125/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 62 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006 и 57/2010).

2. Дончо Стоилов и други вработени во Казнено поправен дом и Воспитно поправен дом – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 62 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата со оспорениот член 62 од Законот се нарушувал принципот на еднаквост и укинување на веќе стекнато право, бидејќи со измените на овој член стажот со зголемено траење им се засметувал само на вработените во Секторот за обезбедување, а не и на другите вработени во КПД и ВПД кои и понатаму останале да ги вршат работните задачи на работните места за кои пред донесување на измените на Законот стажот на осигурување им се сметал во зголемено траење и тоа за секои 12 месеци им се засметува стаж на осигурување како 16 месеци.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 62 од Законот за извршување на санкциите за државните службеници кои извршуваат работни задачи во секторот за обезбедување, стажот на осигурување согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување им се смета со зголемено траење и тоа секои 12 месеци ефективно поминати на тие работи се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 54 од Законот за извршување на санкциите вработените во казнено – поправните и воспитно поправните установи се државни службеници освен вработените во стопанските единици на установите.

За засновање и престанок на работен однос, како и за другите права од работен однос на вработените кои немаат статус на државни службеници важат општите прописи за работните односи и општите и посебните прописи од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Според член 3-а од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 11/2000, 34/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 19/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009 и 35/2010) е предвидено дека одредени прашања поврзани со правото, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Армијата на Република Македонија, вработените кои вршат работи на обезбедување во казнено-поправните и воспитно поправните установи, можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на изввршувањето на посебните должности и овластувања.

Според членот 27 од Законот за извршување на санкциите, во казнено – поправните и воспитно – поправните установи со оглед на сложеноста и обемот на работите во функција на извршување на санкциите се организираат сектори за ресоцијализација, обезбедување, стопанско-инструкторски, здравствени и извршно управен и финансиски сектор.

Во членот 29 во поднасловот „Сектор за обезбедување“ е предвидено дека работите на обезбедувањето во установата го врши Секторот за обезбедување кој е вооружен и единствно униформиран и опремен.

Секторот за обезбедување е единствена формација на управата.
Секторот за обезбедување се организира заради обезбедување на установата, спречување на бегство, одржување на внатрешен ред и дисциплина и спроведување на осудените и малолетните лица.

Со секторот за обезбедување раководи заповедник, а покрај заповедникот, работите на службата ги вршат командири, виши надзорници, постари надзорници и помлади надзорници. Секој припадник на секторот за обезбедување кого врши службено дејствие има овластување на полицаец.

Министерот за правда донесува акт за вооружување и начинот на вршење на работите на секторот за обезбедување и акт за униформата и ознаките на припадници на одделението (став 7).

Врз основа на членот 29 став 7 од Законот, министерот за правда донел Правилник за вооружувањето и начинот на вршењето на работите на секторот за обезбедување во казнено – поправните и воспитно – поправните установи.

Со овој правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр.118/2008) се пропишува вооружувањето и начинот на вршење на работа на секторот, при што припадниците на секторот работите ги вршат врз основа на закон и посебните прописи за вршење на службата, планот за обезбедување на установата, како и врз основа на упатствата и наредбите на директорот, односно други старешини.

Од анализата на наведените законски одредби недвосмислено произлегува дека вработените во секторот за обезбедување се вооружени и униформирани лица кои носат огнено оружје, за обезбедување на установата, спречување на бегство , го одржуваат редот во установата, односно имаат специфични работни задачи.
Со член 62 од Законот за извршување на санкции (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2006) било предвидено дека “За работните места во установите кои поради специфичностите и тежината на работите,како и посебните услови под кои тие се извршуваат во контактите со осудени и малолетни лица со што битно се влијае врз намалувањето на работната способност ,стажот на осигурување согласно Законот за пензиското и инвалиското осигурување се смета во зголемено траење и тоа секои 12 месеца ефективно поминати на тие работи и се сметаат како 16 месеца стаж на осигурување”.

Според член 102 од Законот за пензиското и инвалидското осигурувањe ( “Службен весник на Република Македонија “ бр. 80/1993 …………………83/2010) “На овлaстените работници, во смисла на прописите за извршување на санкциите, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и тоа секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности во казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови им се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување.

Право на стаж на осигурување со зголемено траење во смисла на став 1 на овој член имаат и работниците во Министерството за правда, казнено–поправните установи и воспитно–поправните домови кои работат на работни места чија тежина и посебни услови под кои тие се вршат влијаат врз намалувањето на работната способност.

Работните места од став 2 на овој член ги утврдува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за правда.
Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член не се однесуваат на времето додека работникот се наоѓа на стручно образование или усовршување на кое е упатен од казнено–поправната установа, односно воспитно–образовниот дом.”

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциитe (“Службен весник на Република Македонија” “ бр,57/2010 ) членот 62 кој е оспорен со иницијативата е променет и гласи :”За државните службеници кои извршуваат работни задачи во секторот за обезбедување, стажот на осигурување согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување им се смета со зголемено траење и тоа секои 12 месеца ефективно поминати на тие работни места се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување.

Имајќи ја предвид содржината на одредбата од член 62 од Законот за извршување на санкциите пред нејзината измена како и членот 102 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување произлегува дека Владата на Република Македонија на предлог на министерот за правда ги утврдувала работните места на овластените работници во министерството за правда, казнено – поправните и воспитно – поравните установи на кои стажот на осигурување им се сметал со зголемено траење поради тежината и посебните услови под кои ги вршеле работите, а со измените на членот 62 од Законот, наместо Владата, законодавецот определил дека на вработените во секторот за обезбедување поради спецификата на работите кои ги обавуваат во установите стажот на осигурување ќе им се смета со зголемено траење.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба анализата на оспорениот член 62 од Законот како и анализата на други одредби од Законот, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека се неосновани.

Имено, според Судот, право е на законодавецот, а поаѓајќи од специфичната природа на работите и задачите и посебноста на извршувањето на посебните права и должности на вработените во секторот за обезбедување, за овие лица да предвиди стажот на осигурување да им се смета со зголемено траење согласно член 102 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно секои 12 месеци ефективно поминати во овој сектор да им се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 62 од Законот со член 9 од Уставот, од причина што правото на еднаквост како темелен правен принцип во конкретниов случај е испочитуван преку правилото дека со еднаквите еднакво се постапува, а со нееднаквите нееднакво.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека со оспорената одредба на вработените во другите сектори во казнено поправните и воспитно – поправни установи им било ускратено стекнатото право, односно стажот на осигурување не им се засметувал со зголемено траење по донесување на измените на Законот, се неприфатливи и неосновани.

Судот смета дека, прашањето на утврдувањето на стажот на осигурување кој ќе се смета со зголемено траење (бенефициран стаж) е променлива законска категорија, односно право или можност што го утврдува законодавецот за определени специфични работни места, при што еднаш утврдено право или можност не значи дека тоа право е засекогаш утврдено и не може да се промени.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.125/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски