Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 став 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Давид Нинов од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминацијата по основ на верска припадност.
2. Давид Нинов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на слободата на уверувањето и забраната на дискриминацијата по основ на верска припадност.
Во барањето се наведува дека со Решение Рег.бр.12/09 од 28.07.2009 година, за одбивање на регистрација на означената “Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија”, донесено од страна на Основниот суд Скопје II Скопје и со Решение на Апелациониот суд во Скопје Гж.бр.4477/09 од 04.02.2010 година, со кое била одбиена жалбата од подносителот, а првостепеното решение потврдено, подносителот смета дека му биле повредени неговите верски права и слободи гарантирани со членовите 16 и 19 од Уставот, член 18 од Универзалната декларација за човековите права и член 9 од Европската конвенција за човекови права.
Како причини дека токму од тие акти му биле повредени неговите верски слободи и права, наведува дека поради нерегистрирањето, означената верска заедница на која и припаѓал, не можела да добие правен статус, бидејќи не можел да ја практикува верата на јавни места, да носи верски обележја, да се здружувал со други лица на доброволна основа заради заедничка богослужба, молитва или друг вид на остварување на верска слобода. Наведува и дека тој бил свештено лице со православна вероисповест и секогаш носел обележје на неговиот чин, односно носел свештеничка мантија. Понатаму, низ целиот текст на барањето, подносителот воопштено дава приказ на претпоставени можни настани и случаи од кои тој смета дека би можел да биде санкциониран, како последица од нерегистрирањето на религиозната група на која и припаѓал, а наведува исто така дека и покрај игнорантскиот однос на извршната и судската власт, верска заедница на која и припаѓал, постоела и дејствувала неформално повеќе од 6 години, имала преку 1000 верски приврзаници и дека таа станувала се помасовна.
Понатаму, во барањето покрај другото, се бара овој суд да го поучи барателот и неговите верски приврзаници и да посочи кои биле условите кои требале да ги исполнат тој и неговите приврзаници за нивната регистрација, па дури и ќе го променеле името, бидејќи од страна на надлежните органи одбиено било нивното барање за регистрација токму поради вакви недостатоци.
Од овие причини, се бара Уставниот суд на Република Македонија, да ја испитал повредата на уверувањето и вероисповеста, нанесена на верниците-следбеници на верска заедница на која подносителот и припаѓал, со нерегистрирањето на означената религиозна група, односно се бара овој суд да се произнел и да ги упател истите во остварувањето на нивното барање.
4. Судот на седницата утврди дека барателот тврди дека припаѓал и бил следбеник на “верски субјект” означен како “Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија”.
Со Решение Рег.бр.12/09 од 28.07.2009 година, донесено од страна на Основниот суд Скопје II Скопје, било одбиено барањето за упис во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, што се води при Основниот суд Скопје II Скопје на “Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија”. Првостепениот суд го одбил барањето бидејќи утврдил дека не биле исполнети условите од Законот за правата положба на црква, верска заедница и религиозни групи за запишување на означената “Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија” во Единствениот судски регистар на Цркви, верски заедници и религиозни групи, поради следното:
Во случајот, Судот утврдил дека, основачко собрание на физички лица на кое се донесува одлука за основање на доброволна заедница со име означено во барањето, не било одржано, а поднесеното барање за запишување на предметниот верски субјект, Судот утврдил дека резултирал врз основа на одлука донесена од тело-орган таканаречен “Светиот Архиерејски Синод”, а не од основачко собрание на физички лица, што било спротивно на членот 2 и членот 12 од Законот.
Понатаму, надлежниот суд утврдил дека била сторена повреда во поглед на формата бидејќи се барало запишување на субјект кој во таква форма воопшто не бил предвиден во Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, што било спротивно на членот 1 став 1 и членот 2 од Законот. Имено, во случајот, Судот утврдил дека се барало запишување на божествена установа во форма на Архиепископија која припаѓала на Канонското подрачје на Пеќката Патријаршија, која установа ќе се управувала во рамките на нејзината автономија, а никако не укажувало на фактот дека се барало запишување на доброволна заедница на физички лица во форма каква предвидувал Законот.
Судот, исто така, утврдил дека поднесеното барање било спротивно и на членот 10 од Законот во кој јасно било посочено што треба да содржи името и официјалното обележје на секој нов субјект, односно дека истите требало да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните верски заедници. Наведеното од причини што ниту во членот 10 од Законот, ниту во било која одредба од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, не било содржано ниту била дадена можност во името на верскиот субјект чие запишување се барало, да е дозволена употреба на имиња и нивни изведенки кои се дел или пак асоцираат на званични називи односно имиња на држави или на веќе регистрирани верски заедници или пак се однесуваат на канонски територии-подрачја на кои правно дејство односно делување не може да има Законот за правната положба на Црква, верска заедница и религиозна група, туку друга јурисдикција, како што се барало во случајот. Користењето на зборовите “Православна Охридска Архиепископија” во името на верскиот субјект чие запишување се барало, значело повреда на ставот 1 од членот 10 од Законот бидејќи упатувале на друга верска заедница во ликот на Уставно определената Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија (која ова име го заштитила во Државниот завод за индустриска сопственост под ТМ бр.2004/578) и која тоа име го користела како уставно, историско, актуелно и во континуитет на целокупниот црковно-просветен и духовен живот.
Понатаму, Судот констатирал дека барањето за регистрација на предметниот верски субјект било спротивно и на член 12 став 2 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, со кој било регулирано што треба да содржи актот за основање, со цел да се докажело исполнувањето на условите за запишување. Имено, Судот констатирал дека и во тој дел била сторена повреда на Законот бидејќи во таканаречената Одлука за основање на “Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија” било предвидено само застапување на истата, а не и нејзино претставување, како што е предвидено во Законот.
Повреда била сторена и на членот 13 став 1 алинеја 2 од цитираниот закон, бидејќи според тој член актот за основање требало да содржи точно одредено седиште на верскиот субјект чие запишување се бара, а во случајот било назначено привремено седиште на таканаречената Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија.
Од сите погоре наведени причини, првостепениот суд оценил дека поднесеното барање за запишување во Единствениот судски регистар на Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, било спротивно на членовите 1 став 1, 2, 7 став 1, 8, 9 став 3, 10, 12 став 2 алинеја 5 и член 13 став 1 алинеја 2 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група.
Незадоволен од одлуката на првостепениот суд, барателот против Решението Рег.бр.12/09 од 28.07.2009 година на Основниот суд Скопје II Скопје, вложил жалба до Апелациониот суд Скопје, кој со Решение Гж.бр.4477/09 од 04.02.2010 година, ја одбил жалбата како неоснована, со образложение дека првостепениот суд правилно утврдил дека поднесеното барање за запишување во Единствениот судски регистар на таканаречената Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, е спротивно на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, од кои причини и правилно постапил кога го одбил барањето како неосновано.
Незадоволен од одлуките на судовите со кои било одбиено барањето за регистрирање на таканаречената Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, барателот Давид Нинов, со барањето до Уставниот суд, бара утврдување на повреда на неговите слободи и права што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминацијата по основ на верска припадност. Всушност, со барањето, подносителот само начелно се повикува на повреда на верски слободи и права, со цел да се издејствува поинакво решение од одбиеното барање за регистрација, кое било поставено пред надлежниот суд.
Барателот, по ова прашање веќе еднаш се има обратено до овој суд и неговото барање е отфрлено со Решение У. Бр. 184/2009 од 9 септември 2009 година.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 16 став 1 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Согласно членот 19 став 1 и 2, се гарантира слободата на вероисповеста и слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
Овие слободи и права се уредени и со член 18 од Универзалната декларација за човекови права според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата и секој има право да ја промени својата религија или убедување, како и слободно, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди, а според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.
Исто така и според членот 9 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата на изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали. Слободата на изразувањето на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.
Во членот 14 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со неа, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Со Уставот начелно се дадени и дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.
Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.
Со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2007), се уредуваат основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.
Од содржината на барањето од подносителот, произлегува дека тој, незадоволен од исходот од водената постапка за регистрирање на означената верска заедница на која и припаѓал, бара овој суд да утврди повреда на слободата на уверувањето и веросисповеста, повикувајќи се на одлуки за регистрација донесени од надлежните судови со кои било негативно одлучено по барањето за регистрација, предлагајќи му на Уставниот суд заради овој неуспех, да утврди повреда на слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот и воедно да биде поучен кои елементи требало да ги исполни за да нареден пат успее пред регистрациониот суд. Имено, во случајов, барателот, остварувањето на верските слободи и права ги поврзува со акт за регистрација односно нерегистрација, правосилно окончан и во која судска постапка веќе му се дадени укажувања за причините за негативниот исход по барањето и законските услови кои требало да ги исполни за да може да го оствари своето барање. Меѓутоа, барателот наспроти овие укажувања, бара Уставниот суд да утврди повреда на слободи и права и воедно да му даде помош со нови укажувања во остварување на своето предметно барање, преку постапката која сака да ја отвори пред Уставниот суд и на тој начин да го измени исходот на претходно водените судски постапки.
Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за да овој суд се впушти во мериторно одлучување по барањето, од причини што од страна на барателот не биле исполнети формалните законски барања пред надлежниот суд, а ова особено затоа што барателот искажува волја да се прилагоди на законските барања за регистрација, но во пракса тоа не го сторил, ниту пак докажува дека надлежниот суд греши во проценката за негово неисполнување на условите, туку едноставно без да постапи по укажувањата на судовите во сопствените акти и во неговата фактичко-формална состојба, го проследува своето барање до сите според него релевантни инстанци. Поради тоа, овој суд, во случајов не може да постапува по однос на прашања од областа на заштитата на слободите и правата предизвикани со поединечни правосилни акти на надлежни органи, со оглед на тоа што субјектот од своја страна во судските постапки не превзел дејствија и не вложил напор во насока на испочитување и исполнување на со закон определени услови за него, кои се задолжителни подеднакво за сите граѓани. Тоа произлегува и од неговото барање до овој суд да му посочи што треба да стори за да биде регистриран, што укажува на свест за постоење на недостатоци кои резултирале со нерегистрирација, имајќи предвид дека со правосилен акт на надлежен суд, барателот не е априори одбиен во смисла на тоа дека немал право да ја регистрира верската заедница на која и припаѓа, туку дека одбивањето е сторено заради неисполнување на условите согласно на Законот, што впрочем не е спорно ниту за барателот.
6. Согласно наведените уставни и деловнички одредби Судот, утврди дека настапени се процесните претпоставки за отфрлање на барањето, поради што одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.118/2010
15 декември 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски