153/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеа 2 и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005) во целина и посебно членот 3 од истиот закон.

2. Тихо Георѓиевски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата поаѓајќи од содржината на членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот наведува дека со оспорениот Закон, градежното земјиште, по автоматизам, станувало сопственост на Република Македонија. Притоа, корисниците и носи-телите на другите права, кои се стекнале со корисничко право, врз основа на Законот се ставале во подредена позиција по однос на Република Македонија. (Ако едно добро било сечие и ничие, не можело со акт со кој се повредувала рамноправноста, да стане само нечие).
Оспорениот член 3 од Законот ги регулирал правата на корисниците на градежното земјиште: Рамноправните субјекти (корисниците) не биле сопственици на она што со генерации го стекнале и што де факто било нивно, но тоа сега било на државата? Корисниците биле должни да водат долга, скапа и неизвесна постапка, за добивање на доказ за сопственост, која неосновано, често завршувала негативно (во зависност од интересот на бирокра-тијата). Тоа нешто во практиката создавало нееднаков третман и дискриминација на граѓаните, секако и револт, кој поединецот сам не можел да го канализира.

Од причини на правна сигурност и законитост, сосема во склад со член 8 од Уставот би било решението според кое кори-сниците (со легален основ) по сила на закон би се стекнале со право на сопственост. Во секој случај, можело да му се даде право и на Јавното правобранителство или друг орган да може да иницира постапка за оспорување на сопственоста. Според подносителот на иницијативата ова решение би било во согласност со членот 9 став 2 од Уставот.

Од наведените причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот во целина, или алтернативно поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот, за кој подносителот на иницијативата смета дека е спротивен на некои уставни начела, кои според неговото скромно убедување би требало да гласи: “Досегашните корисници на градежното земјиште во општествена сопственост се стекнуваат со право на сопственост и упис на истото во катастарот, по барање на досегашните корисници“.

3. Судот на седницата утврди дека, Основниот текст на Законот има 88 членови систематизирани во 8 глави.

Главата I. со наслов: „Основни одредби“ ги содржи членовите 1 до 11.

Според содржината на посебно оспорениот член 3 од Законот, корисниците на градежно земјиште во државна сопственост, за стекнување на право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп се должни да поднесат барање под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон (став 1). Ако корисниците на граде-жно земјиште во државна сопственост за стекнување на правата од ставот 1 на овој член во роковите определени со овој закон не поднесат барање, правото се востановува под услови и на начин утврдени со овој закон (став 2). Со стекнувањето на правата од ставот 1 на овој член, врз основа на овој закон престанува правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост на досегашните корисници на градежното земјиште (став 3).

Во главата II. со наслов: „ Приватизација на градежното земјиште во државна сопственост“ се опфатени членовите 12 до 33.

Во главата III. со наслов: „Долготраен закуп на градежно земјиште“ се опфатени членовите 34 до 55.

Во главата IV. со наслов: „Времен закуп на градежно земјиште во државна сопственост“ се опфатени членовите 56 до 64.

Во главата V. со наслов: „Времено ослободување од обврската за плаќање надомест и закупнина за градежно земјиште во државна сопственост“ се опфатени членовите 65 до 70.

Во главата VI. со наслов: „Одземање и престанок на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост“ се опфатени членовите 71 до 80.

Во главата VII. со наслов: „Промет на правото на кори-стење на градежното изградено земјиште“ се опфатени членовите 81 до 84.
Во главата VIII. со наслов: „Преодни и завршни одредби“ се опфатени членовите 85 до 88.

Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост повеќе пати бил предмет на измени и дополну-вања со закони објавени во “Службен весник на Република Македо-нија“ бр.13/2007, 165/2008 и 146/2009, кои измени и дополнувања подносителот на иницијативата ги нема предвид. Посебно оспорениот член 3 од Законот до сега не претрпел никакви измени и допо-лнувања.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд покрај другото, е надлежен да одлучува и за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според член 28 став 1 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата се утврди дека со неа се оспоруваат одредбите од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со предлог во посебно оспорениот член 3 од Законот да се внесе нова содржина, со која ќе се овозможи корисниците на земјиштето(со легален основ), по сила на закон, да се стекнат со право на сопственост. Според тоа, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, произлегува дека одредбите, а и Законот не се оспоруваат поради нивната постојна содржина, туку поради содржина што ја немаат, од каде произлегува дека подносителот на иницијативата бара измена на нивната содржина на начин како што тој смета дека е потребно, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Воедно, согласно членот 110 алинеја 2 од Уставот, Судот нема надлежност да се впушта во оцена на проблемите кои се јавуваат во примената на законите.

Од друга страна, Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и неговите одредби во повеќе наврати биле предмет на оцена пред овој суд.

Така, со Решение У.бр.140/2005 од 5 април 2006 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 14 став 2 и 5 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/2005).

Со одлука У.бр.140/2005 од 21 јуни 2006 година укинат е членот 81 од наведениот закон.

Со решение У.бр.215/2005 од 17 и 18 мај 2006 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 6, 13, 18 став 2 точка 2, член 28 став 3 алинеи 5 и 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

Со решение У.бр.152/2006 од 8 ноември 2006 година, Судот ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 3, 14, 17, 18, 19, 20, 24, 34, 35, 37, 38, 41, 43, 44, 45, 46, 50, 51, 71, 73 и 83 од Законот за привати-зација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, поради постоење на пресудена работа.

Со решение У.бр.199/2007 од 9 јули 2008 година Судот не повел постапка за оценување на членовите 3, 24 став 2, 34, 35 ставо-ви 2 и 3, 37 став 2, 46, 50, 51, 61, 63, 71 и 75, од Законот за привати-зација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005 и 13/2007).

Со решение У.бр.245/2009 од 23 јули 2009 година Судот, меѓу другото ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на дел од членот 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007 и 165/2008).

Во наведените постапки Судот ја оценувал уставноста на одделни одредби од Законот, вклучувајќи го и посебно оспорениот член 3 од аспект на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, и 6, членот 9 став 2 и членот 30 од Уставот при што оценил дека не постои основ за изразување сомнение во нивната уставност. Имено, о Судот сметал дека, државата како сопственик на градежното земјиште има право да ги определува условите и начинот на привати-зацијата, односно да определи кое градежно земјиште не е предмет на приватизација, како што предвидел во членовите 6 и 7 од Законот, а законодавецот има право да ја определи политиката на приватизацијата, и во тие рамки и да ги определи условите и обемот на земјиштето кое ќе биде предмет на приватизација, со што не се доведуваат во прашање уставните вредности од членот 30 од Уставот. За лицата-корисници на градежното земјиште кои немаат статус на поранешни сопственици не постои уставна пречка законода-вецот да утврди начин и услови за приватизација на градежното земјиште со плаќање надомест, при што се нудат можности за стекну-вање на право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп, како стварни права кои одговараат на новиот правен режим на градежното земјиште, кој што веќе не познава право на трајно користење. Исто-времено со закон е уредено правото и постапката за стекнување право на долготраен закуп на градежното земјиште, односно за сте-кнување права на времен закуп на градежното земјиште, како што всушност и законодавецот го регурирал ова прашање со законските одредби.

Судот констарира дека со сега поднесената иницијатива повторно се бара оцена на нивната уставност поради истите причини од каде произлегува дека нема основ за поинакво одлучување, пора-ди што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.153/2010
17 ноември 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски