Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 декември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на
а) уставноста на член 22 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) и
б) уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на начинот на оцена на работата на јавните обвинители А.бр.50/2008, донесен од Советот на јавни обвинители на Република Македонија на 25 септември 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2010).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 22 од Законот означен во точката 1-а и уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1-б од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспореното законско решение и оспорениот правилник немале основ во Уставот на Република Македонија, затоа што јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници согласно Амандман XXX од Уставот, а не со правилник како што е предвидено во оспорената законска одредба.
Воедно, подносителот на иницијативата го оспорува правилникот и од аспект на повреда на член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, со оглед на тоа што тој не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“.
Од наведените причини според подносителот со оспорената законска одредба и оспорениот правилник се повредувале одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 став 1, член 106 став 1 и Амандман XXX од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 22 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008).
„1. Советот на јавни обвинители на Република Македонија донесува Правилник за утврдување на начинот за оцена на работата на јавните обвинители.
2. Оцената од ставот 1 на овој член ја врши непосредно повисокиот јавен обвинитиел за секој јавен обвинител поединечно, во период од секои две години.
3. Оцена за работата на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција ја врши јавниот обвинител на Република Македонија.
4. Оцената од ставот (1) се доставува до Советот на јавни обвинители на Република Македонија“.
Судот понатаму утврди дека врз основа на членот 22 од Законот, Советот на јавни обвинители на седница одржана на 25 септември 2008 година, донел Правилник за утврдување на начинот на оцена на работата на јавните обвинители. Овој Правилник во моментот на поднесување на иницијативата не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ и ако во самиот правилник (член 22) било предвидено дека тој ќе влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. По поднесување на барање за доставување на оспорениот правилник, истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2010).
Според член 1 од Правилникот, со него се утврдуваат правила, критериуми и начин на оцена на работата на јавните обвинители.
Оценката на работата на јавните обвинители има за цел да ја афирмира јавно обвинителската функција и нејзиното законито, непристрасно и објективно вршење и заштита на човековите права и слободи.
Оценката на работата на јавните обвинители ја врши непосредно повисокиот јавен обвинител за секој јавен обвинител поединечно во период од 2 години.
Оценка за работата на јавните обвинители на вишите јавни обвинителства и јавните обвинители во вишите јавни обвинителства дава Јавниот обвинител на Република Македонија.
Оценка за работата на јавните обвинители на основните јавни обвинителства и јавните обвинители во основните јавни обвинителства даваат вишите јавни обвинители.
Оценка за работата на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и јавните обвинители во тоа јавно обвинителство дава Јавниот обвинител на Република Македонија.
Во членот 4 од Правилникот се преземени критериумите од членот 45 од Законот за јавното обвинителство за оцена на работата на јавните обвинители: стручност и професионалност во вршењето на функцијата, ажурност и ефикасност, непристрасност и совесност, углед и етичност достојни за функцијата, комуникативност и соработка, организаторски способности, континуирана едукација и лично научно усовршување.
Во членовите од 5 до 11 од Правилникот е разработено значењето на овие критериуми, заради практична примена.
Во членот 12 од Правилникот, кој е поместен во делот „Начин и постапка на оценување“ е предвидено дека Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители на Вишите јавни обвинителства со годишниот распоред за работа одредуваат работни групи за секое јавно обвинителство и период во кој треба да се спроведе постапка за оцена на работата на секој јавен обвинител во тие јавни обвинителства.
Оценката за работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во предметното постапување (уписници и предмети) и преку непосреден разговор со секој јавен обвинител.
Со непосредниот увид во предметното работење се утврдува бројот на кривичните пријави, предмети и поднесоци; бројот на решени кривични пријави во законскиот рок; бројот на нерешени кривични пријави и предмети и причини за нивно нерешавање, квалитетот на јавно обвинителските одлуки – придржување кон законските формулации, способност за пимено изразување и јасно и прецизно образложување на одлуките. (член 14).
Со непосреден увид во уписниците од административно управен карактер и со непосредно обавен разговор се утврдува организаторската способност на јавните обвинители како и нивната способност за градење углед и авторитет на јавното обвинителство (член 15).
Во членот 16 од Правилникот е утврдено дека оцената за работата на јавните обвинители може да биде изразена како негативна и позитивна, а позитивната како задоволителна, добра, многу добра и особено се истакнува.
Резултатите од спроведената постапка за работа на јавните обвинители се внесуваат во образец чија форма и содржина ќе ја утврди со одлука Советот на јавни обвинители на Република Македонија по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија.
Примерок од пополнетиот образец веднаш се доставува до Советот на јавни обвинители и до јавниот обвинител за кого се однесува оценката.
Доколку јавниот обвинител не е задоволен од оценката што ја добил, може да поднесе писмено барање до Советот на јавни обвинители да спроведе постапка за повторно оценување на неговата работа.
Барањето за повторна оцена се поднесува во рок од 8 дена од денот на приемот на образецот.
Советот на јавните обвинители во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето за повторна оцена е должен да одговара за основаноста на истата.
Доколку Советот на јавни обвинители оцени дека барањето е основано, писмено ќе го задолжи јавниот обвинител што ја спровел постапката за оценување да изврши повторна оцена при што ќе му даде и конкретни упатства. Повторно дадената оценка е конечна.
Во членот 20 од Правилникот е утврдено дека овој правилник Советот на јавни обвинители го донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Јавното обвинителство согласно членот 106 став 1 од Уставот е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Согласно Амандман XXX со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.
Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.
При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Со Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) се уредуваат надлежноста, основањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.
Во членот 2 од Законот е утврдено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Во точка 6 од истиот закон, е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација согласно со закон. Почитувањето на принципите од став 1 на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.
Операционализација на овие принципи јасно може да се согледа преку анализата на одредби од членовите 20 до 28 во кој се уредени прашањата кои се однесуваат на одговорноста, надзорот, оценувањето, давање задолжителни писмени насоки од непосредно повисокиот јавен обвинител при вршење надзор, оценка како и преземање кривично гонење за кое е надлежен понискиот јавен обвинител.
Во контекст на наведеното во оспорениот член 22 од Законот е предвидено дека врз основа на правилник непосредно повисокиот јавен обвинител врши оцена на работата на секој јавен обвинител од пониското јавно обвинителство кој правилник го носи Советот на јавни обвинители.
Согласно Законот за Советот на јавни обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007) Советот на јавни обвинители е самостоен орган кој ја обебедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција (член 2).
Во членот 9 од наведениот закон, покрај другите надлежности на Советот на јавни обвинители е утврдено дека тој ја следи работата на јавните обвинители врз основа на оцената за нивната работа согласно со Законот за јавното обвинителство.
Оттука, имајќи ја предвид уставната поставеност на јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон и уставната поставеност на Советот на јавни обвинители кој е самостоен орган и кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители, Судот смета дека овластувањето на Советот на јавни обвинители дадено со Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители, да донесува Правилник за оцена на јавните обвинители не ја доведува во прашање нивната уставна поставеност.
Напротив, според Судот, оценувањето на работата на јавните обвинители има за цел, јавно обвинителската функција да ја вршат лица со несомнено високо стручно значење, лица кои уживаат углед, како и лица кои ја афирмираат јавно обвинителската функција. Дека оценувањето на работата на јавните обвинители има своја законска рамка, наспроти наводите од иницијативата, се огледа во членот 45 од Законот за јавното обвинителство. Имено, според овој член Советот на јавни обвинители во повисокото јавно обвинителство ќе избере лице со потврдени разултати во работата кое има стручни и професионални квалитети и кое ужива углед во вршењето на функцијата врз основа на стручно знаење земајќи ги предвид специјалистичките и постдипломските студии и учество во континуирана едукација, ажурност во извршување на работата како јавен обвинител, способност за стручно разрешување на правните прашања, уживање и чување на угледот на јавниот обвинител и јавно обвинителската функција, професионалниот однос и други критериуми.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 22 од Законот со наведените уставни одредби, ниту да се постави прашање за согласноста на оспорениот Правилник со Уставот, со Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители.
Што се однесува до наводите од иницијативата дека оспорениот правилник не може да опстои во правниот поредок и поради фактот што тој не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“, Судот оцени дека овие наводи не може да претставуваат основ за оцена на уставноста на правилникот од овој аспект. Ова од причина што тој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2010.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.84/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски