Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 декември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3, 5, 6, 7, 8, 23, 26 и 28 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, бр. 07-3395/1, донесена од Советот на Град Скопје на 04.12. 2008 година и објавена во (“Службен гласник на Град Скопје” бр.17/2008 од 10 декември 2008 година).
2.Стрезо Стрезовски од Скопје и Ацо Стојковски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и закнитоста на одредби од Одлуката означени во точкaта 1 на ова решение.
3.Според наводите на иницијативата поднесена од страна на Стрезо Стрезовски од Скопје се бара оценување на уставноста и законитоста на гореспоменатите одредби на членовите од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје. Истиот ги групира оспорените одредби во седум тематски целини и за секоја од нив ја изнесува нивната содржина и причините за оспорување, кои се изнесени во секој од посебните целини на ова решение.
Наводите во иницијативата на Ацо Стојковски, адвокат од Скопје, се однесуваат на барањето да се оцени уставноста и законитоста на член 5 став 1 точка 2 од истата одлука со образложение дека оваа одредба била во спротивност со членот 27 од Уставот на Република Македонија; членот 3 од Законот за јавните патишта и член 10 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” 5/02) а во врска со член 10 став 1 точка 4 алинеја 14 и член 12 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на РМ” 55/04), Советот на градот Скопје на седумдесет и петтата седница одржана на 4 декември 2008 година донесе Одлука за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје. Оваа одлука содржи 35 члена распоредени во 10 глави.
Судот на седницата исто така утврди дека според содржината на членот 3 од Одлуката, изградбата, одржувањето и користењето на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје се во надлежност, односно се работи од јавен интерес од локално значење за Градот Скопје. Работите од став 1 на овој член можат да ги вршат субјекти овластени од градот Скопје (во натамошниот текст: организатори на паркирањето), во согласност со закон и оваа одлука.
Според наводите на иницијативата Стрезо Стрезовски од Скопје, Советот на Град Скопје сам си ја одредил и доделил надлежноста „користење“ која ја немало на листата на надлежности дадена во член 22 став 4 од Законот за локална самоуправа. Понатаму наведува дека во оспорената одредба не било јасно образложено што се подразбирало под поимот „користење“ и можело да се заклучи дека се работело за тоа дека целиот текст на одлуката ги третира јавните паркиралишта како предмет за стопанисување, заработување и комерцијално работење. Исто така, наведува дека јавните паркиралишта биле објекти за општо и јавно користење на сите граѓани бидејќи истите плаќале даноци и такси за нивната изградба. Имено, смета дека ваква можност не била предвидена во Законот за локална самоуправа и Законот за Градот Скопје и констатира дека ако сакал законодавецот да даде надлежност за користење на јавните паркиралишта во било какви цели, па и во комерцијални цели, тоа ќе го направел за сите општини на Република Македонија, а не само за градот Скопје и општините во градот Скопје. На овој начин биле повредени повеќе членови од Уставот, меѓу кои и член 8 став 1 алинеја 6, член 30, член 56 и член 117.
Судот на седница утвди дека според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро за поединецот и на заедницата, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопстваноста и правата кои произлегувваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Согласно член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија, покрај другото ги утврдува и јавните давачки.
Согласно член 117 од Уставот, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.
Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здраствената заштита и во други области утврдени со закон ( точка 2 на Амандман VII).
Градот Скопје се финансира со сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.
Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на градот Скопје.
Согласно член 36 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” 5/02) Советот донесува статут и други прописи, основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; именува членови во управните одбори на јавните служби кои ги основа; усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината.
Според член 10 став 1 точка 4 алинеја 13 од Законот за Градот Скопје, во надлежност на градот е изградбата, одржувањето и користењето на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје. Оттука, не може да стане збор за самовласно одредување и доделување на ваква надлежност. По однос. на оспорувањата за користење, односно стопанисување, заработување и комерцијално работење на јавните паркиралишта, на истото се осврнуваме во коментарот кон членот 23 на Одлуката.
Судот на седница утврди дека според членот 5 од Одлуката, јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, во смисла на одредбите на оваа одлука, се посебно уредени и обележани простори наменети за групно паркирање на определен вид на возила, и тоа: во рамки на површини или градби, утврдени за таква намена и дефинирани со урбанистички план, на самите магистрални и собирни улици (коловоз, тротоар, заштитен појас), како и на улици што гравитираат кон нив или надвор од површините опфатени со тие улици, утврдени и дефинирани со посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје.(став 1)
Јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, во смисла на одредбите на оваа одлука се и посебно уредени и обележани простори на градежно неизградено земјиште, наменети за паркирање, од времен карактер, изградени од градот Скопје врз основа на посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје, до реализација на намената на земјиштето согласно урбанистички план. (став 2)
Според наводите во иницијативата на Стрезо Стрезовски од Скопје со оваа одредба се пречекорувала слободата што ја давале повеќе закони како Законот за Градот Скопје и Законот за градење на начин што сите изградени и неизградени простори, како и сите улици и тротоари да можат да бидат претворени во јавни паркиралишта од значење за градот Скопје. Исто така наведува дека се давало овластување Советот на Град Скопје да дава одобренија за градба на јавни паркиралишта, врз основа на „посебни проекти”, што било спротивно на Законот за градење и тоа членовите; 2, 49 до 60, 62 и 73 до 80 и Законот за градот Скопје член 10 став 4.
Според наводите во иницијативата на Ацо Стојковски, адвокат од Скопје со оспорената одредба од одлуката се ограничувала и спречувала основната функција на патиштата од интерес на Градот, истата создавала опасна ситуација во центарот на Градот односно се доведувало во прашање одвивањето на целокупниот сообраќај, а намената на паркиралиштата им била да се обезбеди безбеден и непречен превоз на стока и патници во патниот сообраќај. Советот на Град Скопје си дозволувал да се затворат цели улици во градот и да се парализира цел сообраќај со што се загрозувало уставното право на секој граѓанин слободно да се движи на територијата на Република Македонија. Исто така наведува дека се создавала конфузност во најфреквентните улици на самите тротоари, дури и на коловозите имало обележани места за зонско паркирање и се создавала опасност за поминување на пешаците бидејќи сите слободни простори биле зафатени со зонско паркирање. На крајот констатира дека Советот на Град Скопје не смеел со оваа одлука да го спречи или ограничи сообраќајот на јавен пат со прогласување на јавно паркиралиште, а средствата кои се наплаќале од самите станари кои живеат во зградите до овие паркиралишта за местото означено како “забрането паркирање” наплаќаат по 200,00 денари по повластени услови ги смета за прилив на градските власти.
Судот на седница утврди дека според член 27 од Уставот, секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.
Согласно Законот за Градот Скопје е утврдено дека изградбата, одржувањето и користењето на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план, претставуваат надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје (член 10 став 1 точка 4 алинеја 13), додека, пак, изградбата, одржувањето и користењетo на јавните паркиралишта од значење за општината утврдени со урбанистички план, претставуваат надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје (член 15 став 1 точка 4 алинеја 6). Оттука, одредбите од членот 5 на Одлуката претставуваат одредници за јавни паркиралишта од значење за градот Скопје. При тоа, покрај јавните паркиралишта утврдени со урбанистички план; како јавни паркиралишта од значење за градот Скопје се сметаат и посебно уредените и обележани простори: на коловозите, тротоарите, заштитниот појас на самите улиците (т.н. улично паркирање), што ќе биде утврдено и дефинирано со посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје. Правниот основ за ваквото овластување произлегува од дефиницијата на јавните паркиралишта дадена во член 4 став 1, точка 21 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на РМ бр.84/08, 52/09, 114/09 и 39/10) според која “Јавните паркиралишта може да бидат надвор од површините опфатени со патиштата и улиците или на самите патишта и улици”.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на РМ” бр. 54/07, 86/08, 98/08 и 64/09), Советот на Градот Скопје го уредува сообраќајот на локалните патишта, на своето подрачје за што задолжително прибавува претходна согласност од Министерството за внатрешни работи. Уредувањето на сообраќајот, покрај другото, опфаќа и “определување на површините за паркирање и начинот на паркирање, забраната за паркирање и местата за ограничено паркирање” (член 6, став 3, алинеја 6), како и “надзор над паркирање на возила на места на кои паркирањето е временски ограничено” (член 6, став 3. алинеја 15). Согласно член 392 од овој закон, режимот на сообраќајот за локални патишта и улици, врз основа на сообраќаен проект, го утврдува со решение градот Скопје, во согласност со министерот за внатрешни работи. Под режим на сообраќајот, меѓу другото, се подразбира и “определување на простори за паркирање и запирање на возила ..” (став 2 алинеја 2); на градежно неизградено земјиште, од времен карактер, изградени од градот Скопје врз основа на посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје, до реализација на намената на земјиштето согласно урбанистички план. Истото има поткрепа во член 2 став 1 точка 3 од Законот за градење (“Службен весник на РМ” бр. 130/09), во смисла на времените објекти поставени заради вршење на сообраќајните дејности (привремени паркинзи).
Судот утврди дека од изнесеното јасно произлегува дека воопшто не станува збор за “одобренија за градење”, туку за одобрување на посебни проекти со кои одредени површини или простори се определуваат и дефинираат како јавни паркиралишта од значење за градот Скопје. Оттука, овие одредби не значат повреда на одредбите на Законот за градење, односно не узурпираат овластувања на надлежни органи според овој закон.
Судот исто така констатираше дека подносителот на иницијативата се повикува на Законот за градење (“Службен весник на РМ” бр. 51/2005) кој престана да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за градење (“Службен весник на РМ” бр.130/2009 и 124/2010).
Судот на седница утврди дека дејноста паркирање на јавните паркиралишта од членот 5 на оваа одлука, вклучувајќи ги изградбата, одржувањето и користењето на јавните паркиралишта, како и техничките и организциските работи, наплатата и надзорот над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта ја врши Јавното претпријатие “Градски паркинг” Скопје (во натамошниот текст: ЈП “Градски паркинг”).”
Според наводите во иницијативата со овој член “Советот на Град Скопје пренесувал односно делегирал надлежности на ЈП “Градски паркинг” кои воопшто не биле во надлежност на Советот, како што се „користење, наплата и надзор на паркирање”, при тоа биле повредени членовите 11, 22 и 24 од Законот за локална самоуправа и член 2 од Законот за комунални такси, на јавното претпријатие му биле доделени надлежности кој не биле спомнати во листата на надлежности на пример наплата и надзор над паркирањето. Наплата на паркирањето никаде не била спомната како надлежност на општината (образложение кон член 6 став 2). Имено, согласно член 11 став 2 од Законот за локална самоуправа како извори за финансирање на општината се споменувале даноци, надоместоци и такси утврдени со закон, а не било спомнато како законски извор на финансирање наплатување за паркирање кое асоцирало на стопанисување, профитирање, заработување, ќарување и стекнување материјална корист. (образложение кон член 6 став 2). Исто така во иницијативата е наведено дека според начелото на субсидијарност логично било ако Советот на Град Скопје не можел ефикасно да ја извршува оваа надлежност и таа делумно или во целост да биде пренесена на општините. Но Советот на Град Скопје не го правел тоа, туку целата надлежност ја пренел на јавното претпријатие, а во наредните членови 7 и 8 од Одлуката дури се подготвувал да ја пренесе и на други домашни и странски правни лица. (образложение кон член 6 став 3)
Судот на седница утврди дека според член 10 став 1 точка 4 алинеја 13 од Законот за Градот Скопје наведено е дека изградбата, одржувањето и користењето на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје претставуваат надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје.
Според член 24 од Законот за локалната самоуправа, општините и градот можат, заради извршување на своите надлежности, да основаат јавни служби, во согласност со закон (став1) или да го делегираат вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа, на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон.
Согласно Законот за комунални дејности (“Службен весник на РМ бр.45/97, 23/99, 45/02, 16/04 и 5/09) одржувањето и користењето на јавниот простор за паркирање, под што се подразбира одржување на просторот и објектите и давање на соодветни услуги, како и утврдување на начинот на негово користење претставува комунална дејност (член 3 точка 13) чие вршење е од јавен интерес. Комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност (член 14). Комуналните дејности можат да ги вршат домашни и странски физички и правни лица кои се должни да обезбедат трајно и квалитетно вршење на комуналните дејности како и одржување на објектите и опремата на комуналната инфраструктура во функционална состојба(член 5).
Според Законот за претпријатија (Службен весник на РМ бр.38/96, 6/02, 40/03, 40/06, 22/07 и 83/09), дејности од јавен интерес можат да вршат јавни претпријатија или друштва на кои им е доверено нивното вршење (член 2 став 2) или физички и правни лица врз основа на дозвола и договор (членови 43 и 44).
Судот смета дека неспорно е правото на градот да основа јавно претпријатие или да делегира односно довери вршење на дејности од јавен интерес, и по однос на ова прашање не може да станува збор за несогласност на оспорените одредби на членовите 6, 7 и 8 од Одлуката со Законот за локалната самоуправа.
Вршењето на технички и организциски работи, наплата и контрола над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта не претставуваат надлежности на градот. Сметаме дека во оваа одредба тие не се наведени во смисла на пренесување на надлежности, туку во смисла на наведување на елементарни обврски што јавното претпријатие е должно да ги врши во функција на обезбедување на услугата. Исто така сметаме дека прашањето на комуналната такса не смее да се поистоветува со прашањето на правото на определување на цена на услугата и на наплатата на истата од страна на јавното претпријатие. Имено, комуналната такса претставува изворен приход на градот што е утврден со закон. Цената на услугата, пак, претставува приход на јавното претпријатие, што се утврдува од страна на Јавното претпријатие во согласност со основачот.
Во однос на сфаќањето на подносителот на иницијативата на начелото на супсидијарност, Судот смета дека станува збор за произволно и погрешно користење на правни поими и институти, односно нивно дискреционо толкување.
Судот на седница утврди дека според член 7 од оваа Одлука, Градот Скопје може да одлучи одредени јавни паркиралишта од членот 5 на оваа одлука и вршењето на дејноста паркирање на површината на истите да ги даде на други субјекти под концесија или јавно приватно партнерство, во согласност со соодветните прописи.
Судот исто така утврди дека според Член 8 од оваа Одлука, Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот на град Скопје, врз основа на утврдена потреба и оправданост, може да одлучи за користење на одредени јавни паркиралишта од членот 5 на оваа одлука за вршењето на дејноста паркирање да даде дозвола на домашно или странско правно лице, врз основа на спроведен јавен оглас. (став1). Постапката за избор на организаторот на паркирањето ја спроведува градоначалникот на град Скопје. (став 2)
Според наводите во иницијативата со овие оспорени одредби од Одлуката се овластувал Советот на град Скопје да ги дава јавните паркиралишта, односно „дејноста паркирање” на користење, концесија и јавно приватно партнерство, што било спротивно на член 56 од Уставот, член 6 од Законот за концесии и член 24 од Законот за локална самоуправа. Градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје не биле сопственици на јавните површини туку јавните паркиралишта претставувале добро од општ јавен интерес и општа употреба и како такви биле заштитени со низа закони и не биле наменети за ничие стопанисување и комерцијално користење. Имено, јавните служби биле непрофитабилни организации и можеле да го делегираат вршењето на одредени работи од јавен интерес, а надлежноста на градот Скопје во ниеден случај не би можела да биде предмет на стопанисување.
Судот на седница утврди дека според член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Согласно Законот за јавните претпријатија, концепцијата за јавните претпријатија е конституирана врз основа на категоријата “дејност од јавен интерес”. Според стариот Закон за јавни претпријатиjа кој важел до 2006 година, наместо категоријата “дејност од јавен интерес” се користела категоријата “стопански дејности од јавен интерес” односно дејности кои биле незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи. Со измените и дополнувањата на Законот извршени во 2006 година првобитниот концепт со кој само јавните претпријатија можеле да ги вршат дејностите од јавен интерес бил напуштен. Со новата одредба во Законот за јавните претпријатија е определено дека дејности од јавен интерес се дејностите или одделните работи од дејностите со кои се остварува јавен интерес. Соодветно на оваа промена покрај јавните претпријатија, проширен е видот на субјектите кои можат да вршат дејности од јавен интерес, а тоа се јавните претпријатија или трговските друштва на коишто им е доверено вршењето на дејностите од јавен интерес. Исто така правни и физички лица можат да вршат дејност од јавен интерес на начин и услови утврдени со овој закон.
Според член 11 од Законот за Јавните патишта (“Службен весник на РМ”. бр, 84/08, 52/09, 114/09 и 39/10-Уст.суд.) изградбата, реконструкцијата, одржувањето, наплатата на патарина и други надоместоци или користењето на јавен пат, на дел од јавен пат, објекти на јавен пат или на дел од патниот појас на јавен пат, можат да бидат предмет на концесија и други видови на јавно приватно партнерство под услови предвидени со закон. Одлука за давање на концесија и други видови на јавно приватно партнерство на општински пат донесува Советот на општината, односно Советот на Градот Скопје (член 12).
Судот исто така утврди дека подносителот на иницијативата се повикува на Закон за концесија (“Службен весник на РМ” бр. 25/2002 и 24/2003) кој престанал да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство (“Службен весник на РМ” бр.7/08,139/08 и 64/09).
Судот на седница утврди дека според членот 23 од одлуката за користење на јавните паркиралишта корисникот е должен да плати соодветен паричен износ на име цена на услуга за паркирање. Организаторот на паркирањето од членовите 6, 7 и 8 на оваа Одлука донесува Ценовник на услугите за користење на јавните паркиралишта, со претходна согласност на Советот на Град Скопје.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба на сите граѓани им се наметнува плаќање на надомест за користење на добра од општестен интерес во корист на организаторот на јавното паркиралиште односно била воведена јавна давачка во корист на организаторот. Со овој член “Советот на градот Скопје, наместо законската комунална такса, наметнува плаќање на „паричен износ на име цена на услугата паркирање” во корист на организаторот на паркирањето, што било во спротивност на член 117 на Уставот, член 11 од Законот за локална самоуправа, член 22 и 32 од Законот за градот Скопје и член 20 од Законот за комунални такси”. Во образложението се наведува дека со тоа била воведена јавна давачка во корист на организаторот, односно се наметнувала констатацијата дека градот Скопје востановувал посебен извор на приходи на што немал законско право.
Судот на седница утврди дека според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 117 од Уставот, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.
Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здраствената заштита и во други области утврдени со закон ( точка 2 на Амандман VII).
Градот Скопје се финансира со сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.
Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на градот Скопје.
Од изнесеното Судот утврди дека глобализацијата на светските пазари, технолошките измени и дерегулацијата во областа на поранешните монополистички пазари, во изминатите неколку децении и јавните претпријатија (како тогашен дел, од државниот сектор) се соочија со потребата за прилагодување на својата позиција на пазарот. На овој план Република Македонија е отидена доста напред во имплементирањето на современите нормативни трендови на работењето на јавните претпријатија нудат модерни, расположиви форми на организирање и работење на јавните претпријатија. Се воведува постепена, но сигурна комерцијализација на работењето на јавните претпријатија, во услови на компетитивен пазар и покрај обврската за вршење на дејноста од јавен интерес трајно и без прекин.
Судот исто така утврди дека јавните претпријатија имаат посебен правен субјективитет и доверен, општествен капитал на користење и управување. Јавното претпријатие како правно лице може да стекнува право на подвижни и недвижни предмети, да стекнува права и да презема обврски, има и право да тужи и да биде тужено. Правниот субјективитет е услов јавното претпријатие, да работи според начелата на приватното и трговското право. Токму во тоа јавното претпријатие како форма на организација на “дејностите од јавен интерес” се разликува од формата позната како административна служба, но од друга страна, правниот субјективитет во најголема можна мерка го доближува јавното претпријатие до трговското друштво. Притоа, од јавното претпријатие не се очекува да остварува вишок на приходи односно добивка, но се очекува да ги покрива расходите со приходите и да може долгорочно и континуирано да ги задоволува определените потреби од услуги, како и да развива непречено функционирање на определени дејности од јавен интерес. Оттаму произлегува и потребата јавните претпријатија да бидат способни да работат според начелото на самофинансирање.
Судот смета дека ова никако не смее да значи дека комерцијализацијата ќе доведе до бришење на јавниот момент во вршењето на дејноста, кој се изразува преку начелата на континуитет, сигурност, социјалност односно заштита на корисниците и потрошувачите и транспарентност во вршењето на дејноста. Конкуренцијата, во никој случај, не смее да го попречи вршењето на услуги од јавен интерес. Приходите кои јавното претпријатие ги остварува со сопственото работење се само еден, но главен извор за обезбедување на средствата за негово работење и развој. Средствата за работење и развој, според Законот за јавните претпријатија, јавното претпријатие ги обезбедува 1) од приходите кои тоа ги остварува со сопственото работење; 2) од кредитните средства; и 3) од други извори утврдени со закон. Средствата од буџетите спаѓаат во кругот на “други извори утврдени со закон”. Управниот одбор на јавното претпријатие, меѓу другото, ги утврдува цените на производите и услугите (член19 став 2 точка 7), а основачот дава согласност на таквиот акт (член 11 став 1 точка 5). И согласно Законот за комунални дејности, средства за вршење на комунални дејности се остваруваат, меѓу другите, и од цената на комуналната услуга (член 26).
Судот од изнесеното утврди дека цената на услугата како приход на јавното претпријатие не смее да се поистоветува со комуналната такса како изворен приход на Градот, ниту нејзиното определување е во спротивност со целите на вршењето на дејностите од јавен интерес, односно со законските одредби со кои се уредува нивното вршење.
Судот на седница утврди дека согласно членот 26 “Ако корисникот на паркиралиштето не го изврши плаќањето (цена на паркирање, доплатен билет, други трошоци) на начин согласно оваа одлука, односно актот на организаторот на паркирањето, ќе се смета дека паркирањето е непрописно и овластено лице на организаторот на паркирањето може да побара блокирање на тркалата (лисици, блокатори на тркала) или отстранување на возилото од паркиралиштето (со пајак-возило).”
Според наводите на иницијативата со оспорената одредба Советот на Градот Скопје, пропишува казнување и го овластува организаторот на паркирањето, да извршува казнување, што било спротивно на членовите 11, 13 и 15 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр. 5/2002 ) и член 117 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Судот смета дека со овој член се утврдува несоодветно однесување на корисниците на јавните паркиралишта, при што овластено лице на организаторот на паркирањето не “извршува казнување”, туку е овластено да побара интервенција од надлежни или овластени служби заради обезбедување на функционирањето на јавното паркиралиште.
Судот на седница утврди дека според членот 28 од одлуката за станарите односно правните лица што имаат живеалиште, односно деловен простор во објекти во границите на чии парцели не е решено паркирањето, може да се утврдат повластени услови за паркирања на нивните возила на јавните паркиралишта што се во непосредна близина, во поглед на бројот на возилата, траењето на паркирањето и цената на услугата и да им се издаде повластен паркирен билет. Правото на користење на повластен паркирен билет го утврдува организаторот на паркирањето.”
Според наводите на иницијативата со овој член, Советот на Град Скопје, давал „право” на организаторот на паркирањето, да може, по сопствена волја, да дава повластици и со тоа да врши дискриминација на граѓаните според местото на живеење и со ова биле повредени, членовите 8, 9, 33 и 110 од Уставот на РМ, член 11 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на РМ” 55/04) и членовите 5 и 6 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на РМ” 61/2004,64/2005 и 92/2007).
Судот на седница констатира дека Градот Скопје, според урбанистичките планови, ниту е замислен, ниту проектиран или граден како спој на одделни делови или зони со исклучиви намени (посебни станбени зони, посебни деловни зони, зони за културни. образовни, здравствени или рекреативни активности), односно речиси секој дел од градот е повеќенаменски. Имено, јавните паркиралишта секаде во градот и во секој момент, истовремено имаат потреба голем број на корисници од различни категории (станари, иматели на деловен простор, вработени, купувачи, посетители и консументи).
Судот исто така утврди дека за поголема фрекфентност и достапност на паркиралиштата на што поголем број на корисници, политиката на градското паркирање е искористување на законската можност за временски ограничено паркирање, односно овозможување паркирање во реално оптимален временски период за реализирање на определена активност, односно задоволување на определена потреба. Меѓутоа, при тоа, мора да се има предвид фактот дека определени категории корисници на паркирање имаат станбен или деловен простор на подрачјето што гравитира кон определено јавно паркиралиште. Оттука, доколку овие категории не бидат изземени од режимот што важи за корисниците на паркиралиштето што доаѓаат надвор од тоа подрачје, истите ќе бидат ставени во многу нерамноправна и тешка положба (од аспект на непречено и нормално користење на својот имот, како и финансиски). Токму во ова е и смислата на воведувањето на повластен паркирен билет и овластувањето за определување на услови за паркирања на нивните возила.
5. Од анализата на наведената законска регулатива Судот оцени дека подносителите на иницијативата оспоруваат одредби од одлуката без да водат сметка за комплексноста на материјата што се уредува со истата и поврзаноста со нормите од други матeријални закони и со недоволно јасни причини за покренување на прашањето за уставноста на истите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.48/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски