265/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 12 став 5 и членот 18 став 2 од Законот за учебници за основно и средно образование (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2008, 99/2009 и 83/2010).

2. Здружението на граѓани “Учебникари” од Скопје, преку полномошникот Валентин Пепељугоски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 12 став 1 од Законот, се ограничувале правата на авторите на учебници, бидејќи според оваа одредба, автор можел да учествува на конкурс само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет, што според подносителот на иницијативата било спротивно на членот 47 ставови 1 и 2 од Уставот со кои се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво и спротивно на членот 55 став 1 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според подносителот на иницијативата, оваа одредба не било во согласност со Законот за авторското право и сродните права бидејќи овој закон во ниту една законска одредба не предвидел ограничување на бројот на ракописи на авторите на учебници.

Со иницијативата се оспорува и членот 18 став 2 од Законот со наводи дека законското решение од оваа оспорена одредба значело присилно одземање од страна на државата, што било спротивно на членот 30 од Уставот. Понатаму, подносителот наведува дека законодавецот во Законот за учебници за основно и средно образование, употребувал несоодветни термини и институти како што е “откупување на авторски права”, кои како такви воопшто не постоеле во Законот за авторското право и сродни права, па со тоа постоела можност за погрешно толкување и примена на ваквите законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 12 став 1 од Законот, Програмата за издавање на учебници ја изработува Бирото за развој на образованието во соработка со Центарот за образование на возрасни, а ја утврдува министерот за образование. Според ставовите 2 и 3 од истиот член, Педагошката служба, врз основа на програмата од ставот 1 на овој член, објавува конкурс за издавање на учебници одделно за секое одделение и предмет, а конкурсот од ставот 2 на овој член трае најмалку еден, а најмногу до шест месеца. Според ставот 4 од истиот член во конкурсот се утврдуваат условите кои треба да ги исполни авторот и стандардите што треба да ги исполни учебникот, согласно со Концепцијата за учебник за основно и средно образование. Со оспорениот став 5 од членот 12 од Законот, е определено дека на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет.

Судот, исто така утврди дека со членот 18 став 1 од Законот е определено дека министерот и авторот на учебникот потпишуваат договор за откупување на авторските права во кој се утврдуваат меѓусебните права и обврски. Со оспорениот став 2 од истиот член, е утврдена обврска за авторот на учебник на конкурсот кој понудил дополнителна литература согласно со членот 15 став 2 од овој закон (работна тетратка, вежбанка и слично), истата да ја отстапи без откуп на авторските права. Во ставот 3 од истиот член е предвидено дека доколку авторот одбие да го потпише договорот, министерот склучува договор со наредниот автор од конечната листа на избрани ракописи на учебници, односно од конечниот предлог на избрани ракописи на учебници.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 30 став 3 од Уставот, е определено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Со Законот за учебници за основно и средно образование се уредува издавањето на учебнците за основното и средното образование, односно подготовката, изработката и одобрувањето на учебниците како основно наставно средство.

Според член 2 од Законот, учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование, а според членот 4 став 1 од Законот, учебникот се изработува според наставниот план и програми за соодветното одделение и предмет и Концепцијата за учебник, што на предлог на Бирото за развој на образованието, ја утврдува министерот надлежен за образование.

Со членот 6 од Законот е определено дека учебниците за учениците во јавните основни и средни училишта се бесплатни.

Во Делот III. од Законот, уредена е постапката за издавањето на учебницитe за основното и средното образование.

Со оспорениот член 12 став 5 од Законот, е определено дека на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет, а со оспорениот став 2 од членот 18 од Законот, е утврдена обврска за авторот на учебник на конкурсот кој понудил дополнителна литература согласно со членот 15 став 2 од овој закон (работна тетратка, вежбанка и слично), истата да ја отстапи без откуп на авторските права.

Правото на авторите над своите авторски дела (авторското право), се уредени со Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” број 115/2010). Според членот 6 од овој закон, авторското право е самостојно право и независно од сопственичкото право или други права над предмети/ствари во кои е содржано авторското дело, доколку со закон поинаку не е определено. Со членот 7 ставот 1 од Законот е определено дека пренесувањето на материјалните права на авторот на делото не влијае на сопственичкото право на предметот во кој е содржано авторското дело, доколку со закон или со договор поинаку не е определено, а според ставот 2 од истиот член од Законот, пренесувањето на сопственичкото право од ставот 1 на овој член не влијае на пренесувањето на материјалните права на авторот на делото, доколку со закон или со договор поинаку не е определено.

Според членот 12 став 1 од Законот, авторското дело во смисла на Законот, е интелектуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма, а според член 17 од Законот, автор е физичко лице кое го создало авторското дело. На авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.

Со членот 20 од Законот е определено дека авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело. Авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.

Во членот 21 од Законот е определено дека моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото. Авторот ги има следнивте морални права: право на признавање на авторството, право на прво објавување, право на заштита на интегритетот на делото и право да му го откаже правото на користење на делото на носителот на неговото материјално право. Авторот не може да се откаже од овие права.

Понатаму, во Законот за авторското право и сродните права детално се определени правата на авторите кои се однесуваат на правото на признавање на авторството (член 22), правото на прво објавување, (член 23), правото на заштита на интегритетот на делото (член 24) и правото на авторот да му го откаже правото на користење на делото на носителот на неговото материјално право (член 25).

Според член 26 од Законот материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело. Авторот има исклучиво право да дозволи или забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со овој закон.

Со членот 27 од Законот е определено дека авторот при користењето на авторското дело, или неговите примероци ги има следниве исклучиви материјални права: право на умножување на делото, право на пуштање во промет на делото, право на јавно соопштување на делото и право на преработување на делото.
Според член 65 од Законот, авторот пренесувањето на материјалните права на други лица, го врши со пишан договор, доколку со овој закон поинаку не е определено, а доколку договорот не е склучен во пишана форма не произведува правно дејство, а со членот 68 од Законот, е определено дека на договорот за пренесување на материјално право соодветно се применуваат прописите за облигационите односи, доколку со Законот поинаку не е определено.

Тргнувајќи од предметот на уредување на цитираните закони, произлегува дека правото на авторите над своите авторски дела (авторското право), се уредени со Законот за авторското право и сродните права, а со Законот за учебници за основно и средно образование се уредува издавањето на учебниците за основното и средното образование, со објавување на конкурс за издавање на учебници за секое одделение и предмет. Исто така Законот определил дека во конкурсот се утврдуваат условите кои треба да ги исполни авторот и стандардите што треба да ги исполни учебникот.

Во конкретниот случај, со оспорените одредби од Законот за учебници за основно и средно образование, се уредуваат правилата и условите во постапката за издавање на учебниците што ја спроведува Националната комисија за учебници формирана од Владата која распишува оглас за рецензиони комисии за ракописите за учебници и врши избор од пријавените кандидати.

Конкретно, со оспорениот член 12 став 5 од Законот, е определено дека на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет.

Според наводите во иницијатовата, со овој услов кој е предвиден со членот 12 став 5 од Законот, се повредувале загарантираните права од членот 47 став 2 од Уставот, што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво, како и членот 55 од Уставот, бидејќи со истиот се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото.

Анализирајќи ја оспорената одредба во однос на наводите во иницијативата, произлегува дека законодавецот, во членот 12 од Законот, помеѓу другото определил правила и услови во постапка од конкурс за издавање на учебници, кои треба да ги исполни авторот и стандардите што треба да ги исполни учебникот. Така, со оспорениот став 5 од членот 12 од Законот е определено дека авторот на конкурсот за учебник, може да учествува со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет. Со утврдувањето на условите и правилата во постапка од конкурс за издавање на учебници, кои авторите како понудувачи на свои ракописи за учебник, треба да ги исполнуваат и да се придржуваат, според Судот, не значи ограничување на правата на авторите и повреда на уставно загарантираните права што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Имено, правата од овој вид на творештво се права на авторите над нивните дела кои се уредени со закон и со двостран договор за пренесување на авторското право на кои се применуваат прописите за облигационите односи. Во конкретниот случај, Судот утврди дека одредбата која се оспорува не уредува прашање за права на автори на авторски дела, кои се уредени со Законот за авторското право, туку уредува прашања во врска со постапката за спроведување на конкурс за издавање на учебници, односно регулира правило за учество на конкурс за конкретна работа, на кои заинтересираните автори треба да се придржуваат. Според тоа, авторот е слободен во одлучувањето за учество во постапка за пренос на авторските права под понудени услови и согласно правилата определни со закон, кои важат подеднакво за сите учесници. Оттука, со оспореното законско решение, законодавецот, не ограничил дека еден автор може да учествува на објавен конкурс само за еден наставен предмет, туку едноставно дека за еден конкретен учебник од еден конкретен предмет може да понуди само еден ракопис, што значи дека авторот може да учествува на конкурс со понуди за повеќе предмети, но за секој од нив со по еден ракопис. Според тоа, секој автор има неограничено право да учествува на објавените конкурси за издавање на учебници за основно и средно образование, со свој ракопис за учебник за соодветниот наставен предмет и тоа од 1-во (прво) до 8-мо (осмо) одделение во осумгодишно основно образование, од 1-во (прво) до 9-то (деветто) одделение во деветгодишно основно образование и за секоја година во средно гимназиско и средно стручно образование. Наведеното значи дека авторот на еден ист објавен конкурс, има право да конкурира со ракопис за учебник по соодветен предмет на пример во 5-то одделение, а исто така истовремено да конкурира со свој ракопис за учебник и за 6-то, 7-мо и 8-мо одделение во основното образование. Оттука, според Судот, во конкретниот случај со оспорената одредба не се доведени во прашање уставно загарантираните права од членот 47 став 2 од Уставот, што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Исто така, според овој суд, со оспорената одредба од член 12 став 5 од Законот, не се ограничува уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото, бидејќи таа одредба воопшто не содржи забрана за учество или ограничување на учество на субјектите на пазарот, во случајов учество на авторите на конкурс. Имено, од анализата на оваа оспорена одредба од Законот, произлегува дека со неа се воспоставуваат правила за сите заинтересирани субјекти за учество на конкурсот, кои правила се однесуваат за конкретна постапка од објавен конкурс и конкретни односи, кои понатаму договорно се уредуваат. Според Судот, уставно прокламираната слобода на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот што треба да ја обезбедува Републиката, не значи ограничување на законодавецот да утврдува различни услови кои ќе се применуваат врз прометот на добрата и услугите што ги извршуваат одделни субјекти на пазарот, па оттука, Судот оцени дека оспорениот член 12 став 5 од Законот, не може уставно да се проблематизира од аспект на ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, на што впрочем се однесуваат наводите од иницијативата.

Подносителот на иницијативата го оспорува членот 18 став 2 од Законот бидејќи смета дека ова законско решение претставувало присилно одземање од страна на државата, спротивно на членот 30 став 1 од Уставот со кој се гарантирало правото на сопственост и ставот 3 од овој член според кој никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од анализата на членот 18 од Законот, произлегува дека министерот и авторот на учебникот потпишуваат договор за откупување на авторските права во кој се утврдуваат меѓусебните права и обврски. Притоа, ако авторот на учебник на конкурсот понудил дополнителна литература согласно со членот 15 став 2 од овој закон, истата е должен да ја отстапи без откуп на авторските права. Од анализата на овој член, произлегува дека и покрај тоа што ракописот за учебник на авторот е избран на конкурсот, тој може да го одбие потпишувањето на договорот, со тоа што министерот склучува договор со наредниот автор од конечната листа на избрани ракописи на учебници, односно од конечниот предлог на избрани ракописи на учебници. Согласно Законот за авторското право и сродните права, авторското право е единствено право и неразделно од авторското дело што содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права определени со Законот. Моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото, што значи дека во конкретниот случај, авторот има морално право самиот да одлучи дали ќе биде објавено неговото дело, кога ќе биде објавено, како и начинот на кој прв пат ќе биде објавено неговото дело. Доколку авторот смета дека со склучувањето на договорот за откупување на авторските права или на било каков друг начин, е загрозено или повредено неговото авторско право, тој има морално право да се спротивстави на секое користење или злоупотреба на неговото дело и правата кои произлегуваат од тоа авторско дело. Исто така, авторот има и исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење и издавање на тоа дело. Оттука, произлегува и моралното право на авторот слободно да располага со своето авторско право кое му припаѓа исклучиво на авторот врз основа на самото создавање на делото, па и да одлучува за правната судбина, за преносот, објавувањето или издавањето на своето дело. Врз договорите кои се склучуваат согласно Законот за авторското право и сродните права, се применуваат и одредбите од Законот за облигционите односи, во кои е предвидено дека волјата на двете договорни страни е суштествена состојка на секој консенсуален, формален и товарен договор. Со склучувањето на договорот авторот на учебникот се согласил со сите суштествени состојки кои произлегуваат за двете страни, како и со правата и обврските регулаирани во договорот. Во случајов, со оспорената одредба е предвиден услов, дека ако авторот на учебник на конкурсот понудил дополнителна литература поврзана со главниот предмет на конкурсот-учебникот, тогаш истиот е должен да ја отстапи без откуп на авторските права. Притоа, оваа обврска за авторот не произлегува во секој случај, туку произлегува од негова претходна согласност која не е обврзувачка и е негова слободна волја и проценка согласно со членот 15 став 2 од Законот. Тоа значи дека сепак е препуштено на правото, односно волјата на авторот, да одлучи дали ќе приложи дополнителна литература или не, при што имајќи ја предвид содржината на членот 18 од Законот кој упатува на договорно уредување на правата и обврските помеѓу двете договорни страни, како и содржината од оспорениот став 2 од истиот член, произлегува дека авторот кој понудил дополнителна литература кон учебникот, договорно ќе ги уреди прашањата во врска со отстапувањето на дополнителната литаратура. Од овие причини, имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба која определува услов чие исполнување е оставено на слободна волја на понудувачите во постапка по објавен конкурс, според Судот, во случајов воопшто не станува збор за присилно одземање од страна на државата, како што се наведува во иницијативата. Ова дотолку повеќе што станува збор за дополнителна литература, односно учебно помагало (работна тетратка, вежбанка и слично) како прилог на ракописот за учебник и кој не е предмет на конкурсот, туку ракописот за учебник, за која дополнителна литература право е на авторот дали ќе ја приложи (“ако смета”-член 15 став 2 од Законот), но, не и негова обврска. Оттука, според Судот, нема основ за проблематизира на оспорената одредба од аспект на членот 30 став 3 од Уставот.

Наводите од иницијативата дека законодавецот во Законот за учебници за основно и средно образование, употребувал несоодветни термини и институти како што е “откупување на авторски права”, кои како такви воопшто не постоеле во Законот за авторското право и сродни права, па со тоа постоела можност за погрешно толкување и примена на ваквите законски одредби, односно истото би значело ништо друго туку присилно одземање од страна на државата што било противуставно, како и наводите дека Законот за учебници за основно и средно образование вршел повреда на Законот за авторското право и сродни права каде овие термини воопшто не постоеле како такви, според овој суд, истото не претставуваат оправдан основ за изразување на сомневање во нивната согласност со Уставот во поглед владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Имено, точно е дека во Законот е употребен терминот “откупување на авторските права” наместо терминот “пренесување на авторски права” кој термин е употребен во Законот за авторското право и сродните права, но имајќи во вид дека авторските права се уредени со закон, така употребениот термин, според Судот, не може да доведе до поинакво регулирање на овој вид на односи во смисла на присилно одземање, бидејќи во Законот за авторските права… како lex generalis се уредени правата на авторите над нивните дела. Оттука, според Судот, така употребуваните термини во Законот, не можат да доведат до правна несигурност на граѓаните во уредувањето на овој вид на односи. Од друга страна овој суд не е надлежен да ја оценува согласноста на одредби од еден закон со друг и да го оценува и толкува значењето на употребуваните изрази во Законот, туку е надлежен да врши оценка на согласноста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите, поради што од овој аспект, оспорената одредба не може да биде предмет на уставно-судска оцена.

5. Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со одредбите од Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 265/2009
10 ноември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски