87/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за издавање дозволи на банка („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2007, 134/2007 и 138/2008).

2. Борис Стојменов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспоренaта Одлука била неуставна бидејќи не била во согласност со член 51 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата, Законот за банките, преобразбата на штедилница во банка не ја дефинирал како статусна промена и Советот на Народната банка немал законски основ со свој акт да ја дефинира преобразбата на штедилница во банка, како статусна промена и да ја уредува постапката. Поради тоа, со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за издавање дозволи за банка и истата да биде укината. Имено, точката 15 алинеја 8, точката 24 во целина и точката 36 од завршните одредби на Одлуката, не биле во согласност со член 172 ставовите 3, 6 и 7 од Законот за банките.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Народната банка на седницата одржана на 18 јули 2007 година донел одлука за издавање дозволи на банка, бр.02-15/VII-1/2007.

Според точката 1 од ова одлука, се пропишува видот и начинот на доставување на документите, податоците и информациите и постапката за нивно оценување при издавање дозвола за основање и работење на банка; видот и начинот на доставување на документите, податоците и информациите и постапката за нивно оценување при издавање дозвола за основање и работење на банка контролирана од страна на странска банка и/или странско лице со учество во странска банка, и документацијата, постапката и критериумите за издавање дозвола за статусни промени на банка.

Според точката 15 од оваа одлука, под статусни промени се подразбираат:
– присоединување на банка, штедилница или друго правно лице кон банка, со пренос на целокупниот имот и на обврските на лицето што се присоединува, без да се спроведе негова ликвидација, во замена за акции на банката која присоединува;
– спојувањето на две или повеќе банки или спојувањето на една или повеќе банки со други правни лица во една банка, при што сите банки и/или правни лица го губат правниот идентитет и се основа нова банка на која преминува целокупниот имот и обврските на банките и/или правните лица што се спојуваат, во замена за акции на новата банка;
– поделбата на банка преку:
· раздвојување со основање, со пренос на целокупниот имот и обврски на две или повеќе нови банки и/или нови правни лица, при што банката што се дели престанува без спроведување ликвидација;
· раздвојување со преземање, со пренос на дел од имотот и обврски на две или повеќе нови банки и/или нови правни лица, при што банката што се дели престанува без спроведување ликвидација;
· издвојување со основање, со пренос на дел од имотот и од обврските на една или повеќе нови банки и/или нови правни лица, при што банката што се дели не престанува;
· издвојување со преземање, со пренос на дел од имотот и од обврските на една или повеќе постојни банки и/или постојни правни лица, при што банката што се дели не престанува;

– преобразбата на штедилница во нова банка (оспорен дел);
– спојување штедилници заради формирање на банка.

Според точката 24 од оваа одлука, кон барањето за издавање дозвола за преобразба на штедилница во банка, до Народна банка се поднесува следната документација:
24.1. Пополнето барање за издавање дозвола за статусна промена преобразба на штедилница во банка (Образец 1).
24.2. Одлука на надлежниот орган на штедилницата за нејзина преобразба во банка.
24.3. План за преобразба изготвен и потврден од страна на надлежниот орган на штедилницата која се преобразува, кој треба да ги содржи:
– фирмата, името и седиштето на банката;
– намерите, целта и условите за преобразбата;
– начинот на претворање на уделите во акции (за штедилници формирани како друштва со ограничена одговорност), односно на износот на разликата во вредноста на акциите (за штедилници формирани како акционерски друштва), датумот од кој акциите даваат право на учество во добивката и датумот од кој сметководствените операции на добивката и датумот од кој сметководствените операции на штедилницата која се преобразува ќе се сметаат како извршени од страна на банката;
– пресечен датум на преобразбата, односно датумот на гаснење на штедилницата која се трансформира и датумот од кој ќе почне да се изработуваат биланси на банката.

24.4. Извештај за работењето на штедилницата која се преобразува изготвен до денот на донесување одлука за преобразба и почетен биланс на новата банка, ревидиран од страна на друштвото ревизија.

24.5. Соодветната документација предвидена во точките 2.3., 2.4, 2.5, 2.6, 3, 5.1, 5.2, 5.3, 5.4, 5.5, 5.6, 5.7, 5.8, и 6 од оваа Одлука.

Според точката 36, одредбите од оваа одлука соодветно се применуваат и на штедилниците во Република Македонија.

4. Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 60 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е емисиона банка и е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањето во Републиката и кон странство.
Организацијата и работата на Народната банка, според член 60 став 3 од Уставот, се уредуваат со закон.

Во Законот за Народната банка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 3/2002) е уредена организацијата и работата на Народната банка.

Како основни функции на Народната банка со Законот, покрај другите, се предвидени изготвување и спроведување на монетарната политика, регулирање на општата ликвидност на банкарскиот систем, регулирање на ликвидноста во плаќањата спрема странство, спроведување на политиката на девизниот курс на денарот, управување и ракување со девизните резерви, уредување на платниот систем во согласност со закон, координирање на плаќањата и порамнувањата на сметките меѓу банките и вршење дистрибуција на готовина, вршење на супервизија на банките и штедилниците, издавање на книжни и ковани пари, откупување на ретки и оригинални монети од тлото на Република Македонија, вршење на работи за сметка на органите на државната власт и органите на државната управа и ја претставува Република Македонија во меѓународните финансиски институции согласно со овој закон. Со Законот се утврдени и посебни овластувања на Народната банка и посебни работи на контролата. Во рамките на овие посебни овластувања Народната банка со член 30-а од Законот, кој е еден од основите за донесување на оспорената одлука, е овластена да издава дозвола за основање и работење на банка и штедилница, за статусни измени и ги укинува издадените дозволи во случаите предвидени во Законот за банките. Според став 2 од овој член, за издавање и укинување на дозвола за основање и работење на банка и штедилница и за статусни измени, Народната банка е должна писмено да го известува Министерството за финансии во рок од седум дена од денот на конечноста на одлуката за издавање, односно укинување на дозволата.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Народната банка е овластена да издава дозвола за основање и за работа на банка или штедилница, да води контрола по основањето на банката дали се исполнети пропишаните услови за работа како и да води контрола за нејзиното работење, и врз основа на таа контрола да презема соодветни мерки за утврдување на утврдените неправилности.

Во член 31 од Законот се утврдени и активностите и мерките на Народната банка што ги презема врз основа на наодот од контролата од член 30-а од Законот. Според ставот 1 од овој член за обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем, без да се загрози остварувањето на основната цел, почитувајќи ги меѓународните стандарди, Народната банка донесува одлуки, пропишува методологии и стандарди и презема мерки. Според став 2 од овој член, стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност претставуваат јавен интерес.

Во член 64 од Законот се утврдени надлежностите на советот на Народната банка, како орган на банката, при што во точка 9, (кој е еден од основите за донесување на оспорената одлука) е предвидено Советот да ги утврдува правилата и стандардите за извршување на надзор и супервизија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Народната банка односно Советот на Народната банка е овластен, покрај другото, да ја определи и документацијата која треба да ја содржи барањето за основање и работа на банката.
Според член 1 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007, 90/2009 и 67/2010), се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија.
Согласно членот 17 став 5 и членот 22 став 2 кои се поместени во Главата III „Основање на банка“, е предвидена надлежноста на Советот на Народната банка за подетално пропишување на документацијата, постапката и критериумите за добивање на соодветна дозвола, како и издавање дозвола за статусна промена.

Со членот 172 од Законот, на штедилниците им е дозволено да извршат преобразба во банка, без да се спроведе постапка на ликвидација. На овој начин, имајќи предвид дека станува збор за финансиска институција која што извршува активности кои што по својата природа се слични на активностите што ги вршат банките, со Законот се овозможува побрзо спроведување на постапката на реорганизација на штедилница во банка. Меѓутоа, согласно со членот 172 став 3 од Законот, преобразбата може да се изврши само по претходно добиена дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

Преобразба на трговско друштво – претставува преобразба на формата на друштвото, со тоа што натаму друштвото ќе продолжи да работи во форма во која се преобразило. Имено, постапката за преобразба на друштвото од една во друга форма е регулирана со Законот за трговските друштва.
Преобразба во организациска смисла е процес на длабоки и радикални промени кои ја ориентираат една организација во нов правец и ја носи на едно сосема различно ниво на ефикасност. За разлика од “пресвртот” (што подразбира поединечен напредок од иста рамнина) трансформацијата значи основна промена на карактерот и мала или никаква сличност со претходната конфигурација или структура. Впрочем, синоними за терминот „преобразба“ се: промена, конверзија, тригер, метаморфоза, радикални промени, обновување, револуција, промена, трансмутација итн.
Тргнувајќи од изнесеното, Советот на Народна банка на Република Македонија има законско овластување со подзаконски акт да ги уреди предметните прашања и начинот како тие ќе се спроведуваат. Оттука, оваа одлука сама по себе не е незаконита, ниту неуставна, таа има законски основ да операционализира законска одредба, како што е погоре наведено и во случајов не станува збор дека Советот на Народна банка нема законски основ со свој акт да ја дефинира преобразбата на штедилница во банка како статусна промена и да ја уреди постапката, на што се однесуваат наводите во иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорените точки од одлуката се во согласност со цитираните одредби од Законот за банките, Судот не го постави прашањето за нејзината согласност со Законот, и наводите во иницијативата се неосновани.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2010
6 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски