186/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 22 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката со која не е усвоен престанок на мандатот на член на Советот на општина Неготино, содржана во Записник бр.07-250/3 од 11 јуни 2010 година.

2. Младен Јанев од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата цитира членови од Деловникот за работа на Советот на општина Неготино, како и член 22 ставови 1 и 4 од Законот за спречување на корупцијата, па во смисла на цитираните одредби наведува дека по однос на Маја Митрова Стевановиќ, член на Советот, од страна на Државната Комисија за спречување на судир на интереси, било утврдено постоење на судир на интереси од кои причини истата била должна да го извести претседателот на Советот дека се наоѓа во состојба на судир на интереси, но тоа не го сторила.

Советот на Општината на одржаната седница од 11 јуни 2010 година бил должен да ја усвои предложената констатација за престанок на мандатот на членот на Советот, но тоа не го сторил. Заради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека Маја Митрова Стевановиќ во критичниот период можела да присуствува на седниците на Советот, но не и да одлучува, како што било предвидено во членот 6 став 6 од Деловникот за работа на Советот на општина Неготино. Во појаснувањето на иницијативата, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука е со бр.250/3 од 11 јуни 2010 година.

3. Судот на седницата од содржината на Записникот бр.07-250/3 од 11 јуни 2010 година на Советот на општина Неготино утврди дека на наведениот датум Советот ја одржал четиринаесетата редовна седница. На седницата на Советот присуствувале сите членови на Советот.

Претседателот на Советот предложил Советот да конста-тира престанок на мандатот на Маја Митрова Стевановиќ член на Советот, поради постоење на судир на интереси.

Со 7 гласа „за“ и 7 гласа „против“ Советот не ја усвоил предложената констатација по што седницата е прекината, со обра-зложение дека Законот е дециден и Советот е должен да констатира престанок на мандатот на советникот.

Судот, врз основа на приложената документација, исто така, утврди дека Маја Митрова Стевановиќ е член на Советот на општина Неготино.

На 25 декември 2019 година, гладоначалникот на општина Неготино донел одлука бр.08-1019/4 за нејзин избор за директор на Општинската установа-Музај на град Неготино со мандат од четири години, кој започнал од 28 декември 2009 година. Решението за нејзин избор за директор на наведената установа е со бр.08-1019/5 од 28 декември 2009 година.

Државната Комисија за спречување на корупцијата со допис бр.12-360/2 од 26 април 2010 година ја информирала Маја Митрова Стевановиќ, со својство на директор на општинската установа-Музеј на град Неготино дека е потребно во рок од 15 дена, сметано од приемот на дописот, доброволно да се откаже од извршувањето на едната функција (директор или член на Советот) со што би се извадила од состојбата на судир на интереси во која се наоѓала.

Врз основа на наведениот допис, како и Јавната опомена од Антикорупциската Комисија во медиумите, Маја Митрова Стевановиќ со допис бр.08-341/1 од 8 јуни 2010 година го известила градоначалникот на Општината дека дава оставка на функцијата Директор на Музејот на град Неготино, а останува да ја врши функцијата член на Советот на општина Неготино.

Претседателот на Советот на општина Неготино, побарал Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања да констатира престанок на мандатот на наведениот член на Советот, но Комисијата не се произнела по констатацијата од кои причини истиот се обратил директно до Советот со цел да одлучува за престанокот на мандатот на Маја Митрова Стевановиќ.

Предложената констатација за престанок на мандатот на Маја Митрова Стевановиќ не го добила потребниот број на гласови на одржаната седница на Советот од 11 јуни 2010 година.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што конкретниот записник во кој е содржана одлуката со која не е усвоен престанок на мандатот на член на Советот на општина Неготино според својот карактер е акт со кој се нотирани факти од одржаната седница на Советот, истиот не преставува пропис или општ акт подобен за уставно-судска оцена, од каде Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за неговата законитост, поради што согласно цитираната деловничка одредба иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски