30/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 44 став 1, став 3 во делот “и” и став 5 во деловите

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од став 1 и деловите од ставовите 3 и 5 од членот 44 од Законот, се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи ставот 2 од овој член кој бил поништен со Одлука на Уставниот суд, произлегувал од оспорениот став 1, па немало уставна логика тој, како и другите оспорени делови од законските одредби од членот 44 од Законот, повеќе да постојат во правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека со одредбите од членот 44 ставовите 1, 3, 4, 5 и 6 од Законот, се уредени начините на доставувањето на даночните управни акти, преку пошта и со врачување од страна на ангажирано лице од Управата за јавни приходи, а доколку доставувањето не може да се изврши на наведените начини, ќе се смета дека е извршено кога даночниот управен акт ќе се испрати по електронски пат преку е-маил адресата на даночниот обврзник внесена во пријавата за регистрација или со последната даночна пријава.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспоруваат ставот 1, ставот 3 во делот “и” и ставот 5 во деловите “овите (1), (2) и”, со наводи дека тие биле во врска со претходно поништен став 2 на овој член, па оттука немало уставна логика тие понатаму да постојат во правниот поредок. Имено, Судот, со Одлука У.број 152/2008 од 11.02.2009 година, го поништил ставот 2 од членот 44 од Законот кој уредувал прашања за уредна достава на даночен управен акт доставен преку пошта, со образложение дека оспорената одредба не обезбедувала сигурен начин на доставување, односно така како што била уредена оставала простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски. Притоа, Судот, во рамки на оцена на ставот 2 од членот 44 од Законот, го опсервирал и ставот 1 од истиот член кој се однесува за начинот на доставување на даночен управен акт, но се задржал во рамките на иницијативата и со своја интервентна одлука го поништил само ставот 2 од членот 44 од Законот.

Имајќи ја предвид содржината на членот 44 од Законот во целина, произлегува дека поништениот став 2 од наведениот член бил во врска со оспорениот став 1, но според Судот овој став претставува посебна фунционална целина, која самостојно и независно од поништениот став 2 од членот 44 од Законот, ја остварува целта заради која е креиран од законодавецот, поради што Судот оцени дека поништувањето на ставот 2 од наведениот член од Законот, не го прави непотребен оспорениот став 1 во правниот поредок кој самостојно опстојува во Законот, а со тоа и оспорениот законски дел од ставот 3 на истиот член од Законот. Ова дотолку повеќе што во иницијативата и нема други аргументи за оспорување на ставот 1 од членот 44 од Законот. Околноста што поништениот став 2 од членот 44 од Законот се споменува во ставот 5 од истиот член, според Судот, не претставува суштинска причина овој суд да се впушта во уставносудско проблематизирање на оспорениот законски дел содржан во ставот 5, бидејќи не е во надлежност на овој суд да интервенира и да презема улога на пречистувач на Законот, дотолку повеќе што оспорениот законски дел е дерогиран самиот по себе со интервентната одлука на овој суд.

Имајќи ги предвид причините и мотивите изнесени во иницијативата за оспорување на оспорената одредба од став 1 и деловите од ставовите 3 и 5 од членот 44 од Законот, односно со оглед дека во случајов подносителот со иницијативата всушност единствено бара техничко уредување на наведениот член, поради претходно поништена одредба, Судот оцени дека тоа се прашања кои излегуваат надвор од доменот на надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согласноста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1, од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 30/2010
1 декември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски