166/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Учество на даночните обврзници во утврдување на фактичката состојба“ и член 50 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009 и 133/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставност на поднасловот и членот 50 од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 50 и поднасловот „Учество на даночните обврзници во утврдување на фактичката состојба“ од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 51 од Уставот. Ова од причина што фактичката состојба требало да ја утврдува Управата за јавни приходи како даночен орган (член 4 точка 1 и член 17 став 1, 2 и 3), а не и даночниот обврзник како што било предвидено. Имено, според подносителот, Управата за јавни приходи била должна по сила на законот и исклучиво сама, а не и даночни обврзници да учествуваат во утврдување на фактичката состојба во даночната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 50 кој е поместен во поднасловот „Учество на даночните обврзници во утврдување на фактичката состојба“од Законот за даночна постапка е предвидено дека:

(1) „Даночниот обврзник мора да учествува во утврдувањето на фактичката состојба, така што своето учество го исполнува особено со изнесување на целосни и вистинити факти, битни за оданочување и за тие свои тврдења треба да поднесе докази“.

(2) Доколку фактичката состојба која се однесува на активности во странство треба да се оцени во однос на оданочувањето, во тој случај даночниот обврзник во целост мора да ја разјасни фактичката состојба. Притоа, мора да ги прибави потребните докази и да ги користи сите правни и фактички можности. Даночниот обврзник мора да ја осигура можноста за појаснување на фактичката состојба и за прибавување на докази веќе во креирањето на своите односи со странство.

(3) Кај фактичките состојби кои се однесуваат на постапки поврзани со странство, даночниот обврзник мора да поднесе посебни документи за начинот и за содржината на неговите деловни контакти со личностите кои му се блиски.

(4) Содржината и формата на документите од ставот (3) на овој член, поблиску ги пропишува министерот за финансии.

(5) Управата за јавни приходи го задржува правото, по службена должност, да ја утврди фактичката состојба“.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009 и 133/2009) се уредува општото даночно право, постапката за утврдување на данок, постапката за контрола на данокот, постапката за наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и даночна постапка (член 1).

Овој закон се применува на сите јавни приходи и на сите споредни даночни давачки што ги управува Управата за јавни приходи на Република Македонија (член 2).

Ратификуваните меѓународни договори за оданочување имаат предимство пред националните даночни закони.

Според член 6 од Законот, Управата за јавни приходи е должна да ги утврди сите факти кои се битни за донесување на законити одлуки, при што мора подеднакво да ги земе предвид фактите кои одат во прилог и на штета на даночниот обврзник.

Според член 10, пак, од Законот, даночните факти се утврдуваат согласно со даночните закони и нивната економска суштина.

Во членот 16 од Законот е определен поимот и содржината на даночно правниот однос, според кој, даночно правен однос е однос кој во даночната постапка ги опфаќа правата и обврските на Управата за јавни приходи од една страна и даночниот обврзник од друга страна, при што особено се уредува исполнувањето на даночните обврски од страна на даночен обврзник, како и правото на Управата за јавни приходи да бара исполнување на овие обврски.

Во членот 17 од Законот се определени надлежности на Управата за јавни приходи во даночна постапка при што таа води првостепена даночна постапка, регистар на даночни обврзници и даночни акти и евиденција, откривање на даночни казниви дела и нивни извршители, водење на првостепена прекршочна постапка, како и други работи определени со овој закон.

Според член 49 од Законот, даночниот обврзник мора да ги пријави сите факти битни за оданочување особено: основањето, преместувањето и престанокот на трговското друштво или деловна единица или почетокот на вршење на стопанска дејност промена на престојувалиштето како и други факти чие пријавување е законски пропишано.

Покрај фактите од ставот 1 на овој член, даночните обврзници мора да ги пријават и:

– основањето и купувањето на претпријатија или деловни потфати во странство;
– учество во странски персонални друштва или нивно откажување или промена и
– здобивање со учество во капитални друштва во странство, како и промени во нивниот процент на учество.

Пријавата според ставовите 1 и 2 на овој член, мора во писмена форма да се достави до Управата за јавни приходи во рок од еден месец од денот на настанувањето на околности кои мора да се пријават.

Во оспорениот член 50 од Законот е предвидено дека:

(1) „Даночниот обврзник мора да учествува во утврдувањето на фактичката состојба, така што своето учество го исполнува особено со изнесување на целосни и вистинити факти, битни за оданочување и за тие свои тврдења треба да поднесе докази“.

(2) Доколку фактичката состојба која се однесува на активности во странство треба да се оцени во однос на оданочувањето, во тој случај даночниот обврзник во целост мора да ја разјасни фактичката состојба. Притоа, мора да ги прибави потребните докази и да ги користи сите правни и фактички можности. Даночниот обврзник мора да ја осигура можноста за појаснување на фактичката состојба и за прибавување на докази веќе во креирањето на своите односи со странство.

(3) Кај фактичките состојби кои се однесуваат на постапки поврзани со странство, даночниот обврзник мора да поднесе посебни документи за начинот и за содржината на неговите деловни контакти со личностите кои му се блиски.

(4) Содржината и формата на документите од ставот (3) на овој член, поблиску ги пропишува министерот за финансии.

(5) Управата за јавни приходи го задржува правото, по службена должност, да ја утврди фактичката состојба“.

Во членот 178 кој е поместен во делот IV „Правна и службена помош“ е предвидено дека под меѓународно правна помош во смисла на овој закон, се смета правото на Управата за јавни приходи врз основа на меѓународни договори, во тек на даночната постапка да се обрати за давање правна помош до странски даночен орган, како и обврска на Управата за јавни приходи да даде таква помош на странски даночен орган.

Ако давањето на меѓународна правна помош не е уредена со меѓународен договор, правна помош може да се даде под услов, ако: постои реципроцитет; државата која ја прима правната помош се обврзе дека примените информации и документација ќе ги користи само за целите на даночна, прекршочна или кривична постапка како и дека ќе бидат достапни само на лицата, органите на управата односно правосудните органи надлежни за одреден даночен предмет или спроведување на прекршочна, односно кривична постапка во врска со тој предмет и други таксативно наведени услови.

Од анализата на целината на Законот за даночна постапка произлегува дека даночно правниот однос е правен однос помеѓу Управата за јавни приходи и даночниот обврзник и дека поради тоа сите обврски во даночната постапка поврзани со пријавување на фактите битни за оданочување и учество во утврдување на фактичката состојба и поднесувањето на доказите, законодавецот ги предвидел првенствено како обврски на даночниот обврзник, а на Управата за јавни приходи и дал овластување да ги користи сите доказни средства потребни за утврдување на фактите битни за оданочување.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорениот член 50 и поднасловот се повредувало начелото на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и член 51 од Уставот.

Ова од причина што оспорената одредба и поднасловот „Учество на даночните обврзници во утврдување на фактичката состојба“ не може да се гледаат изолирано, без притоа да се имаат предвид и другите одредби од Законот за даночната постапка во кои се утврдени правата и обврските на даночниот обврзник од една страна и државата преку даночниот орган од друга страна која има обврска да го утврди и наплати данокот.

Ваквата законска поставеност на правата и обврските на учесниците во даночно правниот однос е во насока на исполнување на уставната обврска за плаќање на даноците како јавна давачка, а со цел оневозможување евазија на даночниот систем, односно одбегнување на плаќање на даноците.

Оттука, утврдената обврска на даночниот обврзник да учествува во утврдувањето на фактичката состојба за утврдување на данокот без оглед дали неговото работење е во државата или во странство е во негов интерес, а со цел правилно да се утврди фактичката состојба и правилно да се применат институтите на оданочувањето, олеснувањето или ослободувањето од даночната обврска.Ова дотолку повеќе што даночниот обврзник уште при воспоставување на односите со странство има правна и фактичка можност да ги прибави и обезбеди доказните средства.

Според тоа, со обврската даночниот обврзник да учествува во утврдувањето на фактичката состојба, Управата за јавни приходи не е ослободена од обврската по службена должност да ја утврди фактичката состојба согласно одредбата од член 178 од Законот по пат на меѓународна правна помош да се обрати до странскиот даночен орган и да бара одредени информации и документи за целите на даночната постапка.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека оспорениот поднаслов „Учество на даночните обврзници во утврдување на фактичката состојба“ и член 50 од Законот за даночната постапка не можат да бидат доведени под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува поднасителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.166/2010
12 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски