Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 декември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката Д.бр.03-90 од 23 јуни 2010 година донесена од Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
2. Богољуб Павловски и група граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.
Со иницијативата се бара поништување или укинување на диспозитивот на оспорената одлука, од причина што истата (особено точките 1 и 2) биле во директна спротивност со Уставот (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 12 став 1, член 16 став 1, член 18 став 2, член 20 ставови 1 и 2, член 25, член 33, член 44 ставови 1 и 2, член 47 став 3, член 50 став 3, член 51, член 54 ставови 1 и 3). Оспорената одлука, исто така, била спротивна со член 19 став 1 од Законот за здруженија и фондации и со член 11 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за човековите права и основните слободи и Дополнителниот протокол бр. 11.
Со иницијативата, исто така, се бара, поради сериозноста на прашањето, кое ескалирало масовно последниве месеци, до донесувањето на конечната одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, со оглед на оценката на подносителите дека со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и тешки последици.
Во образложението на иницијативата се наведува дека со оспорената одлука која се однесува на сите студенти од сите академски години, се воведувало нешто што не било чуено во современите демократски и цивилизирани општества – а тоа е принципот на задолжително членство што било својствено за мрачниот среден век и за надживеаниот феудализам.
Слободата на здружување е елементарно човеково право на сите граѓани вклучувајќи ги и студентите. Апсурдно било во 21 век, еден студент на државен универзитет да не може да запише следна студиска година ако одбие да плати членарина за Студенскиот парламент на својот матичен факултет, кој дејствувал како обично здружение на граѓани кое не може и не смее да има никакви привилегии или повластици.
Според наводите во иницијативата, студентите имаат неприкосновено право да одлучат дали ќе членуваат или нема да членуваат во некоја организација, и ниту еден државен, а уште помалку студентски (невладин) орган не може да ги присили да станат членови на која и да било асоцијација, спротивно на нивната волја.
Во иницијативата се укажува дека ограничувањето на слободата на здружување, согласно Уставот, било мошне рестриктивно уредено и се однесувало на три случаи: 1) да не се користи за насилно уривање на уставниот поредок на Македонија; 2) да не стимулира поттикнување или повикување на воена агресија; и 30 да не се употребува во функција на разгорување на национална, верска или расна омраза и нетрпеливост и се укажува дека овој случај не би можел да се подведе под ниту еден од трите наброени.
На крајот од иницијативата се укажува дека овој концепт бил составен дел од пошироката комплексна идеја за правна држава и владеење на правото и дека и Европската конвенција за човекови права (член 11 ставови 1 и 2) како и Европскиот суд за човекови права со својата практика, ја гарантираат и штитат општата слобода на здружување, се разбира со одредени рестрикции, што ги бара едно модерно демократско политичко уредување, согласно со принципот на пропорционалност.
Од наведените причини, подносителите сметаат дека оваа евидентно противуставна одредба треба да биде касирана и повеќе да не постои во нашиот правен систем како мошне штетна по студентскиот стандард и која се повеќе предизикува негативни последици во практиката.
3. Судот на седницата утврди дека Студентскиот Парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, на седницата на Претседателството одржана на ден 23.06.2010 година ја донел оспорената одлука Д.бр.03-90.
Согласно точката 1 на Одлуката, студентите при запишување на година да уплатуваат средства за Студентски Парламент на факултетот.
Според точката 2 на Одлуката, висината на средствата да изнесува 250,00 денари со назнака уплата за членарина за Студентски Парламент.
Во точката 3 од Одлуката е опредлено дека одлуката стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од денот на запишување на факултетот.
Во претходната постапка беше прибавено мислење од Студентскиот парламент по однос на оспорената одлука, од кое Судот доби сознание дека во меѓувреме стапила во сила друга одлука со која членувањето во Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје и во Студентските парламенти на факултетите е доброволно, необврзувачко и зависи од волјата на секој студент. Со оглед на овој факт, Судот повторно се обрати до Студентскиот парламент и побара писмено да биде известен дали оспорената одлука е сеуште во сила, како и да му биде доставена новата одлука.
Студентскиот парламент, со писмо од 9 декември 2010 година го извести Уставниот суд, дека на 20 август 2010 година, Претседателството на Студентскиот парламент донел нова одлука во врска со висината на членарината во Студентскиот парламент, со која одлука престанала да важи оспорената одлука од 23 јуни 2010 година.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорената одлука е донесена од страна на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на 23 јуни 2010 година под Д.бр.03-90 и со неа се утврдува студентите при запишување на година да уплатуваат средства за Студентски парламент на факултетот и се утврдува висината на средствата – 250, оо денари на има членарина за Студентски парламент.
На 20 август 2010 година, Претседателството на Студентскиот парламент донел нова одлука во врска со висината на членарината во Студентскиот парламент, со која што одлука престанала да важи оспорената одлука од 23 јуни 2010 година.
Со оглед на тоа што оспорената одлука на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Д.бр.03-90 од 23 јуни 2010 година престанала да важи со донесувањето на Одлуката на Студентскиот парламент Д.бр.03-108 од 20 август 2010 година и не е веќе дел од правниот поредок, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.175/2010
29 декември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски