66/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби од Законот, означен во точката 2 од решението.

3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на: членот 5 алинеја 6 во деловите: “државна урбанистичка планска документација е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела”, “вон планскиот опфат,” и “за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија;” и алинеја 7 во деловите: “локална урбанистичка планска документација е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела”, “вон плански опфат,” и “за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија;”, членот 50 став 1 во деловите: “Со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела”, “вон планскиот опфат,” и “за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за Републиката.”, ставот 3 во делот: “државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.” и ставовите 4-10, членот 50-а став 1 во деловите: “Со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела”, “вон планскиот опфат,” и “за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за општината.”, ставот 3, ставот 4 во делот: “локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.” и ставовите 5-12, од Законот означен како во точката 1 од решението.

4. Мирослав Грчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите и нејзиното дополнување, со воведувањето на државната и локалната урбанистичка планска документација не се дополнувал или доуредувал системот на урбанистичкото планирање, туку тој се суспендирал на сметка на сите фази во процесот на изработката и донесувањето на плановите во кои се овозможувало непосредно и преку претставници, граѓаните да одлучуваат за прашањата од областа на урбанизмот, што било спротивно на член 115 став 1 од Уставот. На тој начин, законодавецот овозможил да се менуваат сите урбанистички планови од членот 7 од Законот, во постапка различна од онаа со која се донесувале плановите, односно со поединечни акти да се преуредува веќе уреден простор и тоа значело воведување на паралелен начин на уредување на просторот, што било спротивно на темелните вредности на уставниот поредок за владеење на правото и за уредувањето и хуманизацијата на просторот, како и правото на граѓаните, непосредно и преку претставници, да одлучуваат за прашањата од областа на урбанизмот. Од овие причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот како и донесување на решение за запирање на извршувањето на дејствијата кои се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

5. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 5 алинеите 6 и 7 од Законот, е дефинирано значењето на изразите дражавна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска докуементација.

Понатаму, Судот утврди дека со оспорениот член 17-а став 4 од Законот е определено дека доколку општината не ја започне постапката за изменување и дополнување на урбанистичкиот план согласно со ставовите 1 и 2 од истиот член, подносителот на иницијативата да може да достави до општината локална урбанистичка планска документација со која се предвидува бараната измена на урбанистичкиот план, која треба да биде во согласност со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и одредбите од членот 50-а на овој закон, а со оспорениот став 5 од истиот член од Законот, е определено дека доколку општината не постапи согласно ставот 4 на овој член, односно не го одобри или одбие барањето за одобрување на локална урбанистичка планска документација во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, подносителот може да достави барање за одобрување на истата до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Понатаму, овој оспорен став определува дека Комисијата од членот 31 став 2 на овој закон, е должна во рок од 30 дена да достави предлог до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на локалната урбанистичка планска документација, кој врз основа на доставениот предлог донесува решение со кое ја одобрува локалната урбанистичка планска документација или го одбива барањето за одобрување на истата.

Судот, утврди дека со оспорениот член 50 од Законот е определено дека:

“Со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за Републиката.

Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација во следниве случаи:
– доколку не е оформена градежна парцела ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
– во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и
– доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.

Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.

По исклучок од ставот 1 на овој член за технолошките индустриски развојни зони, со државна урбанистичка планска документација може да се уредува користење на просторот, со определување на градежни парцели во рамките на зоната.

Државната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон. На државната урбанистичка планска документација задолжително треба да биде извршена стручна ревизија согласно одредбите на овој закон.

Содржината на државната урбанистичка планска документација треба да биде изработена согласно член 11 од овој закон.

Заинтересирани правни и физички лица можат да достават државна урбанистичка планска документација до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа уредување на просторот. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот спроведува јавна презентација и јавна анкета, согласно член 24 од овој закон, при што јавната анкета треба да трае најмалку пет работни дена. По спроведената јавна презентација и јавна анкета, комисијата од член 31 став (2) на овој закон, постапува согласно член 24 став (6), (7), (8) и (9) од овој закон.

По спроведување на дејствијата од став (7) на овој член, Комисијата од член 31 став (2) на овој закон доставува предлог до министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на државната урбанистичка планска документација, кој врз основа на доставениот предлог донесува решение со кое ја одобрува државната урбанистичка планска документација или го одбива барањето за одобрување на истата.

Државна урбанистичка планска документација се изработува во шест примероци од кои еден примерок се чува во органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок задржува барателот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок во Агенцијата за катастар на недвижности и еден примерок се чува во општината на чие подрачје е планскиот опфат на државната урбанистичка планска документација. Доколку планскиот опфат зафаќа подрачје на повеќе општини се изработуваат повеќе примероци и се доставува по еден во секоја општина. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот е должен да води евиденција за одобрените државни урбанистички плански документации.

Државната урбанистичка планска документација се применува по нејзиното одобрување и по извршено картирање на хамер и претставува основа за изработување на идеен проект на градба (ситуација, основи, пресек и изгледи на градбата) кој е потребен во постапката за добивање на решение за локациски услови. Картирањето на хамер се врши на сметка на подносителот на барањето за одобрување на државната урбанистичка планска документација “.

Судот, понатаму утврди дека со оспорениот член 50-а од Законот е определено дека:

“Со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за општината.

Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со локална урбанистичка планска документација во следниве случаи:
– доколку не е оформена градежна парцела ако до истата постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
– во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање.

Со локална урбанистичка планска документација не може да се уредува просторот вон плански опфат за градби со намена домување.

Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.

По исклучок од ставот 1 на овој член со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела која опфаќа подрачје на повеќе општини, во кој случај локалната урбанистичка планска документација треба да ја одобрат градоначалниците на општините чие подрачје е опфатено со истата.
Потребата од изработување на локална урбанистичка планска документација ја утврдуваат советите на општините, а ја одобруваат градоначалниците на општините.

Локалната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон. На локалната урбанистичка планска докуменатација задолжително треба да биде извршена стручна ревизија согласно одредбите на овој закон.

Содржината на локалната урбанистичка планска документација треба да биде изработена согласно член 11 од овој закон. При изработка на локалната урбанистичка планска документација задолжително треба се прибават потребните податоци и информации согласно член 29 на овој закон.

Доколку општината има потреба за изработка на локална урбанистичка планска документација, за изработката на оваа локална урбанистичка планска документација одлука донесува советот на општината. Заинтересирани правни и физички лица можат да достават до општината локална урбанистичка планска документација. Општината спроведува јавна презентација и јавна анкета на начин и постапка согласно член 24 на овој закон, при што јавната анкета треба да трае најмалку пет работни дена.

По спроведување на дејствијата од став (8) на овој член, Комисијата од член 17 став (4) на овој закон доставува предлог до градоначалникот на општината за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на локалната урбанистичка планска документација, кој врз основа на доставениот предлог донесува решение со кое ја одобрува локалната урбанистичка планска документација или го одбива барањето за одобрување на истата.

Локалната урбанистичка планска документација се изработува во пет примероци од кои еден примерок се чува во органот што го одобрил, еден примерок задржува барателот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и еден примерок во Агенцијата за катастар за недвижности. Доколку планскиот опфат зафаќа подрачје на повеќе општини се изработуваат повеќе примероци на локалната урбанистичка планска документација, по еден за секоја општина.

Локалната урбанистичка планска документација се применува по нејзиното одобрување и по извршеното картирање на хамер и претставува основа за изработување на идеен проект на градба (ситуација, основи, пресек и изгледи на градбата) кој е потребен во постапката за добивање на решение за локациски услови. Картирањето на хамер се врши на сметка на подносителот на барањето за одобрување на локалната урбанистичка планска документација.

Општините се должни да водат евиденција за одобрените локални и државни урбанистички плански документации.”

6. Согласно членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на локалната самоуправа со Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, е определено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според став 2 на овој член од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката со закон може да и одобри вршење на определени работи на општината.

Законот за просторно и урбанистичко планирање со членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Во членот 5 од Законот, содржани се дефинициите, односно значењето на употребуваните изрази во Законот.

Со оспорената алинеја 6 од членот 5 од Законот, определено е значењето на изразот државна урбанистичка планска документација и таа е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а според алинејата 7 од истиот член, локална урбанистичка планска документација е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела, во и вон плански опфат како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија.

Во Глава II. Планирање на просторот, во точка 1. од Законот, содржани се одредби за видовите и содржината на плановите, а во точка 2 од истата Глава од Законот, содржани се одредби со кои е уредена постапката за изработување и донесување на плановите.

Со членот 7 од овој закон е определено дека во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1. Просторен план на Република Македонија и
2. Урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Со член 17-а став 1 од Законот, е определена обврска за општините да ја разгледувааат секоја иницијатива поднесена од правни и физички лица за изменување и дополнување за урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3, и 4 на овој закон, како и обврската во рок од 30 дена да ги известат подносителите на иницијативата дали истата се прифаќа. Според ставот 2 од истиот член од Законот, доколку општината ја прифати поднесената иницијатива, должна е во рок од 3 месеци да постапи по прифатената иницијатива, односно да ја започне постапката за изменување и дополнување на урбанистичкиот план од иницијативата. Според ставот 3 од овој член за започната постапка од ставот 2 на овој член се смета доколку е одобрена планската програма од членот 5 алинеја 7 на овој закон.

Од анализата на одредбите од членот 17-а ставови 1, 2 и 3 од Законот, произлегува дека, граѓаните имаат можност користејќи го своето уставно право непосредно или преку претставници (Амандманот XVII точка 1 со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот) да одлучуваат за прашања од локално значење. Конкретно во случајов овозможено е правните и физичките лица да поднесуваат иницијативи за изменување и дополнување на урбанистичките планови, за чија иницијатива одлучува општината и доколку таа се прифати, општината е должна во утврдени рокови со Законот, да започне постапка за изменување и дополнување на урбанистичкиот план за која е поднесена иницијативата. Исто така од анализата на овој член, произлегува дека тука станува збор за случај кога правно или физичко лице констатирало потреба од изменување и дополнување на урбанистички план со урбанистичка планска докуменетација, за разлика од членот 50-а каде е пропишана постапка кога општината има потреба за тоа.

Меѓутоа, со оспорените ставови 4 и 5 од членот 17-а од Законот, законодавецот уредил состојба во случај кога општината нема да спроведе постапка за прифатените иницијативи од граѓаните за измена на плановите, на начин што со оспорените одредби овозможил, бараната измена на урбанистичките планови да се спроведе на друг начин. Имено, доколку општината не ја започне постапката, на подносителот на иницијативата му е дадена можност до општината да достави локална урбанистичка планска документација со барање да се одобри бараната измена на урбанистичкиот план. Повторно и во овој случај доколку општината не го одобри или одбие барањето за одобрување на документацијата, подносителот има можност истата да ја достави до Министерството за транспорт и врски. По однос на документацијата, постапува комисија формирана од страна на министерот која доставува предлог до министерот за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на локалната урбанистичка планска документација, а министерот врз основа на доставениот предлог донесува решение со кое ја одобрува локалната урбанистичка планска документација или го одбива барањето за одобрување на истата.

Од анализата на овие оспорени одредби од Законот, произлегува дека доколку општината, во кој и да било случај, не ја одобри локална урбанистичка планска документација, со која се бара изменување и дополнување на урбанистички план, тоа да може да се стори со акт на министерот, односно, изменувањето и дополнувањето на урбанистичките планови да се реализира не преку редовната постапка за нивно менување и дополнување, туку, на начин кој овој закон го уредува, паралелно со постојниот, што според Судот е неприфатливо.

Со оспорениот член 50 од Законот е уредено во кои случаи се изработува и донесува државна урбанистичка планска документација, лицата овластени да ја изработуваат, што треба таа да содржи, кој може да ја доставува и до кој орган, кој ја спроведува јавната презентација и јавната анкета и времетраењето на јавната анкета, кој дава предлог и до кого за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на документацијата и законското овластување на министерот со решение да ја одобрува државната урбанистичка планска документација или решение со кое го одбива барањето за одобрување на истата, прашања во врска со документирањето и евиденцијата на државната урбанистичка планска документација.

Конкретно во ставот 1 од оспорениот член 50 од Законот, е определено дека со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за Републиката. Понатака во ставот 2 од оспорениот член 50 од Законот, е определено во кои случаи во плански опфат може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација, односно доколку не е оформена градежна парцела ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура, во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.

Во ставот 3 од истиот член од Законот, е определено дека државната урбанистичка планска документација со која се уредува користењето на просторот во границите на планскиот опфат се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а за вон границите на планските опфати, таа се изработува врз основа на извод од просторен план.

Од анализата на ставот 2 од оспорениот член 50 од Законот, произлегува дека со државната урбанистичка планска документација се интервенира во простор каде не се оформени градежни парцела и таму каде се оформени, но само заради усогласување на веќе планираното со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, односно дека со државната урбанистичка планска документација се врши само корекција заради услогласување на површините за градење и габаритот на објектите. Меѓутоа, според Судот, на тој начин се дозволува да се менуваат површини за градење и содржини (габарити и број на објекти) наместо со планови, надвор од уставните и законските рамки за планирање на просторот. Исто така, употребата на институтот државна урбанистичка планска документација, според ова законско решение, се применува во случај доколку во плански опфат не е оформена градежна парцела под услов да постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура и доколку во плански опфат не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови. Околноста што оваа документација се употребува кај неоформени градежни парцели, според Судот, не значи дека не се менува постоечкиот план. Ова од причини што планскиот опфат е подрачје чии што граници, начин на уредување и користење се утврдуваат со урбанистички план, па оттука просторот каде не е оформена градежна парцела сепак е веќе планиран простор кој, како таков, се дозволува да се менува со државна урбанистичка планска документација и веќе испланираното повторно се планира.

Тргнувајќи од анализата на останатиот дел од ставот 1, ставот 2 и првиот дел од ставот 3 на оспорениот член 50 од Законот, произлегува дека, институтот „државна урбанстичка планска документација“ се употребува во планските опфати на урбанистичките планови, односно можност внатре во рамки на овие планови, да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела, како и уредување и користење на просторот во рамки на формирана градежна парцела, односно можност да се оформуваат градежни парцели со планирањето преку државна урбанстичка планска документација, изработена врз основа на извод од урбанистички план, а не со видовите на урбанистичките планови, системски утврдени со Законот, во постапка и фази на донесување кои Законот ги пропишал за нив.

Во овој дел од ставот 1, ставот 2 и дел од ставот 3 на оспорениот член 50 од Законот, државната урбанистичка планска документација се сведува на ниво на „вид на план“, кој како таков се издвојува од другите и по начинот на донесување и одобрување, односно со државна урбанистичка планска документација да се планира просторот внатре во рамки на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 од Законот. Според Судот, со тоа се овозможува и покрај тоа што со урбанистичките планови е испланиран просторот, тој во секое време да може да се планира со нови содржини дополнително преку државна урбанистичка планска документација, кој ќе го поднесе барателот и која врз основа на предлог од комисија, со решение ќе ја одобри министерот. Притоа, околноста што законодавецот во ставот 3 од членот 50 од Законот, определил дека изработката на државната урбанистичка планска документација треба да се изработува врз основа на извод од урбанистички план кога го уредува просторот во плански опфат, според Судот, тоа не значи дека со оваа документација во плански опфат, нема да се менуваат утврдените параметри во планот, односно дека нема да се предизвика нарушување на постоечката планска документација, туку обратно, ваквата регулатива дава таква можност што од уставно-правен аспект е спорно.

Од овие причини, според Судот, уставноста на делот од ставот 1, ставот 2 и дел од ставот 3 на членот 50 од Законот, може да биде спорна од аспект на уставното начело на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, имајќи предвид дека правната сигурност се доведува во прашање од аспект на обезбедување на систем на планирање на просторот каде видовите, начинот и постапката на планирањето не можат да се заменуваат со паралелни законски решенија надвор од тој систем на начин како што е тоа сторено со цитираните одредби и делови од одредби на оспорениот член 50 од Законот.

Изнесената уставносудска анализа се однесува и за уставното проблематизирање на дел од ставот 1, ставот 2 и дел од ставот 4 од членот 50-а од Законот, со кои е разработен институтот “локална урбанистичка планска документација”, поради што и за овие одредби, според Судот, се поставува прашањето за нивната согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот.

7. По однос на прашањето за примената на државната и локалната урбанистичка планска документација вон планските опфати, според Судот, тоа не предизвикува конфузија и можност за планирање во веќе планирано, бидејќи и употребата на урбанистичкиот проект вон плански опфат ја имаше таа функција и за тоа овој суд со Решение У. Број 4/2008 од 7 јули 2008 година се произнел со неповедување на постапка за тој дел, но во делот каде урбанистичкиот проект навлегуваше во плановите (тоа е случај и сега со државната и урбанистичката планска документација), овој суд со Одлука У. Број 4/2008 од 10 септември 2008 година го укинал тоа законско решение.

Поаѓајќи од тоа дека со дел од одредбите од ставовите 1 и 3 на оспорениот член 50 од Законот, кои се однесуваат на државната урбанистичка планска документација вон планските опфати и со одредбата од ставот 4 на истиот член од Законот, според кој исто така, државната урбанистичка планска документација се однесува за подрачја-зони, односно надвор од деталните планови, во кои случаи државната урбанистичка планска документација се изработува врз основа на извод од просторен план (вториот дел од оспорениот став 3), според Судот, за овие одредби од оспорениот член од Законот, не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. Ова од причини што плански опфат е подрачје чии што граници, начин на уредување и користење се утврдуваат со урбанистички план, а во случајов, овие законски решенија, не навлегуваат во планските опфати, односно во урбанистичките планови и нема законска пречка во секое време да може да се планира непланираниот простор со нови содржини, дополнително преку државна урбанистичка планска документација, која ќе ја поднесе барателот и која врз основа на предлог од комисија, со решение ќе ја одобри министерот.

Со останатите оспорени ставови 5-10 од членот 50 од Законот, со кои е разработен институтот “државна урбанистичка планска документација”, за кој во целина, нема уставна пречка да постои како урбанистичка разработка на просторот за градба вон планските опфати на урбанистичките планови, а се во согласност со Просторниот план на Републиката, Судот оцени дека за нив не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот.

Судот, исто така и за деловите од одредбата од ставот 1, ставот 3 и дел од одредбата од ставот 4 од членот 50-а од Законот, кои се однесуваат на локалната урбанистичка планска документација вон планските опфати, односно надвор од деталните планови, во кои случаи локалната урбанистичка планска документација се изработува врз основа на извод од просторен план, според Судот и за овие одредби од оспорениот член од Законот, не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. Исто така и за останатите оспорени ставови 5-12 од членот 50-а од Законот, со кои е разработен институтот “локална урбанистичка планска документација” за градба вон планските опфати на урбанистичките планови, Судот, оцени дека и за овие одредби од оспорениот член 50-а од Законот, неможе да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Поаѓајќи од тоа дека во одредбите од членот 8 став 1 алинеја 10 и членот 115 од Уставот на Република Македонија, постои уставен основ државата и единиците на локалната самоуправа да учествуваат во сферата на просторното и урбанистичкото планирање, на што и се заснова концептот на одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, произлегува дека од наводите во иницијативата според кои локалната самоуправа исклучиво имала уставен основ за самостојно вршење на работите од областа на урбанизмот, според Судот, од тој аспект не може да се постави прашањето на уставноста на одредбите од оспорениот член 50 од Законот, кои се однесуваат на законското овластување на министерот со решение да ја одобрува државната урбанистичка планска документација, како и прашањето на уставноста на одредбите од оспорениот член 50-а од Законот, кои се однесуваат на законското овластување на градоначалникот со решение да ја одобрува локалната урбанистичка планска документација. Притоа, законодавецот условите и начинот на планирањето на просторот ги пропишал како сфера на надлежности поделена помеѓу државата и единиците на локалната самоуправа која во основа припаѓа на двете страни и со тоа со Законот се уважува уставната норма од Aмандманот XVII на Уставот според кој граѓаните во единиците на локалната самоуправа учествуваат во одлучувањето и за прашања од урбанизмот, но се заштитува и државниот интерес од членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, преку пропишување на односот и учеството на државата во сферата на системот на просторното и урбанистичкото планирање. Во овој контекст, право на законодавецот е да ги пропише правата и обврските во поделените надлежности.

8. Со оглед на тоа дека со државната и локалната урбанистичка планска документација, покрај планирање на просторот вон планскиот опфат, со оспорените законски решенија и нивните делови, се овозможува планирање на просторот и во планските опфати, односно планирање на веќе планиран простор (план во план), според Судот, ваквиот начин на менување и дополнување на урбанистичките планови надвор од востановениот системски начин на изменување и дополнување на урбанистичките планови (член 28 став 5 од Законот), создава паралален систем на планирање на просторот, првиот веќе уреден со Законот и вториот уреден со неговите измени и во постапка без законски утврдените фази на постапување, што според Судот доведува до состојба иста работа преку два различни системи правно да се регулира, поради што за оспорените одредби и нивните делови од: членот 5 алинеја 6 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” и алинеја 7 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, членот 17-а ставовите 4 и 5, членот 50 став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 3 во делот: “Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, членот 50-а став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 4 во делот: “Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, од Законот за просторно и урбанистичко планирање, пред Судот, се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот.

9. Судот оцени дека се настапени предвидените услови за примена на одредбите од од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поеинечни акти или дејствија, преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

10. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 66/2010
1 декември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски