на работниците во вршењето на работите и задачите, избор на содржините и другите елементи на радиото, кое е секако во слободата на работењето на Студентското радио, па не може неприфаќањето на емитување на една емисија во Студентското радио, која можеби би била прифатена во некое друго радио во државата, да се смета за повреда на слободи и права утврдени со Уставот, или пак суспензијата од работните ангажмани да се става во тие рамки наместо да биде предмет евентуално на работни спорови пред надлежни судови. Оттука, во случајов, Судот оцени дека не се изнесени аргументи за повреда на слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот, наведени се извесни факти од конкретна ситуација на меѓусебни односи на одредени субјекти во правото кои барателот сака да ги прикаже како релација во која тој имал „права“, а тие му биле „повредени“ и да го „издигне на ниво на повреда на уставно утврдени слободи и права“, што тоа не е случај.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Посебно уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и правата утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна ситуација, Судот оцени дека во случајов само декларативно се бара Уставниот суд на Република Македонија да одлучи по предметното барање со прикажување на одреден работен ангажман во конкретен случај, како повреда на уставно утврдени слободи и права сторени со дејствие на главниот и одговорен уредник на Студентското радио на Универзитетот, Даниела Блажевска, со цел Судот да ја врател „поранешната состојба“, а со тоа и работниот ангажман на подносителот на барањето во наведеното Студентско радио, меѓутоа, ниту се изнесени аргументи ниту се настапени деловнички услови за мериторно одлучување по барањето, поради што барањето следеше да се отфрли како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2010
26 јануари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски