65/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја („Службен гласник на општина Центар“ бр.1/2008, 5/2008, 6/2008, 8/2008, 10/2008 и 4/2009-пречистен текст), донесена од Советот на општина Центар.

2. Мирослав Грчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Програмата наведена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената Програма била спротивна на членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004 и 89/2008), затоа што настаните и личностите што биле наведени во разделот II од Програмата, според дефинициите од членовите 3 и 5 од Законот, биле настани и личности од исклучително значење за Република Македонија и со тоа биле во надлежност на Собранието на Република Македонија, а не на општина Центар. Имено, според членот 3 став 2 од Законот, настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата. Според членот 5 став 1 од Законот, меморијален споменик може да подига Собранието на Република Македонија, согласно овој закон. Според членот 6 од Законот, Собранието на Република Македонија, за настаните и за личностите од членот 2 на овој закон, што треба да се одбележат со меморијален споменик, донесува Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со меморијален споменик, за период од пет години. Според членот 8 став 1 од Законот, за секој меморијален споменик содржан во Програмата од член 6, Собранието на Република Македонија донесува одлука за подигање на меморијален споменик со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат за заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во иницијативата, понатаму се наведува дека законодавецот недвосмислено во членот 4 од Законот утврдил дека со спомен-обележјата се одбележуват настани и личности кои се од локално значење и дека само тие можат да бидат подигнувани од општините и од градот Скопје. Па, со оглед на тоа што јасно било дека ниту една од наведените личности и настани во оспорената програма не можеле да се окарактеризираат како настани и личности од локално значење, произлегувало дека општината Центар ги узурпирала надлежностите од Собранието на Република Македонија, со вметнување на настани и личности од исклучително републичко значење, во својата Програма за спомен-обележја како личности и настани од локално значење. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената програма на Советот на општина Центар, како несогласна со членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорената програма е предвидено следново:

„ I. Зачувувањето на споменот за важните настани и личности од историјата и културата на секој народ кои впечатливо придонеле за развојот на пошироката заедница, претставува посебна законска, морална и цивилизациска обврска како на државната, така и на локалната власт. На просторот на Општината Центар низ долг временски период се одвивале настаните и се вкрстосувале патишата на личностите кои оставиле неизбришливи траги во нашата историја на опстојување, борба за слобода, независност, национална самостојност и човечко достоинство.

Во Општината Центар на голем број од овие личности и настани им се подигнати споменици и спомен-обележја како знак на благодарност и признание на граѓаните на Република Македонија и на Општина Центар.

Со оваа програма се опфатени личностите што треба приоритетно да бидат обележани со поставување на спомен – обележја на подрачјето на Општината Центар.

II. Општина Центар ќе подигне спомен-облежја на следните личности:

– Никола Карев (1877-1905),
– Гоце Делчев (1872-1903),
– Даме Груев (1871-1906),
– Припадниците на МВР од составот на Полициската станица за безбедност на патниот соовраќај Скопје загинати за време на воениот конфликт од 2001 година,
– Цар Самуил ( – 1014),
– Методија Андонов Ченто (1902-1957),
– Гемиџиите,
– Карпош,
– Цар Јустинијан I,
– Скулптура на Воин,
– Св. Кирил и Методиј,
– Св. Климент и Наум Охридски,
– Македонски бранители,
– Основачите на Македонската Револуционерна Организација,
– Паднатите хери за Македонија,
– Првото заседание на АСНОМ,
– Украинскиот поет Тарас Шевченко,
– Загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа.

Покрај наведените личности, Општината може да ја проширува ова програма и со спомен-обележја по иницијатива на правни и физички лица во согласност со Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата.

III. Поблиски податоци за видот на спомен-обележјата, нивната местоположба и другите податоци за спомен обележјата се утврдуваат со одлуката на Советот на Општината за нивно подигање.

IV. Финансирањето на изградбата на спомен – обележјата, како и трошоците за чување, одржување и заштита на спомен обележјата ќе се врши од средства на Буџетот на Општината Центар, од Буџетот на Република Македонија, од донации како и од други извори во согласност со закон.

Оваа Програма влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општината Центар“.

4. Програмата за одбележување на значајни настани и истаканати личности со спомен-обележја е донесена од Советот на општина Центар врз основа на членот 17 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004 и 89/2008).

Согласно членот 17 од овој закон, советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, за одбележување со спомен обележја на настани и личности од членот 2 на овој закон што се од локално значење, донесува програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-облежја (во натамошниот текст: програма на општината) која се донесува за период од пет години (став 1) и програмата на општината се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општините, градот Скопје и на општините во градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (став 2).

Според членот 18 став 1 од овој закон, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен-обележја, советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје донесува одлука.

Врз основа на членот 17 од Законот, е донесена оспорената Програма, а врз основа на членот 18 од Законот се донесени конкретни одлуки за подигање спомен обележја, за кои Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.136/2009 од 4 ноември 2009 година отфрлил претходно поднесена иницијатива за оценување на нивната уставност и законитост, врз основа на членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради ненадлежност да одлучува по барањето, бидејќи одлуките не претставувале пропис.

Тргнувајќи од наведеното неспорно е дека постои законско овластување на Советот на општината Центар за донесување на Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележја, како акт со кој се операционализира Законот за меморијалните споменици и спомен обележја.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува Програмата од аспект на конкретно наброените настани и личности дека не биле соодветно статусно определени во согласност со одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, а со тоа и не можеле да бидат дел од содржината на Програмата, за што Судот не е надлежен да одлучува по однос на целисходноста и оправданоста на таквата определба на општината, а од друга страна не постојат други аргументи во иницијативата за оспорување на Програмата, Судот утврди дека постојат деловнички претпоставки согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијтивата, поради ненадлежност на Судот да одлучува по барањето и постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.65/2010
29 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски