У.бр.141/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 80 став 4 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008, 33/2010 и 116/2010).

2. Наташа Станковска од Крива Паланка, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член од Законот директно се прекршувале одредбите од членот 8 став 1 алинеја 3, и членовите 9 и 32 од Уставот, бидејќи на граѓаните не им се овозможувале еднакви права, туку наставниот кадар со положен стручен испит се дискриминирал, односно бил ставен директно во понеповолна положба во однос на лицата кои го немале положено стручниот испит, бидејќи статусната положба на лицата со положен испит и стекнато звање наставник и лицата без положен испит се изедначувал, а на наставниците со положен стручен испит им се оневозможувал пристап до секое работно место под еднакви услови. Од друга страна, лицата кои го немаат положено стручниот испит кој е задолжителен во основното образвание и претставува услов да се стане наставник, се ставале во привилегирана положба, односно им се овозможувал пристап на работно место наставник, иако не ги исполнувале пропишаните услови. Со оглед дека Законот за основно образование во членот 77 и членот 80 став 1 јасно пропишал кој може да биде наставник и ги утврдил условите кои едно лице треба да ги исполнува за да биде вработено како наставник, каде како еден од задолжителните услови е пропишано кандидатот да има положен стручен испит, што укажува дека оспорениот член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование бил во спротивност со Уставот и Законот.

Со оспорениот член, според подносителката, се воведувала правна нестабилност во Република Македонија бидејќи не се овозможувала ефикасна гаранција дека доследно ќе се спроведува членот 80 од Законот за основното образование и дека при изборот на наставниот кадар во целост ќе се почитува условот кандидатот да мора да го има положено стручниот испит, туку на овој начин било оставено на субјективната волја на раководителот на училиштето да може да избере врз основа на свое дискреционо право, без при тоа да ги почитува доследно критериумите определени во член 80 став 1 од Законот, со што се повредувал принципот на владеењето на правото.

Поради наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот и истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 80 став 4 од Законот за основното образование, на јавниот оглас за засновање на работен однос за наставник, стручен соработник, односно воспитувач може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено работно време до крајот на учебната година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за основното образование, со овој закон се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како единствен воспитно-образовен систем.

Во Глава VII од Законот, со наслов „Наставници, стручни соработници и воспитувачи“ е содржан член 77 во кој се наведува дека воспитно образовната работа во основното училиште ја остваруваат наставници, стручни соработници (педагог, психолог, социолог, социјален работник, дефектолог, библиотекар) и воспитувачи (став 1).

Наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основното училиште имаат соодветно високо образование (став 2).

Видот на стручната подготовка на лицата кои остваруваат воспитно-образовна работа во основното училиште се уредува со норматив за наставен кадар на основното училиште, што го утврдува министерот (став 3).

Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовниот систем, односно дејноста на основното образование, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. При тоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови, но во секој случај, доминантни, пред се, се предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.

Прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштина значи обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите права и должности без притоа да се прави разлика меѓу нив. Имено, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува кандидатот за избор на одредено работно место. Токму врз основа на овие принципи законодавецот во Законот за основното образование ги определил условите кои треба кандидатите да ги исполнуваат за наведените места.

Имено, во членот 80 од Законот, кој е содржан во наведената Глава VII од Законот, во точка 1 со наслов „Засновање на работен однос“, се утврдени посебните услови кои наставникот, стручниот соработник и воспитувачот треба да ги исполнуваат при засновање на работниот однос на одредено работно место, односно посебните критериуми при вработување во основното училиште.

Согласно ставот 1 на овој член од Законот, за наставник, стручен соработник и воспитувач може да се вработи лице коешто покрај општите услови ги исполнува и следниве посебни услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– да има соодветно образование,
– да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и
– да има положено стручен испит за наставник, стручен соработник, односно за вопитувач.

Согласно оспорениот став 4 на овој член од Законот, на јавниот оглас за засновање на работен однос за наставник, стручен соработник, односно воспитувач може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено работно време до крајот на учебната година.

Во ставот 5 на овој член од Законот е предвидено дека без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време.

Во член 85 од Законот со наслов „Приправнички стаж“ поблиску се уредени условите за полагање на стручниот испит за наставник, стручен соработник или воспитувач, а тоа е лицето да го помине приправничкиот стаж од една година, по што се полага испитот пред комисија.

Имено согласно ставот 1 на овој член од Законот, наставник, стручен соработник или воспитувач кој за првпат се вработува во основно училиште е наставник-приправник, стручен соработник-приправник, односно воспитувач-приправник.

Приправничкиот стаж трае една година. (став 2)

Согласно ставот 3 на истиот член, за време на приправничкиот стаж на приправникот му припаѓа плата во висина од 80% од платата на наставникот, стручниот соработник, односно воспитувачот.

За време на приправничкиот стаж лицата од ставот (1) на овој член се оспособуваат за самостојна воспитно-образовна, односно стручна работа преку совладување на програмата за стручен испит (став 4).

Приправникот за време на приправничкиот стаж соработува со наставниците, стручните соработници, односно воспитувачите и се подготвува за стручен испит (став 5).

За време на приправничкиот стаж приправникот го следи ментор. (став 6). Менторот на приправникот го определува директорот на училиштето од редот на наставниците, односно стручните соработници или воспитувачи кои вршат работа за која се оспособува приправникот и имаат звање наставник – ментор или наставник – советник (став 7). Менторот на приправникот му подготвува програма која вклучува методска, дидактичка и друга подготовка потребна за оспособување на наставникот и за полагање испит. Менторот изработува извештај за работата на приправникот (став 8).
Исто лице не може да биде ментор во исто време на повеќе од два приправника (став 9). За вршење на работа на ментор, училиштето на менторот му исплаќа надоместок во висина од 10% од платата која ќе ја прима приправникот по завршувањето на приправничкиот стаж (став 10).

Согласно ставот 11 на членот 85, приправникот по истекот на приправничкиот стаж полага стручен испит пред комисија формирана од министерот.

Во ставот 12 на истот член од Закон е предвидено дека приправникот за полагање на стручниот испит плаќа надоместок, чија висина ја утврдува министерот врз основа на реалните трошоци за спроведувањето на стручниот испит, а согласно ставот 13, програмата за полагањето на стручниот испит на приправникот и начинот на спроведувањето на испитот ги пропишува министерот.

Од наведените две одредби од Законот за основно образование, произлегува дека, работен однос на неопределено време за наставник, стручен соработник и воспитувач во основното образование, може да се заснова само доколку лицето има положено стручен испит. Од друга страна пак, за да се положи стручниот испит, Законот предвидува лицето да мора да биде вработено, при што тоа добива статус наставник-приправник, стручен соработник-приправник, односно воспитувач-приправник. Лицето со овој статус мора мора да помине приправнички стаж во траење од една година, во текот на која тоа се оспособува за самостојна воспитно-образовна, односно стручна работа преку совладување на програмата за стручен испит и под менторство на наставник. Согласно законот, приправникот по истекот на приправничкиот стаж полага стручен испит пред комисија, и дури потоа, со положен стручен испит, лицето може да заснова работен однос на неопределено време како наставник, стручен соработник или воспитувач.

Оттука, според Судот, со одредбата дека на јавниот оглас за засновање на работен однос во основно училиште може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година им се овозможува на лицата да стекнат една година работен стаж заради полагање на стручен испит и да стекнат услови за засновање на работен однос на неопределено време како наставник, односно стручен соработник или воспитувач.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба наставниот кадар со положен стручен испит се дискриминирал, односно бил ставен директно во понеповолна положба во однос на лицата кои го немале положено стручниот испит и дека статусната положба на лицата со положен испит и стекнато звање наставник и лицата без положен испит се изедначувал, Судот не ги прифати, од причина што во самиот закон јасно е разграничена статусната положба на лицата со положен стручен испит кои можат да засноваат работен однос на неопределено време во својство на наставник, стручен соработник или воспитувач и лицата кои немаат положен стручен испит и кое можат да засноваат работен однос на определено време од една година со статус на приправник.

За Судот, исто така, се неосновани и стравувањата на подносителката дека оспорената одредба не давала ефикасна гаранција дека доследно ќе се спроведувал членот 80 од Законот за основното образование и дека при изборот на наставниот кадар во целост ќе се почитувал условот кандидатот да мора да го има положено стручниот испит, од причина што во Законот, во ставот 5 членот 80 јасно е определено дека без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време, така што произлегува дека статус на наставник, стручен соработник или воспитувач може да се стекне само со положен стручен испит.

Оспорената одредба, според тоа, дава можност за засновање на работен однос за стекнување со статус наставник-приправник и доколку нема ваква одредба, на јавните огласи за засновање на работен однос на определено време нема да можат да се пријават лица без положен стручен испит, со што овие лица би биле ставени во нерамноправна положба по однос на засновање на работен однос во основните училишта, односно нема да можат да го положат стручниот испит како услов за засновање на работен однос за наставник, стручен соработник и воспитувач.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не содржи елементи на дискриминација по ниту еден основ, и дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителката на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски