Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 декември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љубомир Данаилов Фрчкоски од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
2. Љубомир Данаилов Фрчкоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, за кои што тој смета дека му биле повредени со пресуда на Основниот суд Скопје 1 XIV К.бр.5233/07 од 18 декември 2008 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр. 866/09 од 28 мај 2009 година.
3. Подносителот во барањето наведува дека уставното право на слобода на мислата и јавно изразување на мислата му било повредено во кривичната постапка иницирана по приватната тужба на тужителот Никола Груевски, во која биле погрешно толкувани одредбите од Кривичниот закон кои се однесуваат на кривичните дела клевета, навреда и омаловажување со префрлање за сторено кривично дело, а на штета на неговото уставно загаранитирано право на слобода на мислата. Тој бил огласен за виновен и осуден на парична казна и обештетување за нематеријална штета поради нарушени чест и углед, во износ од 1.800.000,оо денари, односно 29.270 евра или севкупно 31.820 евра, што претставувал највисок износ воопшто изречен во Република Македонија за овој вид на кривични дела.
Повод за приватната тужба и ваквата пресуда биле наводите во колумната на подносителот на барањето, објвавена во весникот „Дневник“ од 4 септември 2007 година, под наслов „Окта версус Кољо Дијамантот“, во која тој, како редовен долгогодишен колумнист на весникот, се обидел критички и слободно да се осврне и изрази во поглед на лоцирањето на одговорноста за продажбата на Рафинеријата ОКТА и повластувањето на странските инвеститори со што Република Македонија била задолжена со пресуди на Парискиот и Лондонскиот суд да плати оглромни парични средства на име обештетување на странски инвеститор.
Подносителот понатаму цитира делови од колумната врз основа на кои првостепениот суд ја донел осудителната пресуда, која тој како незадоволен ја обжалил пред Апелациониот суд Скопје, кој жалбата ја одбил како неоснована и ја потврдил пресудата на првостепениот суд.
Во барањето понатаму подносителот укажува на практиката и пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур кои се однесуваат слободата на печатот и говорот и слободното изразување, се осврнува на вистинитоста или невистинитоста на фактите изнесени во спорната колумна, дава аргументи за диспропорционалноста при заштитата на честа и угледот на Приемиерот како единствена легитимна цел и на крајот бара од Уставниот суд да одржи јавна расправа, со учество на сите релевантни учесници во постапката и врз основа на така одржаната јавна расправа да донесе одлука со која ќе ги поништи пресудата на Основниот суд Скопје 1, К.бр.5233/07 од 18 декември 2008 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр. 866/09 од 28 мај 2009 година.
4. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето за заштита на слободи и права Љубомир Данаилов Фрчкоски со пресуда на Основниот суд Скопје 1 XIV К.бр.5233/07 од 18 декември 2008 година бил огласен за виновен за кривично дело – Клевета по член 172 став 1 од Кривичниот законик, кривично дело – Навреда по член 173 став 1 од Кривичниот законик и кривично дело – Омаловажување со префрлање за кривично дело по член 175 од Кривичниот законик и откако за секое кривично дело определил поединечни парични казни, го осудил на единствена парична казна од сто дневни глоби во вредност од 2.500 евра во денарска противредност од 153.750,оо денари, бил задолжен да плати на име кривичен судски паушал 3000,оо денари надомест на име нематеријална штета за повреда на честа и угледот на приватниот тужител Никола Груевски во износ од 1.800.000,оо денари. Судот одлучил на сметка на осудениот да се објави извод од пресудата во дневниот весник „Дневник“.
Незадоволен од првостепената пресуда, Љубомир Данаилов Фрчкоски на 26 февруари 2009 година поднел жалба до Апелациониот суд Скопје со која ја побивал првостепената пресуда поради сторени суштествени повреди на одредбите од кривичната постапка, повреда на Кривичниот законик, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, одлуката за кривичната санкција, трошоците на кривичната постапка, имотно-правното барање и поради одлуката за објавување на пресудата во дневен весник.
Апелациониот суд Скопје со Пресуда КЖ.бр. 866/09 од 28 мај 2009 година, жалбата на обвинетиот ја одбил како неоснована и пресудата на провстепниот суд ја потврдил.
Љубомир Данаилов Фрчкоски поднел предлог за поднесување барање за заштита на законитоста до Јавниот обвинител на Република Македонија, примено на 11 септември 2009 година во Јавното обвинителство на Република Македонија, по што тој бил писмено известен дека нема основ за примена на ова вонредно правно средство.
Према наводите во барањето поднесено до Уставниот суд, подносителот на барањето вложил жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур за повреда на правото на слобода на изразување од член 10 на Конвенцијата и за повреда на правото на правично и фер судење од член 6 од Конвенцијата (апликација бр. 61301/09).
На 3 декември 2010 година Љубомир Данаилов Фрчоски до Уставниот суд на Република Македонија поднел барање за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
По приемот на барањето, во претходната постапка, Судот писмено се обрати до Основниот суд Скопје 1 со барање да го известат за тоа на кој датум странката ја примила второстепената пресуда.
Од страна на Основиот суд Скопје 1 до Уставниот суд беа доставени фотокопија од повратница со која се потврдува дека на Љубомир Данаилов Фрчкоски, лично во судот, на 8 јули 2009 година му била врачена пресудата на Апелациониот суд.
Покрај тоа, Основниот суд Скопје 1 достави и фотокопија на доставница со која се потврдува дека Љубомир Данаилов Фрчковски на 13 јули 2009 година, ја примил Пресудата КЖ.866/09 од 28 мај 2009 година, комплетна, со оглед на тоа што во првата достава недостасувала страна 8 од пресудата.
Оттука како датум кога била извршена уредна достава, односно кога подносителот на барањето ја примил второстепената пресуда комлетна, Судот го утврди 13 јули 2009 година.
5. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во претходна постапка се утврди дека барањето на Љубомир Данаилов Фрчкоски за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата до Уставниот суд е поднесено на 3 декември 2010 година.
Видно од доставената фотокопија на повратница и доставница на Основниот суд Скопје 1, уредна достава на комплетната пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.866/09 од 28 мај 2010 година, на Љубомир Данаилов Фрчкоски била извршена на 13 јули 2009.
Од наведената фактичка состојба јасно произлегува дека барањето за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилната пресуда, поради што Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.216/2010
29 декември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски