У.бр.64/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифниот систем за електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2010).

2. Игорчо Точев од Кочани и Оливера Петковска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот акт не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, од причина што овој подзаконски акт бил донесен по истекот на предвидениот временски рок од 3 (три) години во членот 155 став 1 од Законот за енергетика. Оттука, овој подзаконски акт, исто така, според иницијативата бил во директна спротивност и со членот 155 став 1 од Законот за енергетика, бидејќи бил донесен по истекот на рокот од членот 155 став 1 од Законот. Имено, од причина што Законот за енергетика стапил на сила на 1 јуни 2006 година, сите подзаконски прописи, во смисла на членот 155 став 1 од Законот, Регулаторната комисија била должна да ги донесе најдоцна до 1 јуни 2009 година. Од причина што оспорениот акт бил донесен на 27 јануари 2010 година, подносителите на иницијативата сметаат дека со истиот се повредува принципот на владеењето на правото, како и тоа дека истиот бил директно спротивен на член 155 став 1 од Законот за енергетика.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Тарифен систем за електрична енергија, број 01-196/1 од 27 јануари 2010 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, содржи вкупно 34 члена, кои се систематизирани во четири точки и тоа:

(1) Општи одредби,
(2) Категории на потрошувачи, тарифни елементи и тарифни ставови,
(3) Посебни одредби за потрошувачите на низок напон, и
(4) Преодни и завршни одредби.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок укажува на такво политичко и уставно уредување во кое правото и правните норми се појдовните рамки за дејствувањето и активноста не само на државните органи и институции, туку и на самите граѓани во државата. Сите тие се под Уставот и законите во државата и се должни своите функции, активности, дејствија и поведение да го усогласат со Уставот и законите во државата, односно со нејзиниот правен поредок.

Законот за енергетика е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 11 мај 2006 година и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006 од 23 мај 2006 година, а стапил во сила осмиот ден од неговото објавување, односно на 1 јуни 2006 година.

Оспорениот Тарифен систем за електрична енергија е донесен врз основа на член 19 алинеја 6 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) и истиот е донесен на седницата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија одржана на ден 27 јануари 2010 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 13 од 1 февруари 2010 година.

Според член 19 алинеја 6 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика, меѓу другото, е надлежна да пропишува тарифни системи за одделни видови енергија.

Членот 155 од Законот, кој е поместен во Глава XVI со наслов: „Преодни и завршни одредби“, предвидува дека прописите предвидени со овој закон ќе се донесат во рок до три години од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). До донесување на прописите од ставот 1 на овој член од Законот ќе се применуваат прописите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон (став 2).

Наводите во иницијативата дека од причина што оспорениот Тарифен систем бил донесен по истекот на предвидениот рок од три години истиот бил во спротивност со членот 155 став 1 од Законот за енергетика, а кое нешто било во директна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност прифатена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според Судот се неосновани.

Ова од причина што остварувањето на правата и слободите на граѓаните и правната сигурност како елемент на владеењето на правото во уставниот поредок на Република Македонија е детерминирано од прописите кои се влезени во сила во правниот поредок.

Тие уставни вредности би биле доведени во прашање доколку се прекине текот на правното ефектуирање на прописите кои се донесени, објавени и влезени во сила во правниот поредок.

Законски определениот рок за донесување на предвидени прописи во Законот за енергетика, според наше мислење не може да се прифати како норма со ограничувачка цел во однос на примената на сега донесениот Тарифен систем. Имено, според Судот, законската определба во членот 155 став 1 за донесување на прописите во рок до три години од денот на влегување во сила на Законот за енергетика, а која не нормира и престанок на правното дејство на донесените прописи по стариот Закон за енергетика, има за цел исклучиво законска определба да се постигне примерна брзина во одвивањето на постапката за донесување на нови прописи по новиот Закон за енергетика.

Ова дотолку повеќе што ставот 2 на членот 155 од Законот за енергетика, предвидува дека до донесувањето на прописите од ставот 1 на членот 155 од Законот, ќе се применуваат прописите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон. Оттука, јасно произлегува дека со оспорениот акт не се нарушува правната сигурност на граѓаните како елемент на принципот на владеењето на правото предвиден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на наведеното, Судот одллучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2010
22 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски