Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 декември 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за организација и управување со врвниот македонски домен МК во областа на Интернет и за користење на поддомените во него („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2004 и 45/2008), донесен од Управниот одбор на МАРНет.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.72/2010 од 29 септември 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 13 од Правилникот за организација и работа на Македонската академска истражувачка мрежа МАРНет, како организациона единица во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Управниот одбор на МАРНет го донел оспорениот Правилник за организација и управу-вање со врвниот македонски домен МК во областа на Интернет и за користење на поддомените во него.
Според содржината на членот 1 од Правилникот, со овој Правилник се регулираат прашањата на организацијата и управу-вањето со врвниот македонски домен МК во областа на Интернет, користењето на поддомените во врвниот македонски домен МК, називите на поддомените во врвниот македонски домен МК, управувањето со врвниот македонски домен МК, регистрацијата и бришењето на поддомените во врвниот македонски домен МК, правата и обврските на корисниците на поддомените на врвниот македонски домен МК и решавањето на спорови.
Во членот 2 од Правилникот е определено дека, врвниот македонски домен МК е национален домен на Република Македонија во областа на Интернет и во натамошниот текст ќе биде означен како МК–домен (став 1). Во МК-доменот се организираат поддомени кои во натамошниот текст ќе бидат означени како секундарни домени (став 2). Во секундарните домени во МК-доменот се регистрираат поддомени кои во натамошниот текст ќе бидат означени како терцијарни домени (став 3).
Во членот 3 од Правилникот е определено дека, со домените од член 2 на овој Правилник управува Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, преку организационата единица во својот состав–МАРНет, која наедно е и администратор на врвниот МК-домен и на поддомените во врвниот МК-домен, согласно со одредбите од овој Правилник.
Во Главата II членови 4 до 13 се уредени прашањата поврзани со видовите секундарни домени во МК доменот, а прашањата поврзани со називот на терцијарните домени се уредени во Главата III членови 14 до 20.
Главата IV е со наслов „Управување со МК доменот“ и ги содржи членовите 21 до 25.
За извршување на стручните, стручно-административните и техничките работи поврзани со функционирањето на МК-доменот и работите поврзани со регистрација, активирање и деактивирање на домените во МК-доменот, се формира МК-ДНС служба, согласно членот 21 став 1 од Правилникот. Според ставот 2 од истиот член од Правилникот, работите на МК-ДНС службата ги извршуваат врабо-тените во Стручната служба на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, организациона единица-Универзитетски компјутерски центар, а согласно ставот 3, раководител на МК-ДНС службата е менаџерот на Универзитетскиот компјутерски центар.
Регистрацијата на домените, правото на жалба, условите за изјавување на жалба, роковите за жалба, органот кој одлучува по жалба и друго се уредени во Главата V членови 26 до 38.
Правата и обврските на корисниците на домените, меѓу кои и обврската за редовно намирување на финансиските обврски поврзани со користењето на доменот, утврдени од страна на надлежен орган на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се уредени во Главата V членови 39 до 47.
Во оспорениот член 45 од Правилникот е предвидено дека, корисникот на доменот е одговорен за секоја злоупотреба на доменот. Под злоупотреба се подразбира секоја регистрација на доменот која не е во согласност со целта на доменот и со одредбите од овој Правилник (став 1). Корисникот на доменот (или подносителот на барањето за регистрација на доменот) во целост одговара за секоја повреда на интелектуалната сопственост (т.е. авторско право, индустриска сопственост и друга заштита согласно со прописите кои ја регулираат оваа материја), како и за секоја штета настаната како резултат на таква повреда, а која произлегува од покренување постапка за регистрација на домен, регистрација или употреба на домен. МАРНет не сноси и не може да сноси никаква одговорност во врска со тоа (став 2). Во случај на спор на корисникот на доменот (или подносителот на барањето) и трето лице кој произлегува од злоупотреба на доменот МАРНет не сноси никаква одговорност спрема страните во спорот туку ги упатува страните на решавање на спорот спрема одредбите од член 53–60 од овој Правилник (став 3).
Според содржината на член 46 од Правилникот, корисни-кот на доменот не смее доменот да го дава на користење на други субјекти, доколку поинаку не е утврдено со овој Правилник; тој не смее да се откаже од доменот во корист на трети лица и да презема какви било работи поврзани за домените, доколку тоа го прави за стекнување финансиски, материјални или други користи од друг субјект (став 1). Доколку МК-ДНС службата утврди дека корисникот на доменот постапува спротивно на одредбата од претходниот став на овој член, може да донесе одлука со која на корисникот му се забранува регистрација на домен за време од 3 години, а регистрацијата на предметните домени ја поништува, го деактивира доменот и го брише од Регистарот (став 2). Во случајот од претходниот став на овој член соодветно се применуваат одредбите од овој Правилник што се однесуваат на доставувањето решение, односно одлука, како и на правото и постапката по жалба (став 3).
Постапката за поништување на регистрацијата е уредена во Главата VII, која го содржи членот 48.
Во Главата VIII, членови 49 до 52 од Правилникот се уредени прашањата поврзани со стекнување на користење на домен со наследување и со отстапување на домен.
Членовите 53 до 60 од Главата IX ги уредуваат прашањата поврзани со решавање на спорови.
5. Согласно член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владе-ењето на правото е утврдено како темелна вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македо-нија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија помеѓу другото одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Тргнувајќи од содржината на членот 110 алинеја 2 од Уставот произлегува дека актот што е предмет на уставно-судска оцена треба да содржи определени правни елементи за да има карактер на пропис. Помеѓу другото, актот, предмет на уставно-судска оценка, треба да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и за неопределен круг на субјекти во правото. Од значење за впуштање во уставно-судска оцена се и содржината и формата на актот, органот кој го донел, називот и други карактеристики.
Од увидот во содржината на одредбите од оспорениот Правилник, во овој случај, без да се имаат предвид останатите карактеристики на прописите подобни за уставно-судска оцена, јасно произлегува дека се работи за пропис кој на општ начин уредува односи, за неограничен број на субјекти, и тоа по однос на права и обврски поврзани со организацијата и управувањето со врвниот македонски домен МК во областа на Интернет, користењето на поддомените во врвниот македонски домен МК, управувањето со врвниот македонски домен МК, регистрацијата, правото на жалба и бришењето на поддомените во врвниот македонски домен МК, правата и обврските на корисниците на поддомените на врвниот македонски домен МК, како и решавањето на спорови. Основот пак, за донесување на ваквата регулатива е содржан во членот 13 од Правилникот за организација и работа на Македонската академска истражувачка мрежа, кој по својот карактер е акт од областа на внатрешното работење на МАРНет.
Од увидот во регистрите на правните прописи што се во важност во Република Македонија произлегува дека во времето на поднесување на иницијативата во правниот поредок не постоела законска регулатива која ги уредувала прашањата поврзани со организација и управување со врвниот македонски домен МК во областа на Интернет и за користење на поддомените во него.
Во меѓувреме, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 15 септември 2010 година донесе Закон за основање Македонска академска истражувачка мрежа, („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010 година), кој влезе во сила на 23 септември 2010 година.
Од увидот во содржината на одредбите на наведениот закон, произлегува дека со него се уредува основањето, статусот, задачите, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата, како и други прашања поврзани со работата на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет), која се конституира како единствена образовна и истражувачка телекому-никациска мрежа во Република Македонија како јавна установа која врши дејност од јавен интерес со својство на правно лице, со свои органи и надлежности.
Според членот 5 алинеи 3 и 6 од Законот, МАРнет, меѓу другото планира, организира и управува со врските помеѓу корисниците на телекомуникациските услуги и управува со македо-нскиот домен (домен mk.), а според членот 10 алинеите 8 и 9 од Законот, Управниот одбор, меѓу другото донесува општ акт за начинот на водење на Регистарот, како и општи акти за користење на телекомуникациските услуги.
Според членот 22 од Законот, членовите на Управниот одбор, Владата на Република Македонија ќе ги именува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). Управниот одбор во рок од 15 дена од денот на именувањето распишува јавен конкурс за избор на директор на МАРнет, а директорот се избира во рок од 15 дена од денот на истекот на рокот во јавниот конкурс (став 2). Управниот одбор го донесува статутот во рок од 60 дена од денот на именувањето на членовите на Управниот одбор (став 3). Актот за организација и работа и актот за систематизација на работните места директорот на МАРнет ќе ги донесе во рок од 60 дена од денот на неговиот избор (став 4).
Во членот 23 од Законот е предвидено дека, општите акти предвидени со член 10 алинеја 8 од овој закон, Управниот одбор ќе ги донесе во рок од 30 дена од денот на донесувањето на статутот, а во членот 24 од Законот е предвидено дека МАРнет започнува со работа со денот на изборот на директорот.
Од анализата на одредбите од Закон за основање Македонска академска истражувачка мрежа неспорено произлегува дека проблематиката поврзана со основањето, статусот, задачите, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата, како и други прашања поврзани со работата на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет) и корисниците на нејзините услуги за прв пат добива законска основа со овој закон и досега не била предмет на уредување со било каков важечки закон од правниот поредок на Република Македонија. Воедно, наведениот закон остава простор одделни прашања да бидат доуредени со подзаконски акти што треба да ги донесат органите на МАРнет во законски пропишаните рокови.
Врз основа на наведеното произлегува дека се основани наводите од иницијативата дека оспорениот правилник како акт кој уредува права и односи на субјектите во користењето на врвниот македонски домен МК во областа на Интернет и користењето на поддомените во него нема своја основа во закон од правниот поредок на Република Македонија што не е во согласност со владеењето на правото и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и со законите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Ова од причина што правилниците, по својата правна природа, најчесто се подзаконски акти што се носат во функција на операционализација на конкретни законски одредби, но овде не постојат законски одредби што треба понатаму да се операционализираат, од каде, без постоење на законско овластување со оспорениот правилник изворно се уредуваат права и обврски за неограничен број субјекти. Судот, воедно, имаше предвид дека постојат и правилници со кои се уредуваат прашања од значење за внатрешното работење на правните лица кои ги донеле, но од содржината на оспорените одредби очигледно е дека оспорениот правилник нема карактер на акт кој ги уредува внатрешните прашања на органот што го донел.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени оспорениот правилник не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.72/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски