Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 96 став 1 во деловите
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените делови од членовите од Законот се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи тие биле непотполни, нејасни и непрецизни и како такви неприменливи во практиката.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 96 од Законот е определено дека во случај на ништовност на договорот секоја договорна страна е должна да и го врати на другата сето она што го примила врз основа на таквиот договор, а ако тоа не е можно, или ако природата на она што е исполнето му се спротивставува на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари, според цените во време на донесувањето на судската одлука, доколку законот не определува ништо друго.
Судот, утврди и дека во членот 106 од Законот е определено дека ако врз основа на рушлив договор кој е поништен било нешто исполнето, ќе се изврши враќање, а ако тоа не е можно или ако природата на тоа што е исполнето му се противи на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари. Надоместот во пари се дава според цените во време на враќањето, односно донесувањето на судската одлука, доколку законот не определува ништо друго.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите содржани во иницијативата, Судот утврди дека во случајов се оспорува членот 96 став 1 од Законот во деловите: “или ако природата на она што е исполнето му се спротивставува на враќањето” и “доколку законот не определува ништо друго” и членот 105 став 1 од Законот во делот: “или ако природата на тоа што е исполнето му се противи на враќањето”, бидејќи според наводите во иницијативата тие биле непотполни, нејасни и непрецизни, така што не се знаело што се подразбирало со тие оспорени делови, поради што биле неприменливи во практиката.
Тргнувајќи од причините и мотивите за оспорување наведени во иницијативата и со оглед дека во случајов подносителот со иницијативата всушност бара Судот да се впушти во толкување на оспорените законски делови од аспект на нивната прецизност и јасност, а со тоа и да ја преиспита нивната применливост во практиката, кое барање не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согласноста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите, имајќи ги предвид цитираните уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека настапени се условите за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 252/2009
22 септември 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски