168/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 3 алинеја 3, член 17-д алинеја 3, член 27 став 2, член 81-г алинеја 5 и член 81-д став 3 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 49 во делот: „онолку слободни часови, односно денови, колку што бил ангажиран за време на неделниот одмор или има право на“ и член 51 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот за државните службеници, означен во точката 1 од ова решение.

По однос на оспорениот член 13 став 3 алинеја 3 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека не бил во согласност со член 32 став 5 од Уставот, бидејќи со оспорената одредба правата на вработените и нивната положба се уредувала со актот за систематизација на работните места, кој се јавувал како акт надреден на закон и колективен договор, а не како акт кој произлегувал од нив.

Со оспорениот член 17-д алинеја 3 од Законот се повре-дувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи со противуставно се ограни-чувало правото на државниот службеник да се пријави на интерен оглас само затоа што му била изречена досциплинска мерка во период од 12 месеци пред објавувањето на огласот, а изречената дисциплинска мерка не можела да има таква правна последица.

Според подносителот на иницијативата, утврдувањето на условите под кои ќе се реализирало правото на штрајк можело да биде единствено предмет на законска регулатива, а не да биде уредено со акт на министерот, односно функционерот кој раководи со органот од членот 3 став 2 од Законот, поради што смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 став 1 и 2 од Уставот. Предлага при одлучувањето да се имала предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр.112/2003 од 30 јуни 2004 година.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот дел од членот 49 и со оспорениот член 51 став 2 од Законот се дева-лвирало, односно одземало предвиденото право на додаток на плата за посебни услови за работа со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 3 и 5 и член 51 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 81-г алинеја 5 од Законот не можел да постои во правниот поредок на Република Македонија, бидејќи со неа се предвидувало на државниот службеник, без негова вина да му престане вработувањето, односно за неговото вработување одлучувале надлежни органи и други лица. Поради наведеното смета дека со оспорената одредба се повреду-вале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.

По однос на оспорениот дел од членот 81-д став 3 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека со самиот акт на одбивање требало да се смета дека било извршено доставување, а не како што било предвидено во оспорениот дел од членот 81-д став 3 од Законот. Посочува на членот 99 од Законот за општата управна постапка и заклучува дека оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 13 став 3 од Законот за државните службеници, е предвидено дека во државна служба може да се вработи лице кое ги исполнува посебните услови, меѓу кои, да има соодветно образование (алинеја 1), да има потребно работно искуство во струката (алинеја 2) и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места (алинеја 3).

Според член 17-д алинеја 3 од Законот, право да се пријави на интерен оглас има секој државен службеник, кој ги исполнува посебните услови од членот 13 став 3 на овој закон, како и да не му е изречена дисциплинска мерка во период од 12 месеца пред објавувањето на интерниот оглас.

Според содржината на член 27 став 2 од Законот, министерот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон, со акт ги определува начинот на извршувањето на функциите на органот за време на штрајк, како и бројот на државните службеници кои ќе работат на извршување на овие функции и на обезбедување на условите од став 1 на овој член.

Според член 49 од Законот, државен службеник кој бил ангажиран да работи за време на неделен одмор има право на онолку слободни часови, односно денови, колку што бил ангажиран за време на неделниот одмор или има право на додаток во износ од 5% од износот на основната плата и додатокот на плата за звање, пресметана по час.

Одредбата се оспорува во делот: „онолку слободни часови, односно денови, колку што бил ангажиран за време на неделниот одмор или има право на“.

Во членот 51 став 2 е предвидено дека, државниот службеник кој работел подолго од полното работно време, додатокот од став (1) на овој член има право да го замени со слободни часови, односно денови.

Според содржината на член 81-г алинеја 5 од Законот, на државниот службеник му престанува вработувањето и во случај кога органот на државната управа, надлежен за инспекцијата на трудот, во рок од една година утврди дека државниот службеник е вработен спротивно на одредбите на овој закон.

Според член 81-д став 3 од Законот, ако државниот службеник не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во органот од член 3 став 2 на овој закон. По изминувањето на три работни дена се смета дека врачувањето е извршено.

Одредбата се оспорува во делот: „или ако го одбие врачувањето“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. 9став 1) Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

– Во членот 13 од Законот се определуваат општите и посебните услови кои треба да ги исполни едно лице за да може да се вработи во државна служба. Притоа, како посебни услови се предвидуваат, соодветно образование, потребно работно искуство и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места, како оспорен дел.

Според оцена на Судот со оспорениот член 13 став 3 алинеја 3 од Законот не се повредува членот 32 став 5 од Уставот од причина што законодавецот во законската одредба не може детално, за секое конкретно работно место да ги наброи потребното образование по вид и степен, ниту пак да го определи потребното работно искуство, кои во крајна линија зависат од конкретното работно место на кое треба да се вработи државниот службеник и работните обврски што истиот треба да ги исполнува. Од друга страна, актот за систематизација на работните места не е, ниту пак може да биде извор на правото по однос на правата на државните службеници и нивната положба, туку е интерен акт со кој се доуредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата за секое конкретно работно место, но врз основа на законски уредените општи и посебни услови за вработување во државна служба.

Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорениот член 13 став 3 алинеја 3 од Законот е во согласност со член 32 став 5 од Уставот.

– Во оспорениот член 17-д алинеја 3 од Законот, законодавецот предвидел законска пречка за пријавување на интерен оглас за државен службеник на кој му е изречена дисциплинска мерка во период од 12 месеца пред објавувањето на интерниот оглас. Според наша оцена, ваквата законска определба не ги повредува уставните одредби на кои се повикува подносителот на иниција-тивата, бидејќи Законот за државните службеници во долгогодишното постоење го постави системот на професионален развој, мотивирање и вреднување на успехот и стручноста на државните службеници, а еден од начините за унапредување во службата е и можноста преку интерен оглас државниот службеник да оствари вработување според дотогашните негови квалитети, постигнувања и степен на кариера. Секако неговата дисциплинска казнуваност 12 месеци пред објавувањето на огласот не оди во прилог на остварени квалитети и постигнувања, од каде таквата казнуваност е попречувачки фактор, но само за краток временски период за пријавување на интерниот оглас. Според тоа, не е во прашање правна последица од изречена дисциплинска мерка, како што се обидува да ја престави подносителот на иницијативата, туку поседица од непочитувањето на работниот ред и дисциплина и законските одредби на кои подлежи секој државен службеник за време на вршењето на работните обврски. Воедно, на ваков начин се мотивираат државните службеници кои во последната година покажале респектирање на работниот ред и дисциплина и законските одредби на кои се обврзале со договорот за вработување.
Оттаму, еднаквост помеѓу лице дисциплински казнувано во последните 12 месеци пред објавување на интерниот оглас и лице кое во тој период не е казнувано, во смисла на член 9 од Уставот не може да се воспостави.

Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорениот член 17-д алинеја 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 2 од Уставот.

– Од анализата на цитираните уставни одредби произле-гува дека Уставот на Република Македонија, утврдувајќи ги владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, истовремено ги утврдил и носителите на секоја од оваа власт со тоа што посебно ја определил и нивната надлежност, односно работите што тие ги вршат. Воедно, во заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот Уставот, во членот 54 став 4, определил нивно ограничување за време на воена или вонредна состојба, кое ограничување ни во вакви околности не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувако постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Тргнувајќи од анализата на членот 27 став 1 од Законот за државните службеници произлегува дека во него е определена должност на државните службеници, во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот од членот 3 став 2 на овој закон, неопходно ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на ратификуваните меѓународни договори. При постоење на вака утврдена законска должност, законодавецот во оспорениот став 2 од членот 27 од Законот предвидел овластување за министерот, односно функционерот кој раководи со органот со акт да го определи начинот на извршување на функциите за време на штрајк, како и бројот на државните службеници кои ќе работат заради остварување на законската обврска од ставот 1 од членот 27 од Законот .

Според оцена на Судот, при постоење на законска должност за минимум државни службеници за непречено извршување на работите, начинот на извршување на работите и бројот на државните службеници кои ќе работат за време на штрајк во мноштвото органи опфатени во членот 3 став 2 од Законот, не може да биде предмет на законско уредување, бидејќи зависи од конкретните функции на органот, неговите специфики и бројната состојба на државните службеници.

Имајќи предвид дека условите под кои може да се реали-зира правото на штрајк е утврдено со закон, дека постои законска должност за непречено извршување на работите за време на штрајк, произлегува дека министерот, односно функционерот кој раководи со органот во функција на операционализација на овие законски услови со акт врз основа на уставен и законски основ може да го определи начинот на извршување на функциите на органот и бројот на потребни државни службеници за извршување на тие функции.

Врз основа на изнесеното произлегува дека членот 27 став 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 став 1 и 2 од Уставот.

– По однос на оспорениот член 81-г алинеја 5 од Законот, правилно забележува подносителот на иницијативата дека со неа се предвидува престанок на работниот однос поради околности кои не настанале по вина на работникот, бидејќи постапката за вработување ја спроведува работодавецот и тој е оној кој одговара дисциплински, прекршочно или пак кривично, ако спроведе постапка за вработување спротивно на Законот. Но, последицата од незаконски спроведена постапка за вработување (рок од 1 година за вработување до направена инспекција) секако мора да резултира со престанок на работниот однос на така вработениот државен службеник, бидејќи на овој начин се афирмира начелото на владеење на правото и начелото на почитување на законите во нивното спроведување, односно начелото на законитост. Поконкретно, органите од членот 3 став 2 од овој Закон се должни да спроведат законита постапка за вработување, во спротивно, во законски предвидениот рок, после-дицата за службеникот е престанок на работниот однос, а на органот соодветно предвидена одговорност во зависност од видот и каре-ктерот на прекршување на одредбите. Оваа одредба, исто така, создава обврска за надлежната инспекцијата на трудот, да го провери секое ново вработување во насока дали истото се заснова на законски спроведена постапка, но во рамките на законски определениот рок.

Според оцена на Судот со оспорената одредба, како различен основ од останатите предвидени во членот 81-г од Законот, законодавецот постигнал баланс, помеѓу правната сигурност на лицата што се вработуваат за спроведување на законита постапка при нивното вработување и обврската на органите од членот 3 став 2 од Законот за спроведување на постапка за вработување, согласно Законот.

Врз основа на наведното произлегува дека оспорениот член 81-г алинеја 5 од Законот не може да се доведе под сомнение за несогласноста со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.

– Тргнувајќи од анализата на членот 81-д став 2 од Законот, како одредба која и претходи на оспорената, произлегува дека во неа се уредува врачување на решение за престанок на вработувањето државниот службеник, кое се врши лично, по правило во работните простории на органот од член 3 став 2 на Законот во кој истиот работи, односно на адреса на живеалиштето односно престојувалиштето од кое секојдневно доаѓа на работа.

Во ставот 3 од истиот член од Законот, во кој е содржан оспорениот дел, се уредува како се постапува во ситуацијата кога државниот службеник не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачува-њето, со предвидување истото да се објави на огласната табла во органот од член 3 став 2 на овој закон и по изминувањето на три работни дена да се смета дека врачувањето е извршено.

Според Судот, определбата на законодавецот да го објави решението за престанок на работниот однос на државниот службеник и во ситуација кога тој ќе го одбие врачувањето на решението, односно кога му е познат карактерот на актот што треба да му биде врачен, не ги повредува одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата. Поточно, ваквото законско решение за уште еден обид за уредно врачување на решението за престанок на вработувањето, покрај одбивањето за врачување, може да биде само од полза на лицето на кое се однесува, но не и на негова штета.

Оттаму, оспорениот дел од членот 81-д став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

6. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијатиата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на иницијативата произлегува дека во неа нема доволно аргументи и причини за оспорување на одредбите по однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, што преставува процесна пречка за одлучување.

Врз основа на изнесеното Судот, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, ја отфрли иницијативата по однос на оспорениот дел од членот 49 став 2 и членот 51 став 2 од Законот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.168/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски