150/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 173 од Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007, 103/2008 и 55/2010).

2. Гоце Стојановски од Кратово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 173 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 173 не бил во согласност со членовите 24, 29, 35, 39, 50, 51 и 52 од Уставот и бара негово поништување, а посебно ставот 3 во делот „во рок од 12 месеци“. Ова од причина што во Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005) рокот за трансформација на локалните радија бил шест месеца, а со измените на законот од 2007 година овој рок е 12 месеци што било спротивно на член 52 од Уставот односно наведените измени имале повратно дејство што било неповолно за граѓаните.

Понатаму, подносителот наведува дека со истекот на рокот од шест односно 12 месеци членот 173 повеќе не постоел на штета на локалните радија кои сеуште не биле трансформирани, а при тоа статусот на вработените не бил решен од кои причини бара Судот да го поништи оспорениот член, а на вработените да им се реши статусот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 173 став 1 од Законот „Советот за радиодифузија, во соработка со Агенцијата за информации и МРТ, во рок од шест месеца од денот на влегување во сила на овој закон е должен да ја испита состојбата и да направи анализа на постојните јавни претпријатија кои вршат радиодифузна дејност – радио на локално ниво врз основа на која ќе донесе одлука со која ќе се одреди кои од нив ќе добијат статус на регионални центри на ЈП Македонска радиотелевизија, а за другите ќе предложи решенија за нивна трансформација согласно со одредбите од овој и друг закон.”
Одлуката од ставот 1 на овој член содржи и:
– техничкото средство преку кое се врши преносот,
– сервисна зона и локација на техничкото средство,
– знак за идентификација
– програмски услови,
– времетраење на важноста на дозволата и
– висина на надоместоците и начин на плаќање.

Според ставот 3 на овој член, јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво се должни во рок од 12 месеца од денот на донесувањето на одлуката од ставот 1 на овој член да ја извршат предложената трансформација.(Рокот од 6 на 12 месеци е променет со измените и дополнувањето на Законот за радиодифузна дејност ( “Службен весник на Република Македонија” 19/2007 ).

Јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво трансформирани во трговско радиодифузно друштво или непрофитна радиодифузна установа ќе се запишат во соодветниот регистар врз основа на одлуката од ставот 1 на овој член, а по добиените одобренија од Агенцијата за електронски комуникации Советот за радиодифузија ќе им даде дозвола за вршење радиодифузна дејност без надомест.

( Во ставот 5 кој престанал да важи со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008) било предвидено „Јавните претпријатија кои вршат дејност на локално ниво кои нема да постапат по одлуката на Советот за радиодифузија од ставот 1 на овој член, се бришат од регистарот, а нивниот имот и обврски ги презема Република Македонија” ).

Според ставот 6 на овој член од Законот, до завршување на постапката за трансформација, постоечките јавни претпријатија кои вршат дејност на локално ниво ќе се финансираат од радиодифузната такса во износ од 5% од вкупниот износ на прибраните средства претходно наменети за 0,5% на име провизија.

4. Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Со Законот за радиодифузна дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузна дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата (член 1).

Радиодифузна дејност може да врши радиодифузер под услови и на начин утврдени со овој и друг закон (член 6).

Радиодифузер може да биде јавно радиодифузно претпријатие, трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа (член 7).

Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис (член 8).

Оспорениот член 173 е поместен во Глава XVII „Преодни и завршни одредби“ и со него се уредува прашањето на трансформација на јавните претпријатија кои вршеле радиодифузна дејност на локално ниво.

Имено, според овој член Советот за радиодифузија во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон бил должен да донесе одлука со која ќе предложи трансформација на локалните радио станици согласно со одредби од овој или друг закон.

Јавните претпријатија кои вршеле дејност на локално ниво биле должни во рок од шест месеци, а со измените на Законот (2007 година) со кој ставот 3 на член 173 е променет, па наместо рокот од 6 месеци предвиден е рокот од 12 месеци, во кој рок биле должни да ја извршат предложената трансформација согласно Одлуката на Советот за радиодифузија.

Согласно ставот 5 на членот 173 од Законот, јавните претпријатија кои нема да постапат по Одлуката на Советот, требало се бришат од регистарот, а нивниот имот и обврски ги презема Република Македонија. ( Оваа одредба со измени на Законот од 2008 година е избришана ).

Со измените на Законот за радиодифузна дејност од 2008 година, покрај другот, по членот 12 од Законот се додава нова точка и нови три члена 12-а, 12-б, 12-в „Стечај и ликвидација на јавно радиодифузно претпријатие и трговско радиодифузно претпријатие“, со кои се уредува прашањето на спроведување на постапка за ликвидација или да се отвори стечајна постапка.

Според ставот 6 на член 173 од Законот, до завршување на постапката за трансформација на постојните јавни претпријатија кои вршат дејност на локално ниво ќе се финансираат од радиодфузната такса во износ од 5% од вкупниот износ на прибраните средства.

Од анализата на оспорената одредба, како и другите одредби од Законот за радиодифузна дејност, произлегува дека законодавецот го уредил прашањето на трансформација на јавните локални радиодифузни претпријатија кои по донесување на Одлуката од Советот за радиодифузија, биле должни во рок од шест месеци, а подоцна со измените на Законот, во рок од 12 месеци, да се трансформираат. Доколку предвидената трансформација не била спроведена над овие претпријатија,требало да се отвори ликвидација или да се отвори стечајна постапка. Или поточно речено, иако измената на Законот следувала во 2007 година, односно кога веќе рокот од шест месеци бил истечен, намерата на законодавецот очигледно била на претпријатијата кои веќе ја започнале постапката за трансформација да им даде можност истата да ја завршат, односно да бидат трансформирани. Следствено на наведеното, според Судот, целта на законодавецот со продолжување на рокот од 6 на 12 месеци, била да им овозможи на овие претпријатија да се трансформираат и да продолжат да работат на пазарот, па доколку не успеат во тоа, потоа да бидат ликвидирани.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оттука, според Судот, оспорениот член има темпорален карактер и тој се применувал само на јавните претпријатија од локално ниво кои започнале постапка за трансформација согласно предвидениот модел во Одлуката на Советот за радиодифузија, а не и на оние кои воопшто не ја започнале таа постапка, поради што не може да се прифати наводот од иницијативата дека оспорениот член има повратно дејство.

Според тоа, а имајќи ги предвид одредбите од Законот за радиодифузна дејност, оспорената одредба од член 173, а посебно делот од став 3 „во рок од 12 месеци“ наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека оваа одредба не може да биде доведена под сомнение во однос на прашањето за нејзиното повратно дејство, како и во однос на другите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот,од причина што таа имала времен карактер и веќе не се применува по истекот на рокот од 1 година од денот на влегување во сила на Законот.

Фактот што во конкретниов случај Центарот за радио и печат – Радио Кратово – Кратово не бил трансформиран во трговско друштво во предвидениот рок и што не е донесено решение за ликвидација на ова претпријатие, а на вработените не им бил решен статусот, не се прашања за кои Уставниот суд е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски