130/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за упатување и враќање на државните службеници во Министерството за надворешни работи на работа во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија бр.01-10320/1, донесен од министерот за надворешни работи на 15 декември 2008 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, член 51, член 52 ставовите 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, член 69 од Законот за надворешни работи и член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“,затоа што тој не бил објавен како што налагале наведените уставни и законски одредби, од кои причини тој не можел да се применува и да произведува правно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник го донел министерот за надворешни работи на 15 декември 2008 година.

Со оспорениот правилник се уредува постапката за упатување и враќање на државните службеници на Министерството за надворешни работи на работа во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Република Македонија.

Државен службеник во смисла на овој правилник е лице вработено во Министерство со стекнато дипломатско и/или конзуларно звање и стручно административните државни службеници.

Исклучок од став 1 на овој член се државните службеници кои се упатуваат во дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија согласно член 70 од Законот за надворешни работи и член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи.

Државниот службеник се упатува на работа во претставништво со решение на министерот за период од пет години, по спроведена постапка согласно овој правилник.

Заради потребата на службата, по исклучок, со решение на министерот, работата на државниот службеник во претставништво може да ја продолжи најмногу за 6 месеци.

Државниот службеник, по правило не може два пати едно по друго да биде упатен во исто претставништво освен, кога на конкурсот освен него не се јави друг кандидат, ниту еден од кандидатите не покажат задоволителни стручни познавања.

Во правилникот понатаму е уредена постапката за упатување на државен службеник на работа во претставништво кое се врши по пат на интерен конкурс кој се објавува на огласна табла и на веб страницата на Министерството, потребните општи и посебни услови што треба да ги исполнува државниот службеник, рокот на пријавување, кој ја спроведува постапката, изборот на државниот службеник, правото на жалба, случаите кога конкурсот се поништува, активностите што ги презема државниот службеник кој е избран на работа во претставништвото и друго.

Со овој Правилник, исто така се уредува постапката за: враќање на државниот службеник во земјата кој се известува најмалку четири месеци порано за точниот датум на враќање, државниот службеник може да биде вратен по негово барање, а може да биде вратен и предвремено во земјата во точно определени случаи.

Државниот службеник пред напуштањето на работата на место во претставништвото е должен да изврши примо предавање на документите и да се раздолжи со опремата и финансиските средства со кои бил задолжен. По враќањето дипломатскиот конзуларен службеник е должен да поднесе извештај за неговата работа во претставништвото.

Во член 29 од Правилникот е предвидено дека тој влегува во сила на денот на неговото објавување на начин вообичаен за Министерството за надворешни работи.

4. Според член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата .

Во членот 68 од Законот за надворешни работи се утврдени основите за упатување на дипломатско-конзуларните службеници на работа во дипломатско конзуларни претставнива, при што тоа упатување се врши врз основа на распишан интерен конкурс, утврдени условите кои треба да ги исполнува лицето кандидат, дека постапката ја спроведува комисија формирана од министерот која донесува и одлука за избор врз основа на која одлука министерот донесува решение за упатување во траење од 5 години.

Според член 69 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006 и 107/2008) дипломатско-конзуларниот службеник може да биде вратен од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, под услови и постапка утврдени со акт на министерот.

Според член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите акти во „Службен весник на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002), во „Службен весник на Република Македонија“ се објавуваат правилници, наредби, упатства, решенија и други акти за кои со закон се овластени да ги донесуваат министрите кои раководат со други органи за кои тие ќе одлучат да се објават во „Службен весник на Република Македонија“.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, одредбите од Законот за надворешни работи, Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, содржината на оспорениот правилник наспрема наводите во иницијативата , Судот смета дека тие се неосновани. Ова од причина што имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, според Судот тој нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Имено тој не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на субјекти во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото. Правилникот претставува интерен акт и се однесува исклучиво на упатување и враќање на државните службеници во дипломатско-конзуларните претставништва и со него со ниту една одредба не се востановуваат односи на граѓаните надвор од Министерството.

Имајќи предвид дека оспорениот правилник е интерен акт, барањето на подносителот на иницијативата тој да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија “е неосновано.

Поаѓајќи од наведеното, Судот оцени дека не постои уставна и законска обврска оспорениот правилник да биде објавен, поради што се исполнети условите иницијативата согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.130/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски