176/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Насловот

2. Александра Илиева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 2 од Правилникот, министерот за економија навлегол во ингеренциите на законодавната власт од причина што во Законот за стечај немало основ за вакво задолжување на предлагачот, туку основ за поведување на стечај била неликвидноста на субјектот што, претставувало vis major.

Паушалната обврска од аванс минимум 25.000 денари не можела да биде востановена со подзаконски акт, туку истата можела евентуално да претставува обврска за правните субјекти или физички лица единствено доколку била донесена во процедура предвидена со уставните одредби пред надлежното собрание и како законски пропис – Законот за стечај.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 2 од Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, односно бил спротивен на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

3. Судот на седницата утврди дека членот 2 од Правилникот е поместен во Глава I со наслов: „Определување на висината на авансот во претходна постапка“ и поднасловот: „Основица за определување на висината на авансот за покривање на трошоците во претходна постапка“ и според кој висината на авансот по предлог поднесен од доверител се определува врз основа на: висината на капиталот на должникот, потребата за определување на мерки за обезбедување, односно именување на привремен стечаен управник, вид, односно статус на должникот спрема кого е поднесен предлог за отварање на стечајна постапка, потребата за именување на вешто лице.

Висината на определениот аванс не може да биде помала од 30.000 денари ниту повисока од 9.150.000,00 денари.

Ако предлогот за отварање на стечајна постапка е поднесен од должникот со предлог стечајната постапка да се отвори и истата да не се спроведе и заклучи, во тој случај висината на авансот неможе да биде помала од 25.000,00 денари ниту повисока од 60.000,00 денари.

4. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Законот за стечај во Главата со наслов: „Наградување и надоместување на трошоците на стечајниот управник“ го регулира членот 37 според кој:

(1) Стечајниот управник има право на награда за својата работа и право на надоместок на реално потребните трошоци кои се исплаќаат веднаш по завршувањето на одделни фази во стечајната постапка.
(2) Министерот за економија со акт ги пропишува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина.

(3) Реално сторените трошоци се исплаќаат најмалку еднаш месечно според пресметката на трошоците на стечајната постапка одобрена од стечајниот судија согласно со членот 34 став 1 точка 2 од овој закон.
(4) Висината на наградата на стечајниот управник се утврдува според висината на паричната вредносот на намирувањето на побарувањето на стечајните доверители, процентот на намирување на стечајните доверители, сложеноста на стечајната постапка, односно големината на стечајната маса, времетраењето на стечајната постапка, начинот на спроведување на стечајната постапка, односно дали се врши впаричување на имотот или се спроведува план за реорганизација, успешноста од спроведувањето на планот за реорганизација.
(5) Висината на наградата во времето на заклучувањето на стечајната постапка ја определува стечајниот судија со решение согласно со нормативите и стандардите утврден со прописот од ставовите 2 и 4 на овој член, по претходно одобрение од одборот на доверители.
(6) Ако одборот на доверители не даде одобрение на решението од ставот 5 на овој член одлука донесува стечајниот совет, на барање на стечајнииот управник.
(7) Решението од ставот 5 и одлуката од ставот 6 на овој член се доставува до стечајниот управник, до одборот на доверители и до должникот и се истакнува на огласната табла во судот.

Според член 53 став 1 од Законот за стечај предлагачот е должен да го авансира износот што ќе го одреди стечајниот судија за покривање на трошоците на претходната постапка.

Судијата ќе го определи износот на авансот според Правилникот за аванси во стечајна постапка што го донесува министерот за економија.

Цитираните одредби од Законот за стечај се основ врз кој министерот за економија го донел сега оспорениот правилник.

Впрочем, Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр.11/2009 од 1 јули 2009 година, оценил дека членот 53 став 1 од Законот за стечај дава доволна рамка врз основа на кои критериуми министерот за економија со подзаконски акт ќе ја определи висината на авансот за покривање на трошоците во претходната постапка.

Според член 1 од овој правилник, со овој правилник се уредува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник физичко лице и стечаен управник друштво, награда на членовите на одборот на доверители и начинот на утврдување на нивната висина и определување на износот на авансот за покривање на трошоците на претходна постапка.

Со оспорениот член 2 од Правилникот, се наведени основите за определување на висината на авансот за покривање на трошоците во претходната постапка.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека во Законот за стечај се утврдени правото на надомест на реално потрошените трошоци на стечајниот управник, како и правото на награда чија висина со ставот 4 на членот 37 од Законот е определено дека се утврдува според: висината на паричната вредност и процентот на намирување на побарувањето на доверителот, сложеноста на постапката, големината на стечајната маса, времетраењето на стечајната постапка, начинот на нејзиното спроведување и други со Законот определени критериуми.

Имајќи го во вид фактот дека во Законот за стечај се дадени критериумите за определување на висината на наградата на стечајниот управник, според Судот, оспорениот правилник е операционализација и доразработка на Законот за стечај, односно на наградувањето и надоместувањето на трошоците на стечајниот управник според критериумите утврдени со закон.

Оттука, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од подзаконскиот акт се повредувал уставниот принцип на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска – член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

По однос на наводите во иницијативата дека обврската за плаќање на аванс за претходната постапка била утврдена со правилникот, Судот утврди дека е неоснован. Ова од причина што од анализата на целината на Законот за стечај, а посебно од членот 53 од Законот, се доаѓа до констатација дека обврската за плаќање на аванс за претходната постапка е утврдена со Законот за стечај, а не со подзаконскиот акт донесен од министерот за економија.

Прашањето дали некој правен субјект е ликвиден или не и дали истиот воопшто има имот и врз основа на кој би требало да се наметне задолжението од став 2 на членот 2 од Правилникот, а на што се укажува во иницијативата, според Судот, не е од влијание за оцена на овој член од правилникот во смисла на неговата согласност со Уставот и законот, а дотолку повеќе што во случајов станува збор за прашање кое е од влијание за утврдување на секоја конкретна фактичка состојба во постапка пред суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски