Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 октомври 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3, член 19 ставови 1 и 2, член 5 и член 7А став 2 од Статутот на Здружението на возачи број 0101-12 од 2 март 2007 година.
2. Драган Христов, Дејан Николовски и Зоран Велковски, сите од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Статутот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 4 став 3 од Статутот му се давало дискреционо право и овластување на секретарот на Здружението сам како поединец да одлучува кој кандидат дал допринос за развој на Здружението и врз основа на кое своеволно потпишувал пристапници само за него подобни кандидати и со тоа ја ограничувал уставно загарантираната слобода на граѓаните на здружување и создавал нееднаквост.
Членот 19 ставови 1 и 2 од Статутот, биле во спротивност со член 20 став 1 од Уставот, од причина што со истиот се одземало правото на слободно здружување и слободен избор на сите членови од моментот кога се зачлениле, односно членови на Собир можеле да бидат само членови кои имале платено три години по ред членарина, а останатите членови немале никакво право да бираат и да бидат избрани, иако биле членови на Здружението.
Подносителите на иницијативата, понатаму наведуваат дека и со член 5 ставови 1 и 2 и член 7А став 2 од Статутот се вршело дискриминација и ограничување на уставните слободи и права и ограничување на загарантираната слобода на здружување согласно член 20 од Уставот.
Поради наведените причини се предлага оспорените членови да се укинат поради нивна несогласност со членовите 9, 11, 12, 20, 22 и 25 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од Статутот, член на Здружението на возачите од Делчево може да биде секој полнолетен граѓанин-државјанин на Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи на Здружението.
Зачленувањето во Здружението на возачите Делчево се врши со пристапница.
Пристапницата ја издава (потпишува) секретарот на Здружението воколку смета дека новиот член ќе даде допринос за развојот на Здружението и со неговото членување – работење и дејствување нема да нанесе штета и намалување на угледот на Здружението.
Здружението на возачите Делчево на своите членови им издава членска книшка.
Членовите на Здружението на возачите Делчево плаќаат годишно членарина во износ од 1.000,00 денари веднаш со зачленувањето.
Здружението на возачите Делчево на своите членови води Регистар на членство, кои еднаш годишно се ажурираат“.
Во член 5 од Статутот е предвидено дека членот на Здружението на возачите Делчево е активен со пристапница и со платена членарина, тој има право да бира и да биде избран во органите и телата на Здружението кога плаќа редовно годишна членарина по зачленувањето и најмалку 3 (три) години пред одржувањето на изборите да е член со пристапница и најмалку 3 (три) години редовно да ја плаќал членарината.
Член кој не плаќа редовно годишна членарина не може да биде избран за извршување на функција во органите и телата на Здружението“.
Според член 7А од истиот статут членувањето во Здружението на возачите Делчево престанува:
– ако Здружението престане да работи,
– поради смрт на член на Здружението,
– ако членот уредно не ја плаќа членарината,
– ако членот на Здружението не се придржува кон одредбите на Статутот или работи спротивно на програмските определби, целите и задачите на Здружението.
Одлука за престанок на членувањето во Здружението донесува Секретарот на Здружението на возачите Делчево, а одлука по жалба Извршниот одбор.
Според член 19 од овој статут Собранието на Здружението на возачи Делчево брои 9 (девет) члена претставници кои се избираат од Собир на активни членови со пристапница и редовно платена членарина за последните 3 (три) години, а кои се евидентирани во регистар и список кои еднаш годишно се ажурираат од страна на секретарот.
На гласачкото ливче се наоѓаат сите активни членови со редовно платена чланарина за последни 3 (три) години ажурирани од страна на секретарот на Здружението.
Гласањето го спроведува изборна комисија од 3 члена формирана од Собир.
Мандатот на претставниците во Собранието трае 4 години кое се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Претставник во органите на Сојузот на возачите на Македонија е секретарот на Здружението или друго лице член на Здружението согласно законските прописи.
4. Според член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека на граѓаните им се гарантира со Устав слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани.
Според член 1 од Статутот на Здружението на возачи – Делчево, здружението на возачи Делчево е здружение на граѓани – возачи формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување и усогласување на своите интереси и заради вршење на дејности и активности со цел подобрување на сообраќајната култура безбедноста на сообраќајот на патиштата, техничката исправност на моторните возила и други прашања од заеднички интерес.
Оспорените одредби од Статутот на Здружението на возачи – Делчево, анализирајќи ги во контекст на истакнатите наводи во иницијативата, основано ја доведуваат во прашање уставно загарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат, утврдена во член 20 од Уставот.
Имено, имајќи го во вид фактот дека со членот 4 став 3 од Статутот се определува дискреционо право на секретарот на Здружението да оценува кој кандидат ќе дал допринос за развојот на здружението и немало да нанесе штета, ниту ќе го нарушел угледот на Здружението, од што зависи и издавањето на пристапницата, Судот оцени дека се ограничува правото, односно слободата на здружување на граѓаните предвидени во член 20 од Уставот.
Ограничувањето дадено во член 5 од Статутот, член на Здружението да може да биде избран во органите и телата на Здружението и да бира, само доколку плаќал редовна годишна членарина по зачленувањето најмалку 3 (три) години пред одржувањето на изборите и да е член на Здружението најмалку 3 години, според Судот, основано го доведува под сомнение овој член од Статутот со член 22 од Уставот на Република Македонија.
Одредбата во Статутот во која, исто така, е предвидено дека членовите на Собранието на Здружението можат да бидат само членови кои платиле членарина последните 3 (три) години, а не и другите членови (член 19 ставови 1 и 2) според Судот основано може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 20 од Уставот, од причина што со истата се повредува уставно загарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат.
По однос на членот 7А ставот 2 од Статутот, каде е предвидено дека одлука за престанок на членувањето во здружението донесува секретарот на Здружението, Судот оцени дека, од анализата на истото во контекст на наводите во иницијативата, основано може да се поведе под сомнение неговата согласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи во конкретниов случај се дава дискреционо право на една личност во здружението, Секретарот, да ги утврдува причините за престанок на членувањето во Здружението, а посебно кога станува збор за причините предвидени во членот 7А став 1 алинеи 3 и 4 од Статутот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.127/2010
27 октомври 2010 година
Скопје
јк/лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски