У.бр.44/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007 и 91/2009).

2. Елизабета Аврамовска, Милчо Мојсов и Васил Апостолов, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот, била нејасна, недоречена и спротивна на темелните уставни вредности кои се однесуваат на владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Во иницијативата се наведува дека оспореното законско решение содржело непознат термин-станбени куќи и во самиот закон не било дефинирано што значел терминот објект за домување во станбена куќа, а порано имало ограничување и дефинирање на семејна куќа како објект со максимум 3 кујни, што сега не било случај од непознати причини за подносителите. Според иницијативата тоа било измислен термин за кој немало дефиниција во Законот и не кореспондирал ниту со другите закони меѓу кои и Законот за домување каде како објекти за домување биле предвидени или семејни куќи или станбени згради, а никако и никаде немало термин станбени куќи, како што било впрочем во оспорениот член 15-б и во отсуство на дефиницијата станбена куќа, би се граделе нов вид на објекти со назив станбени куќи, на кој начин со овие објекти на места со намена за индивидуално становање би се подметнувале колективни станбени згради и би се создавале безброј нови дебар маала, каде луѓето не можеле да паркираат, да се движат, и би буле без пристап во случај на несреќа, со запушени одводи и канализации, со прекопи на секој чекор, неподносливи мириси и т.н. Во иницијативата се изразува и незадоволство од дефинираните параметри во законското решение, односно дозволеното изградување на парцелите до 70% и не се водело сметка за посебните одлики на одредени територии, места, населби и слично, што доведувало до нарушување на правната сигурност, правото на приватна сопственост и загрозување на просторот и хуманата животна средина. Од тие причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, како нејасен, недоречен и контрадикторен на соодветните закони во таа област.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 15-б став 1 од Законот, е определено дека при изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец 10,2 метри. За градби со намена домување во станбени згради процентот на изграденост треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец за градежни парцели со површина од 500 до 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 25,2 метри, а за градежни парцели со површина поголема од 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 30 метри. Површината на градежната парцела за градби со намена домување во станбени згради треба да изнесува најмалку 500 м2. Со ставот 2 од оспорениот член од Законот, примената на параметрите од ставот 1 на овој член при изработката на урбанистичките планови е условена со нивната усогласеност со генаралните урбанистички планови, обезбедување на потребниот број на паркинг места во градежните парцели, како и другите стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.“

4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Од анализата на оспорениот член од Законот, произлегува дека законодавецот пропишал максимално дозволени вредности на урбанистичките параметри за градби со намена домување во станбени куќи и во станбени згради при изработката на урбанистичките планови, со цел да се овозможи рационално искористување на просторот и зголемување на степенот на искористеност на градежното земјиште.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, Судот утврди дека се оспорува членот 15-б од Законот од аспект дека тој бил нејасен и недоречен и спротивен на законите и подзаконските акти од соодветната област, односно дека содржел непознат измислен термин-станбени куќи, за кој термин немало дефиниција во Законот и кој според наводите во иницијативата не кореспондирал со другите закони меѓу кои со Законот за домување. Од аспект на овие наводи, според Судот, не произлегуваат елементи за уставно проблематизирање на содржината на оспорената одредба од Законот, бидејќи Судот не се впушта во оцена на терминолошки усогласувања во законите и не е надлежен да го цени степенот на синхронизираност меѓу законите односно нивната усогласеност, а уште помалку да ја цени согласноста на законите со подзаконските акти, бидејќи, другите прописи како подзаконски општи правни норми, согласно со принципот на хиерархија и субординација, нужно е да се во согласност со основните правни акти, односно со Уставот и законите како повисоки правни акти.

Во иницијативата, понатаму се наведува дека поради нејасноста и недореченоста на законското решение од оспорениот член ќе се предизвикал урбанистички хаос во праксата, а со тоа и нарушување на правната сигурност на граѓаните и на животната средина и хуманото живеење во урбаните средини воопшто, односно ќе се довело до никнување на градби каде луѓето не ќе можеле да паркираат, ниту да се движат, без доволен пристап и растојание помеѓу објектите и слично, кои наводи Судот ги оцени како неосновани. Ова од причини што во оспорената одредба јасно се пропишани урбанистичките параметри со намена домување во станбени куќи и во станбени згради со пропишување на максимално дозволени параметри при изработката на урбанистичките планови, а со цел да се овозможи рационално искористување на просторот и зголемување на степенот на искористеност на градежното земјиште. Од друга страна, во ставот 2 од оспорениот член, јасно е определено дека примената на пропишаните параметри при изработката на урбанистичките планови е условена со нивната усогласеност со генералните урбанистички планови, обезбедување на потребниот број на паркинг места во градежните парцели, како и другите стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, поради што Судот оцени дека оспорената одредба е во функција на соодветно и правилно уредување и хуманизација на просторот. Што се однесува до загриженоста на субјектите од иницијативата за непристапноста до објектите, растојанијата помеѓу нив и слично, според Судот овие прашања не се предмет на уредување со оспорената одредба, која уредува максимално дозволени вредности на урбанистичките параметри за градби, туку тие прашања се предмет на уредување со други прописи и подзаконски акти во врска со материјата од оваа област. Поради тоа, во однос на прецизноста и јасноста на оспорената одредба од аспект на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот, според Судот, Законот неспорно регулирал односи кои се од значење за реализацијата на градбите во урбанистичкиот простор и одредбите се во функција на стандардизација на технички и други норми во градењето, во согласност со уставните одредби.

Наводите во иницијативата искажани како незадоволство и загриженост на подносителите на иницијативата од конкретната примена на одредбата во правниот поредок, според Судот, се ирелевантни од аспект на оцена на уставноста на оспорената законска одредба, бидејќи се однесуваат на примената на Законот. Имено, Судот, утврди дека со иницијативата всушност се оспорува целисходноста на законското решение, бидејќи не ја уредувало предметната материја на начин како тоа подносителот на иницијативата сметал дека требало да биде уредено. По однос на ова неспорно е правото на законодавецот со закон да ги пропишува прашањата од сферата која ја уредува на начин за кои законодавецот сметал дека е тоа потребно. Целисходноста на законското решение, како во случајов со оспорената одредба не е прашање од уставно правен аспект што би можело да ја доведе под сомнение уставноста на законската одредба. Имено, Судот не ја оценува оправданоста на постоењето на законската норма во правниот поредок од аспект на нејзината целисходност, ниту има надлежност за тоа, а во тие рамки не е надлежен да ја оценува уставноста на законот од аспект што тој треба да уредува, а тоа не било сторено, како што во случајов со иницијативата се оспорува наведениот член од Законот.

Тргнувајќи од изнесеното, бидејќи Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот, во конкретниот случај, според Судот, не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата која се оспорува.

5. Врз основа на гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 44/2010
29 септември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски