177/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 89 од Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 89 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба е содржана во Закон, кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија“ на 23 јуни 2010 година, но со одредбата се создавала правна ситуација, односно можност оспорениот член 89 да се применува наназад и тоа за 2005, 2006, 2007 и 2008 година, пред неговото објавување и влегување во сила, што значело негово повратно дејство. Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значело и забрана на примената на законите во правни ситуации и односи што настанале пред влегувањето во сила, односно законите дејствувале само врз новите правни ситуации и односи што настанувале по нивното влегување во сила. Во конкретниот случај, повратното дејство пропишано со оспорената одредба не било применливо наназад за наведените години, односно станувало збор за начин на уредување на односи кој единствено бил можен по влегувањето во сила на Законот и не бил применлив на претходните односи. Ова особено што во смисла на членот 7 став 3 од Законот за електронските комуникации, Агенцијата се основала како непрофитно правно лице, а согласно членот 26 став 5, нереализираните средства од годишниот финансиски извештај се пренесувале во годишниот финасиски план на Агенцијата за наредната година.

Подносителот на иницијативата упатува на уставно судската практика по предметите У.бр.12/2007, 51/2008, 165/2008 и 251/2008 и заклучува дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Во иницијативата е содржан и посебен предлог за донесување на решение за запирање на извршувањето, согласно член 27 од Деловникот на Судот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 89 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2010) вишокот на приход по оданочување утврден врз основа на финансиските извештаи за 2005, 2006, 2007 и 2008 година на Агенцијата, Агенцијата ќе го уплати на сметка на Буџетот на Република Македонија во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и истиот ќе се намени за развој на дигиталната терестријална телевизија во Република Македонија, односно за реализација на Акцискиот план за премин од аналогно во дигитално терестријално телевизиско емитување.

Акцискиот план од ставот 1 на овој член го донесува Владата на Република Македонија во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Акцискиот план особено содржи:

– начин и датум на започнување на дигитално емитување на терестријалните телевизиски програмски сервиси на радиоди-фузерите во Република Македонија,
– можност за бесплатно емитување на програмските сервиси на радиодифузерите во периодот на истовремено емитување (аналогно и дигитално) утврден во Акцискиот план,
– датум на престанок на телевизиско аналогно терестри-јално емитување на програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија,
– начин на обезбедување на граѓаните на Република Македонија со дигитални приемници (сет топ боксови),
– начин на соодветно информирање на граѓаните на Република Македонија за процесот на премин од аналогно на дигитално терестријално телевизиско емитување и

– изградба на дигиталната мрежа за терестријално телевизиско емитување на Јавното претпријатие Македонска радио-дифузија, согласно со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најдоцна осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Законот за електронските комуникации во член 7 ја поставил Агенцијата за електронски комуникации како независно регулаторно тело, чиј основач е Собранието на Република Македонија која ги има основачките права над Агенцијата. Имотот и средствата за работа на Агенцијата ги користи и со нив управува Агенцијата, која е основана како самостојно и непрофитно правно лице со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Според членот 26 ставови 1 и 2 од Законот, работењето на Агенцијата се финансира од средства остварени од приходите од надоместоците предвидени со овој закон, како и од донации, заеми и друга финансиска и техничка помош, пришто годишниот финансиски план на Агенцијата е составен дел на годишната програма за работа за наредната година, кој план се доставува до Собранието на Репу-блика Македонија на усвојување. Годишниот финансиски план на Агенцијата содржи податоци за приходите и трошоците, како и предвидените капитални и оперативни трошоци за наредната година. Според ставот 5 од истиот член од Законот, нереализираните средства од годишниот финансиски план на Агенцијата од претхо-дната година се пренесуваат во годишниот финансиски план на Агенцијата за наредната година.

Со оспорената одредба од Законот се предвидува уплата на вишокот средства во Буџетот на Република Македонија и тоа во рок од 6 месеци по влегувањето во сила на Законот и врз основа на тој закон се определува намената на вишокот средства-развој на дигитална терестеријална телевизија.

Имајќи ја предвид изнесената регулатива произлегува дека Собранието на Република Македонија, како орган на државната власт кој ги има основачките права над Агенцијата има и право со закон да ја определи конкретната намена на наведените средства (развој на дигитална терестеријална телевизија) од годишниот финансиски план на Агенцијата од претходните 2005, 2006, 2007 и 2008 година со пренос на средствата во соодветна наредна година, во што не може да се согледа повратно понеповолно дејствие за граѓаните, како што тврди подносителот на иницијативата. Напротив, со ваквото насочување на тие средства од годишните финсиски планови од страна на основачот на Агенцијата (Собранието на Република Македонија), граѓаните на Република Македонија имаат само придобивка во форма на замена на аналогната со дигитална терестеријална телевизија.

Имајќи предвид дека со оспорениот член 89 од Законот не се пропишуваат права или пак обврски кои се понеповолни за граѓаните Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Оттаму, подносителот на иницијативата упатува на несо-одветна уставно судска практика. Заради наведеното произлегува и дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Судот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поеди-нечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски