У.бр.92/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2000, 31/2003 и 113/2005, 41/2007, 62/2007, 89/2007, 100/2008, 22/2009 и 75/2010).

2. Здружението на родители со оштетен слух „СУРДИТАС“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот Правилник бил незаконит бидејќи истиот не бил во согласност со Законот за здравствено осигурување. Имено, оспорениот Правилник не бил во согласност со членовите 34 и 35 од Законот, со што подносителот на иницијативата смета дека биле повредени правата на голем број на осигурени лица од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот Правилник.

Во иницијативата се третира Правилникот кој е донесен во 2000 година заедно со неговите измени и дополнувања од 2003 и 2005 година, односно без понатамошните измени и дополнувања на Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2000, 31/2003 и 113/2005, 41/2007, 62/2007, 89/2007, 100/2008, 22/2009 и 75/2010) е утврден начинот на користење на болничко лекување на осигурените лица во странство, здравтсвените услуги на осигурениците кои се упатени на привремена работа во странство, итната медицинска помош на осигурените лица кои привремено престојуваат во странство, најповолните цени на здравствените услуги во странство, како и надоместувањето на патните трошоци.

4. Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Во Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000 исправка, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 119/2005-пречистен текст, 37/2006, 18/2007, 36/20007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009 и 50/2010) е уредено здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување

Со став 1 од член 30 на овој закон, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Според став 2 од овој член, осигуреникот кој е упатен на привремена работа во странство во земјите со кои Република Македонија има склучено или преземено Договор за социјално осигурување, здравствени услуги во странство може да користи во обем и на начин утврдени со Договорот за социјално осигурување. Според став 3 од овој член, осигуреникот кој е упатен на привремена работа во странство со кои Република Македонија нема склучено или преземано Договор за социјално осигурување може да користи здравствени услуги во странство само за укажување на итна медицинска помош, ако придонесот за задолжително здравствено осигурување е платен согласно прописите за задолжително социјално осигурување. Според став 4 од овој член, ако осигуреникот или работодавецот кој го уплатил осигуреникот на привремена работа во странство, во земји со кои Република Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување и користење на здравствена заштита во странство ја обезбедиле на свој товар, со посебен договор за осигурување, дадените здравствени услуги не паѓаат на товор на средствата на Фондот. Според став 5 од овој член, осигурените лица кои привремено престојуваат во странство можат да користат само итна медицинска помош. Според став 6 од овој член, начинот на користење на здравствени услуги според ставовите 1, 2 , 3, 4 и 5 на овој член и нај поволните цени на здравствените услуги во странство ги утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Со став 1 од член 32 на овој закон, осигурените лица учествуваат со лични средства при користењето на здравствените услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите. Според став 2 од овој член, за здравстените услуги за одобрено лекување во странство, осигуреното лице учествува со 20% од вкупните трошоци. Според став 3 од овој член, висината на учеството од став 1 на овој член во фиксен износ, обратнопропорционално од цените на услугите, ја утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Со став 1 од член 33 на овој закон, осигурените лица учествуваат до 50% од утврдената цена на протезите, ортопедските и други помагала и санитетски средства, изработени од стандарден материјал, согласно со член 9 став 1 точка 3 под 6 на овој закон. Според став 2 од овој член, висината на учеството од став 1 на овој член ја утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Во став 1 од член 34 на овој Закон, од учеството утврдено во член 32 на овој закон се ослободуваат: осигурените лица за лекарски преглед кај избраниот лекар и итна медицинска помош на повик; корисници на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во другото семејство, според прописите за социјална заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство; душевно болни лица сместени во психијатриски болници и ментално ретардирани лица без родителска грижа, и осигурените лица кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство, во износ повисок од 70% од просечната остварена месечна плата во Републиката во претходната година.

Со став 2 од овој член од Законот, за осигурените лица кои остваруваат месечен нето приход во семејство помал од просечната плата во Републиката во претходната година, како и за одредени возрасни групи, Фондот со општ акт, на кој министерот за здравство дава согласност, ќе определи понизок износ за ослободување од плаќање на партиципација од износот утврден во став 1 алинеја 4 на овој член.

Согласно член 35 од овој закон, од учеството утврдено во член 33 на овој закон со ослободуваат децата до 18-годишна возраст и осигурените лица кои имаат потреба од протези за долни и горни екстремитети, слушни протези, ортооптички помагала и инвалидска количка и од медицински помагала за функција на физиолошките празнења.

Со став 1 од член 8 на овој правилник за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство, врз основа на документацијата од членот 5 на овој правилник и оценката и мислењето на првостепената лекарска комисија, Фондот донесува решение откако е добиена согласност од странската здравствена установа за прифаќање на лекувањето и е одреден термин за прием на лекување.

Согласно став 2 од овој член од Правилникот, со решението за упатување на лекување во странство се одредува земјата, местото, здравствената установа во која осигуреното лице се упатува на лекување, дата на почетокот на лекувањето, траењето на лекувањето, обезбедувате придружник, износот на аконтацијата за патните трошоци, начинот на превозот и видот на превозното средство, начинот на плаќање на трошоците за лекување и износот на учеството на осигуреното лице во трошоците за лекување, како и должноста на осигуреното лице, односно придружникот да поднесат писмен извештај со потребна документација за извршеното болничко лекување освен осигурените лица кои се ослободени од учество.

Според став 3 на овој член од Правилникот, решението се доставува на осигуреното лице.

Наводите од подносителот на иницијативата дека оспорениот член 8 од Правилникот не бил во согласност со членовите 34 и 35 од Законот за здравствено осигурување, Судот смета дека се неосновани. Имено, поаѓајќи од анализата на наведените законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, произлегува дека со измените на Правилникот од 10 мај 2010 година објавени во („Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2010) на 7 јуни 2010 година овозможено е осигурените лица-деца со посебни потреби, да ги остваруваат правата согласно одредбите на Законот за здравствено осигурување за ослободување од учество во вкупните трошоци на здравствените услуги, а токму ова е поводот за оценување на законитоста со ова иницијатива.

Со оглед на тоа што оспорениот член е во согласност со цитираните одредби од Законот за здравствено осигурување, Судот не го постави прашањето за неговата согласност со Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.92/2010
20 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски