Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 октомври 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54-д алинеја 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009 и 50/2010) и на член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2, член 48 став 6, поднасловот: „Годишен извештај за работа на извршителот“, член 53-а, член 54 ставови 2 и 3, член 59 став 3, во делот: „и еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда“, член 59-а став 1 во деловите: „претседател на Комората и министерот за правда“, член 60 став 2 точки в) и д), член 64-а став 5, член 69 став 4 точка а), член 137 став 2 и член 202 став 5 од Законот за извршување.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работите на извршителите требало да ја донесува Собранието на извршителите во законски определените критериуми и рамки.
Имено, според иницијативата, оспорениот член 46 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот, од причина што не можело државата да ја донесува тарифата преку министерот за правда, а која се јавува како странка во извршувањето. Со пропишување на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите од страна на државата, според иницијативата, можело да дојде до намалување на ефикасноста во извршувањето со намалувањето на тарифата заради намалување на приходите, што би резултирало со намалување на бројот на вработените и ангажирање на материјалните средства при извршувањето. Според тоа, со оспорената одредба на член 46 став 2 од Законот за извршување се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 7, член 51, член 55, член 68 став 1 алинеи 2 и 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.
Подносителот на иницијативата смета дека со член 48 став 6 од Законот се овозможувало законодавецот да се меша во внатрешната организација и работа на извршителот и противуставно се налагало на извршителот на неговиот заменик извршител да му издаде овластување да располага со неговата редовна и посебна сметка, а при тоа не водејќи сметка дека можело да дојде до злоупотреба и до правна несигурност на извршителот. Од овие причини смета дека оспорениот член 48 став 6 од Законот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од.
Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба на член 53 од Законот, извршителот двојно се оптоварувал за доставување на завршна сметка до Управата за јавни приходи и годишен извештај до Комората за извршители, со што се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата смета дека законските одредби на член 54 ставови 2 и 3 од Законот, биле преопшти, непрецизни и нејасни, бидејќи не било јасно што се подразбира под поимот „повреда на правата на странките“, а поимот „несовесно постапување“ бил преопшт и преопширен, без прецизни норми, истиот не бил спроведлив, поради што оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според наводите во иницијативата со одредбата на член 54-д алинеја 3 од Законот, се ограничувало правото на членот на Дисциплинската комисија, слободно и по свое убедување, уверување и мислење да „пресудува“ во одреден случај. Имено, со оспорената законска одредба се повредувало загарантираното општо начело дека членовите на дисциплинската комисија не можеле да бидат повикани на одговорност за одлуките што ги донесуват во текот на дисциплинската постапка. Според тоа, со оспорената одлука се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 23 и член 51 од Уставот.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел на членот 59 став 3 од Законот, се влијаело на самостојното законско работење на Собранието на Комората на извршители, бидејќи министерот за правда на овој начин се мешал во работата на Дисциплинската комисија, со што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 и член 96 од Уставот.
Според наводите во иницијативата, од уставно-правен аспект било недопуштено министерот за правда и претседателот на Комората да иницираат дисциплинска постапка според што оспорениот член 59-а став 1 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.
Подносителот на иницијативата смета дека со наведената законска одредба на член 60 став 2 точки в) и д) се повредувал член 13 став (1) од Уставот, бидејќи во оспорените точки, вината на извршителот се уште не била утврдена со правосилна судска пресуда, затоа што во првиот случај сеуште траела истрагата, а во вториот случај нема правосилна судска одлука. Поради наведените причини, смета дека членот 60 став 2 точките в) и д) од Законот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 25, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека од уставно-правен аспект е неодржливо претседателот на Комората со решение да овластува друг извршител да располага со посебната сметка на извршителот чија должност престанала. Поради наведеното, смета дека оспорената одредба на член 64-а став 5 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Оспорената одредба на член 69 став 4 точка а) од Законот, според подносителот на иницијативата, не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и Амандман XXV од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што подносителот на иницијативата смета дека конфликтите меѓу извршителите и меѓу извршителите и странките и правилната примена на Законот за извршување треба да се решаваат пред надлежен суд во одредена судска постапка, како што било случај кој е предвиден во член 77 од Законот за извршување.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба на член 137 став 2 од Законот, се однесувала само за физичко, но не и за правно лице и истата не била спроведлива од причина што физичкото лице на својата сметка не ја имало само платата или пензијата, туку и други примања. Поради тоа со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Според наводите во иницијативата членот 202 став 5 од Законот, не бил јасен и прецизен и бил тешко спроведлив во практиката, бидејќи не било уредено во кој рок се доставувал налогот за извршување на должникот, какво дејство ќе има неговото недоставување на време бидејќи налогот за извршување најпрво требал да се евидентира кај носителот на платен налог. Од овие причини оваа одредба од Законот создавала правна несигурност за граѓаните.
Подносителот на иницијатива и по однос на одредбата на член 53 од Законот, смета дека е нејасна и непрецизна, бидејќи од истата не можело со сигурност да се утврди дека преземањето на иницијативата на извршителот значело само најзино просторно преземање или пак предметите на кои работел извршителот. Доколку се преземала канцеларијата со сета нејзина опрема, според иницијативата, се повредувало правото на сопственост што е уставно загарантирана категорија.
4. Судот на седницата утврди дека во член 46 став 2 од Законот се предвидува: „Тарифата за награда и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите да ја донесува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми:
1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа;
2) цена на изввршните дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување и
3) награда на извршителот за извршените дејствија, која се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, како и според износот на главното побарување утврдено во извршната исправа кај паричните побарувања, односно вредноста на предметот на извршување кај „непаричните побарувања утврдени во извршната исправа“.
Според член 48 став 6 од Законот за извршување, извршителот е должен, истовремено со именувањето на неговиот заменик-извршител да му издаде овластување на заменикот да располага со редовната и посебната сметка, со цел да овозможи редовно функционирање на работата во неговата канцеларија во случај кога тој е спречен.
Оспорениот член 53-а од Законот за извршување, предвидува дека извршителот секоја година доставува писмен извештај до Комората за неговото работење во претходната година најдоцна до 15 март во тековната година, во кој го наведува вкупниот број на примени барања за извршување, вкупниот број на реализирани извршни исправи, вкупниот износ на наплатени средства за цена на администрирање на предметите, за преземени извршни дејствија и награда за реализирани извршни исправи (став 1). Извршителот во прилог на писмениот извештај од ставот (1) на овој закон доставува копија од завршната сметка доставена до Управата за јавни приходи (став 2).
Според член 54 став 2 од Законот, нестручно постапување е повреда на Законот, со кое при спроведувањето на извршувањето извршителот предизвикува повреда на правата на странките во постапката или на трети лица. Според ставот 3 на истиот член од Законот, несовесно постапување е постапување спротивно на етичките норми, професионалните стандарди и правила на извршителската должност.
Според член 54-д алинеја 3 од Законот за извршување, на извршителот ќе му се изрече мерката трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител ако неуредно и несовесно ја врши функцијата член на Дисциплинската комисија.
Според член 59 став 3 од Законот за извршување, два члена и нивни заменици се избираат од редот на членовите на Комората, два члена и нивни заменици од редот на судиите по предлог на Судскиот совет на Република Македонија и еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда.
Според член 59-а став 1 од Законот, дисциплинска постапка против извршител или заменик извршител се поведува по предлог на претседателот на Комората, претседателот на основниот суд на чие што подрачје е седиштето на извршителот и министерот за правда.
Според член 60 став 2 точки в) и д) од Законот, привремена забрана за вршење на должноста секогаш ќе се определи без оглед на тоа дали е поведена дисциплинска постапка против извршителот ако против извршителот е донесено правосилно решение за поведување на истрага за кривични дела сторени во врска со службените дејствија се додека трае истрагата и ако против извршителот е донесена правосилна пресуда со која му е изречена безусловна казна затвор над шест месеци.
Според член 64-а став 5 од Законот за извршување, претседателот на Комората со решение ќе го овласти именуваниот, односно определениот извршител да располага со посебната сметка на извршителот чија должност престанала.
Според член 69 став 4 точка а) од Законот, претседателот на Комората ги решава конфликтите меѓу извршителите или меѓу извршителите и нивните странки кои се однесуваат на примената на овој закон.
Според член 137 став 2 од Законот, налогот за извршување врз парично побарување по сметка кај банка што му припаѓа на физичко лице извршителот е должен да го изготви почитувајќи ги ограничувањата на извршувањето од членот 105 на овој закон.
Според член 202 став 5 од Законот за извршување извршителот е должен да го достави налогот за извршување до должникот, откако налогот за извршување врз средства на сметката на должникот е евидентиран кај носителот на платен промет.
Во членот 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, се предвидува дека ако настане престанок на должноста извршител пред денот на влегувањето во сила на овој закон, министерот за правда во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, определува извршител од редот на именуваните извршители од истото подрачје, којшто веднаш ќе ја преземе канцеларијата на извршителот чија должност престанала и ќе ја продолжи работата по предметите, со сите овластувања кои му припаѓаат на извршител согласно со закон. Пред преземањето на канцеларијата на извршителот чија должност престанала од страна на определениот извршител, ќе се изврши селекција на предметите, книгите и документите на извршителот чија должност престанала од страна на Комисијата која ја формира министерот за правда, составена од претставник на Министерството за правда, Комората на извршители и судија од подрачјето на надлежниот основен суд за кое е именуван извршителот.
Претседателот на Комората со решение ќе го овласти именуваниот, односно определениот извршител да располага со посебната сметка на извршителот чија должност престанала.
5. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Дисциплинска комисија, според членот 59 став 2 од Законот, е орган на Комората кој го избира Собранието на Комората, составен од пет члена и нивни заменици, со мандат од три години, со право на повторен избор и според ставот 4 на овој член од Законот, дисциплинската комисија ја спроведува дисциплинската постапка по предлог на овластен подносител и донесува одлука по предлогот, а начинот и поблиските услови во врска со работењето на Дисциплинската комисија ќе бидат уредени со Статутот и другите акти на Комората.
Од анализата на наведените законски одредби јасно произлегува дека дисциплинската комисија е колективно тело кое функционира врз база на Статутот и други акти на комората. Оттука, се поставува прашањето кои дејствија преземени од еден член на Комисијата претставуваат неуредно и несовесно вршење на функцијата член на Комисијата, ако се има во вид фактот дека станува збор за колективно тело и колективна одлука.
Од друга страна, пак, според Судот, се поставува прашањето дали извршување на оспорената мерка, не претставува ограничување на вршење на јавна функција – во смисла на член 23 од Уставот.
Од наведените причини Судот оцени дека со оспорениот член 54-д алинеја 3 од Законот основано може да се доведе во прашање неговата согласност со лен 8 став 1 алинеја 3 и член 23 од Уставот.
6. Правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.
Според член 30 став 3 од Уставот никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од анализата на законската одредба на член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, а во корелација со наводите во иницијативата Судот оцени дека со истата основано може да се доведе во прашање нејзината согласност со темелната вредност на уставниот поредок – правната заштита на сопственоста.
Имено, овластувањето во оспорената законска одредба да именуваниот извршител покрај работата по предметите, да ја преземе и канцеларијата на извршителот на кого му престанала должноста извршител, според Судот, се повредува правото на сопственост. Ова од причина што, сопственоста како институт во себе содржи право на располагање, држење и користење на стварта. Во конкретниов случај со правото на преземањето на канцеларијата на извршителот чија должност престанала, му се попречува правото на располагање и користење на канцеларијата која е негова сопственост, а кои се правни елементи на сопственоста.
Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување основано може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија.
7. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.
Согласно член 95 став 3 од Уставот организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Законот за извршување ги уредува правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврската, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон не е поинаку определено. Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон. Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и воздухоплов.
Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.
Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.
Од причина што оспорениот член 46 став 2 од Законот ги содржи овластувањата и критериумите за определување на висината на Тарифата, според Судот не може да се прифати трдењето во иницијативата дека со овој член од Законот се повредувал членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.12/2006 од 18 октомври 2006 година го укинал член 46 став 2 од овој Закон од причина што во истиот не биле содржани критериуми за утврдување на висината на тарифата и по кое е донесен Закон за дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2006 од 11 декември 2006 година) со кој е изменет ставот 2 од членот 46, каде е предвидено дека Комората на извршители, врз основа на претходна согласност на министерот за правда, ја донесува Тарифата за награда на извршителите и во кои децидно се наведени критериумите за нејзино определување.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010) ставот 2 на членот 46 од Законот, кој е сега предмет на уставно судска анализа се утврдува дека Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората за извршители.
Следејќи го ставот на Уставниот суд на Република Македонија, изразен во Одлуката У.бр.12/2006 од 18 октомври 2006 година, овластувањето на министерот за правда да ја пропишува и донесува наградата на извршителите за извршените дејствија, има уставна основа, пред се затоа што во ставот 2 од член 46 од Законот во три точки се утврдени критериумите врз основа на кои се донесува тарифата. Имено, од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта и истата е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.
Правната сигурност на граѓаните, изразена преку уставното уредување во кое правото и правните норми се појдовни рамки за дејствувањето и активноста не само на државните органи и институции, туку и на самите граѓани во државата е елементарен услов и претпоставка за остварување на правото и правната држава. Оттука, законското решение за давање овластување на заменик-извршител за располагање со редовната и посебната сметка на извршителот, дадено во член 48 став 6 од Законот според Судот не е во спротивност со Уставот од причина што интенцијата на законодавецот е обезбедување континуитет во работата на извршителот и непречено функционирање и оневозможување на застој во остварувањето на правата на граѓаните, на кој начин всушност се обезбедува правната сигурност на граѓаните изразена преку темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото.
По однос на наводите за можна злоупотреба од страна на заменик-извршителот, Судот оцени дека се неосновани, од причини што членот 48 став 4 од Законот, предвидува санкционирање согласно Кривичниот законик, како и негова дисциплинска одговорност.
Од анализата на содржината на оспорената законска одредба на член 53-а од Законот, а во корелација со уставната норма на членот 8 став 1 алинеја 3, во која е регулирана темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, според Судот јасно произлегува дека во случајов станува збор за два сосема поинакви извештаи, кои се доставуват до две различни институции, со различни, односно сосема поинакви надлежности. Оттука, не може да се прифати тврдењето дека со оваа законска одредба се повредува темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото.
Според Судот, од анализата на оспорената законска одредба на член 54 ставови 2 и 3 од Законот, јасно произлегува дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата, од причина што при анализата на оспорениот член не може да не се имаат во вид останатите одредби од Законот за извршување, а посебно ставот 1 на членот 54 од Законот. Ова од причини што токму во овој став е јасно наведено дека изршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење, ако со своето однесување при спроведување на извршувањето врши повреда на службената должност, предвидена во Законот за изршување, подзаконските акти и актите на Комората.
Во членот 11 од Законот, со наслов„Значење на одделни изрази“, службената должност на извршителот, односно неговите јавни овластувања при спроведувањето на извршувањето се децидно опишани и објаснети. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорените ставови 2 и 3 на член 54 од Законот се преопшти и непрецизни и дека се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Од анализата на оспорениот член 59 став 3 од Законот, како и на цитираните уставни одредби, неспорно произлегува дека со содржината на оспорениот член не се повредува принципот на владеење на правото и со неа не се нарушува самостојноста во функционирањето на Комората на извршители. Ова од причина што во Дисциплинската комисија не учествува министерот за правда, туку истиот само предлага член, што не значи и мешање во работата и функционирањето на Комората на извршители. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 59 став 3 од Законот е во спротивност со Уставот.
Од анализата на целината на Законот за извршување, а во контекст со наводите во иницијативата, овластувањето дадено во оспорената законска одредба на член 59-а од Законот по предлог на министерот за правда и претседателот на Комората на извршители да поведува дисциплинска постапка, не е во спротивност со Уставот на Република Македонија и принципот на владеењето на правото. Имено, ова ако се има во вид овластувањето што на Министерството за правда, со членовите 52 и 53 од Законот за извршување, му е дадено да врши редовен и вонреден надзор над работата на извршителите, со што истото има увид во работењето на извршителите, следствено на тоа е од извршениот увид да се преземе определено дејствие, односно предлог за поведување на дисциплинска постапка за извршителот, доколку се констатира неправилност во неговото работење.
Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена.
Оспорениот член 60 од Законот за извршување е поместена во Главата со наслов: „Привремена забрана за вршење на должноста“. Од самиот наслов произлегува дека во конкретниов случај не станува збор за трајна забрана на вршење на должноста, туку за забрана на вршење на должноста за одреден временски период, како што предвидуваат точките в) и д) од член 60 од Законот – односно за периодот додека трае истрагата против извршителот за кривични дела сторени во врска со службените дејствија, односно се до правосилното завршување на постапката по изречената пресуда со која на извршителот му е изречена безусловна казна затвор над шест месеци. Имено, со вака изречената мерка, според Судот, не се повредуваат уставните начела утврдени во Уставот на Република Македонија, бидејќи важноста на истата е до окончувањето на наведените дејствија, односно истата има суспензивно дејство само во тој период.
Владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како темелна вредност на уставниот поредок дефинирани во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, токму со оспорената законска одредбана член 64-а од Законот се детерминира и истекува. Имено, целта на законодавецот со оспорената одредба е да нема правна празнина и вакум во извршувањето во случај кога постои престанок на должноста на извршителот. Овластувањето на определениот извршител да располага со посебната сметка на извршителот чија должност престанала, според Судот е со цел за надминување на неефикасноста и спречување на застој во работењето во процесот на извршување и истакнување на обврските кои произлегуваат од основата на изввршувањето – извршната исправа.
Амандманот XXV од Уставот предвидува дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независно судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од анализата на оспорената законска одредба на член 69 став 4 точка 9 од Законот, според Судот, јасно произлегува дека истата го регулира и уредува прашањето во врска со конфликтот меѓу извршителите или меѓу извршителите и нивните странки во врска со примената на Законот: Оттука, целта, односно надлежноста на претседателот на Комората е да заземе став за одредени спорни правни прашања кои настануваат меѓу извршителите при примена на Законот за извршување. Што се однесува, пак, до посочувањето на подносителот на иницијативата дека во овој случај реба да соодветствува решението со членот 77 од Законот, според Судот е неосновано е ова укажување. Ова од причина што членот 77 од Законот, ги решава неправилностите при извршувањето што е сосема друг основ на обработка, што го содржи сега оспорениот член 69 став 4 точка 9) од Законот, односно конфликт кој се јавува во врска со примената на одредбите од Законот кои можат да се јават при неговата секојдневна примена.
Оспорениот член 137 од Законот за извршување е поместен во Глава XIII со наслов „Извршување врз парично побарување на должник“ потточка 6. „Извршување врз побарување по сметка кај банка“. Ставот 1 од членот 137 од Законот го уредува извршувањето врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко или правно лице, а ставот 2, кој е сега оспорен, се однесува на налогот за извршување врз парично побарување по сметка кај банка што му припаѓа на физичко лице.
Од анализата на наведените одредби јасно произлегува дека не може да се прифати тврдењето на подносителот на иницијативата дека оваа одредба не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што законодавецот јасно прави дистинкција меѓу физичко и правно лице, кои се две сосема различни категории, од што јасно произлегува и различниот однос кон начинот на извршувањето. Имено, интенцијата на законодавецот, според мислењето на Судот, е почитување на начелото на владеењето на правото, како и целината, односно зачувувањето на социјалниот карактер на државата, која се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните во смисла на начелото на социјална праведност.
Тргнувајќи од овие начела, Судот оцени дека обврската, содржана во оспорениот член 137 став 2 од Законот, на извршителот, налогот за извршување врз парично побарување по сметка кај банка да го изготви почитувајќи ги ограничувањата на извршувањето кога се работи за извршување врз плата, пензија, инвалиднина и други примања, не е во спротивност со Уставот.
Според Судот, оспорената одредба на член 202 став 5 од Законот е во согласност со Уставот и начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Ова од причина што со ваквото законско решение на должникот му се дава можност да го искористи правото на приговор против неправилностите при извршувањето, а од друга страна, пак, извршувањето нема да се осуети од страна на должникот, од причини што налогот за извршување веќе претходно е евидентиран кај носителот на платен промет.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.
Решението по однос на член 48 став 6, член 60 став 2 точки в) и д) и член 64-а став 5 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.96/2010
20 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски