122/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006,129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).

2. Зорица Димитрова, Јован Домазетовски, Љиљана Треневска и Нада Ангеловска, адвокати од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, во членот 53 од Уставот на Република Македонија, адвокатурата се дефинира како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Со Законот за адвокатура, исто така, адвокатурата била определена како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедувала и давала правна помош согласно овој и друг закон и адвокатите вршеле јавни овластувања во согласност со овој и други закони. Оттука, произлегувало дека „адвокатското полномошно“ било јавна исправа, а не приватна исправа во правниот систем.

Во тој контекст, јавно правниот карактер на адвокатското полномошно не отстапувало од законските норми кои го дефинирале поимот јавна исправа и Кривичниот законик во членот 122 јавната исправа ја дефинирал како исправа издадена од надлежен орган, организација или лице кое врши работи од јавен интерес врз основа на закон или друг пропис заснован врз закон. Законот за парничната постапка во членот 215 ја дефинирал јавната исправа како исправа што во пропишана форма ја издал … во границите на својата надлежност, како и исправа што во таква форма ја издава организација или друга институција при вршење на јавно овластување што и е доверено со закон… За разлика од овие исправи, исправите издадени од физички или правни лица надвор од границите на нивните јавни овластувања биле приватни исправи.

Бидејќи била неспорна уставната и законска поставеност на адвокатурата како јавна служба, произлегувало и дека адвокатското полномошно било јавна исправа. Оттука, неодржлива била одредбата од членот 19 став 2 од Законот за извршување, од уставно правен аспект, со која се дерогирала професијата адвокат во извршните постапки, со тоа што се вршело битно ограничување на нивната работа и елиминирање во овој сегмент на активности.

Врз основа на изнесеното со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 која се однесува на владеењето на правото, членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, членот 53 според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласаност со закон и членот 54 според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Устав.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 19 од Законот е предвидено:

„Извршувањето се спроведува и по барање од лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со јавна или според закон заверена исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.

Како јавна или според закон заверена исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице.

Одредбата од ставот 1 на овој член согласно се применува и во однос на извршување против лице кое во извршната исправа не е означено како должник“.

Судот, исто така, утврди дека подносителите на иницијативата со писмо биле известени дека по однос на спорното прашање Судот веќе одлучувал и им било доставено Решението У.број 36/2008 заради запознавање.

4. Според членот 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.36/2008 од 9 јули 2008 година, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 2 од Законот за извршување. Тргнувајќи од изнесените уставни и деловнички одредби како и врз основа на тоа што за оспорената одредба од Законот Судот веќе одлучувал, а по повод предметната иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека во случајов се настапени условите согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2010
12 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски