273/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8-в став 2 алинеја 1 и став 3, член 8-г став 2 алинеите 1 и 2, и член 24-а став 6 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009 и 83/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 во делот „и писмени докази за исполнување на условите пропишани со овој закон, член 14 став 4 алинеите 5 и 6, член 17-а став 4, член 23 ставовите 4, 5 и 6, член 34, член 37 став 6 во делот „поблиските прописи донесени врз основа на овој закон“, член 69-а став 3, член 96 став 2, член 99 став 1 точка 12 и член 99-б став 1 точка 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение .

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 12 став 5 во делот „правосилноста “, член 16 став 2 во делот „правосилноста“,член 32 ставовите 2 и 4 во делот „правосилноста“, член 57 ставовите 3 и 6 во делот „правосилноста“, член 69-а ставовите 1 и 2, член 81 став 1 во делот „другите прописи“, член 89 ставовите 10 и 11 и член 90 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8-в став 2 алинеја 1 од Законот е предвидено дека финансиската состојба се докажува врз основа на еден од следните документи:

„Потврда од надлежен орган за намирени јавни давачки спрема државата и платени придонеси за осигурување (здравствено, пензиско и инвалидско) за последните шест месеца од денот на поднесување на барањето, која не смее да биде постаро од еден месец“ (оспорен дел),

– копија од билансот на состојбата за претходната година издадена и заверена од Централниот регистар на Република Македонија (завршна сметка) или
– доказ за сопственоста на основни средства кои не се под хипотека или
– договор за наменски депозит во банката и потврда од банката за депонирани парични средства орочени на рок кој е соодветен на рокот на важење на лиценцата на износ даден од ставот 1 од овој член, како и гаранција на возила под лизинг кои не се основни средства во фирмата.

Во оспорениот член 8-в став 3 од Законот беше предвидено дека солидна финансиска состојба нема превозник кој шест месеца едно по друго не ги намирил јавните давачки спрема државата и не ги платил придонесите за осигурување (здравствено, пензиско и инвалидско),се до влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (Службен весник на Република Македонија бр. 83/2010).

Во членот 5 од измените на Законот,меѓу другото е предвидена нова содржина на оспорениот член 8-в став 3 која гласи:

”Солидна финансиска состојба има превозник кој нема ненамирени обврски по основ на јавни давачки спрема државата за период од последните шест месеци од денот на издавањето на потврдата од надлежен орган”.

Според оспорениот член 14 став 4 алинеја 6 од Законот, евиденцијата ги опфаќа податоците за: матичен број, даночен број, назив и седиште, име и презиме на одговорно лице за превоз, број и важност на издадена лиценца како и податоци за намирени обврски по основ на јавни давачки (оспорен дел).

Според оспорениот член 24-а став 6 алинеја 3 од Законот, во електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии или примена на возни редови на одобрени линии превозникот пополнува задолжителни податоци за исполнување на условите (критериумите) за одобрување на возниот ред покрај другото и за возачите во редовен работен однос кај превозникот, податоци за платени придонеси по основ на пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување согласно со закон (оспорен дел).

Според наводите на подносителот на иницијативата наведените членови односно делови од членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставвите 1 и 2, член 33, член 51 и член 112 став 3 од Уставот. Ова затоа што тргнувајќи од фактот дека секој имал уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постоеле други законски механизми за нивно исполнување (Закон за даноците, Закон за даночната постапка и Законот за задолжително социјално осигурување), пропишувањето на еден ваков ограничувачки услов да не може да се поднесе барање за одобрување на возни редови за нови линии или промена на одобрените ако превозникот не ги платил придонесите по основ на пензиско, инвалидско и здравствено осигурување на возачите во работен однос, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување водело до состојба исполнувањето на обврските на едно правно лице во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус што уставно не било дозволено.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на наведените услови во оспорените одредби од член 8-в став 2 алинеја 1, став 3, и член 24-а став 6 алинеја 3 од Законот значат пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквите ограничувања со кои не може да се стекне лиценца за вршење на превоз во патниот сообраќај влијае на остварувањето на правото на работа и намалување на обемот на достапност на работа што е уставно недопуштено, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од членовите со Уставот.

6. Судот, понатаму, утврди дека според оспорениот член 8-г став 2 од Законот, добар углед согласно со овој закон немаат правните и физичките лица и одговорното лице во правното лице ако има:
– правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството и од областа на безбедноста во јавниот сообраќај,
– правосилна судска пресуда за други казниви дела со затворска казна подолго од една година.

Според оспорениот член 14 став 4 алинеја 5 од Законот, евиденцијата ги опфаќа, покрај другото и податоците за тоа: дали е во сила правосилна судска одлука за кривични дела против имотот, стопанството или безбедноста во сообраќајот.

Според оспорениот член 69-а од Законот, Министерството за транспорт и врски ќе ги исклучи од распределба на ЕКМТ дозволи во последните две години сите превозници за кои е донесена правосилна пресуда дека извршиле злоупотреба на дозволите.

За злоупотреба на ЕКМТ дозволата од ставот 1 на овој член ќе се смета ако превозникот:
– направил какви било измени во податоците внесени во дозволата или фалсификувал дозвола,
– дозволата не ја користел во согласност со нејзината намена или ја отстапил на друг превозник и
– не ја вратил одземената ЕКМТ дозвола по правосилноста на решението со кое му била одземена. (став 2).

Од распределбата на дозволата од ставот 1 на овој член ќе се исклучи и превозник, ако се утврди дека во постапката за распределбата доставил фалсификувана документација (став 3).

Со измените на Законот содржината на оспорениот член 69-а ставот 3 е променет и гласи:

“Од распределбата на дозволи од ставот 1 на овој член ќе се исклучи и превозник, ако се утврди дека во постапката за распределба намерно впишал неточни податоци во електронската апликација или изоставил да впише важни информации со цел да оствари поголем број на бодови согласно со пропишаните критериуми од членот 68 став 2 на овој закон”.

Според наводите на подносителот на иницијативата наведените членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот затоа што во конкретниов случај станувало збор за правни последици од осуда кои настапувале по сила на Законот, а не како казна забрана што ја изрекува судот во рамки на видовите на казни односно санкции.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 101 став 2 од Кривичниот законик правните последици од осудата можат да се предвидат само со закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај како и оспорениот член 8-г став 2 од Законот наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се основани.

Имено во оспорената одредба од член 8-г став 2 од Законот, кој во суштина значи разработка на условот добар углед за добивање на лиценца во патниот превоз. Според наведената одредба добар углед немаат правните и физичките лица и одговорното лице во правното лице ако има правосилна пресуда за кривични дела од точно утврдени области , како и правосилна пресуда за други казниви дела со затворска казна подолга од 1 година.

Според Судот, во конкретниов случај неспорно е дека станува збор за правна последица од осуда која се состои во неможноста да се исполни условот добар углед што повлекува неможност за добивање лиценца. Притоа и ако во член 8-г став 2 алинеја 1 се наведени кривични дела од определена област,без притоа да се прецизира санкцијата односно видот на казната ,според Судот ваквото законско решение доведува до состојба лицето да не може да добие лиценца односно го губи условот добар углед и во случаи кога за кривичното дело од наведените области му е изречена некоја друга казна, а не само казната затвор.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека одредбата не е доволно јасна и прецизна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Во однос на оспорената одредба од член 8-г став 2 алинеја 2 од Законот, исто така Судот смета дека таа е непрецизна односно недоречена и остава можност изречената казна затвор за било кое кривично дело за кое е донесена правосилна пресуда да претставува трајна забрана, односно неможност за стекнување на определено право, во конкретниов случај лиценца за вршење на превозничка дејност и во случаите кога стореното кривично дело не може да се доведе во корелација со дејноста за која се бара лиценца.

Според Судот, еднаш изгубениот добар углед, со оспорената одредба во суштина значи губење на добриот углед за секогаш што е недопустливо од уставно правен аспект.

Што се однесува до оспорениот член 14 став 4 алинеите 5 и 6 од Законот, според кој, Министерството за транспорт и врски е должно да води евиденција за превозниците и тоа евиденција за меѓународни и евиденција за внатрешни превозници која опфаќа, покрај друго и евиденција: дали е во сила правосилна судска одлука за кривични дела против имотот, стопанството или безбедноста во сообраќајот и податоци за намирени обврски по основ на јавни давачки, Судот оцени дека не можат да бидат доведени под сомнение во однос на одредбите на кои се повикува подносителот на иницијативата. Имено, според Судот со водењето на самата евиденција и пропишувањето на тоа кои податоци ќе бидат внесени во евиденцијата, а во соработка со точно наведени органи од кои се бараат податоците, не се доведува во прашање остварувањето односно губењето на одредени права на лицата превозници во патниот сообраќај.

Во однос на оспорениот член 69-а од Законот за превоз во патниот сообраќај, Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов со Решение У.бр.46/2009 од 23 декември 2009 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.Подносителот на иницијативата Стамен Филипов и во овој предмет го оспорува наведениот член од истите причини.

Во образложението на решението, Судот изразил став дека оспорениот член треба да се гледа во корелација со член 69-ѓ од Законот, ова од причина што во овој случај не се предвидува правна последица од осуда што настапува по сила на законот, туку претставува услов за стекнување дозвола кој е предвиден не само во домашното право туку и во меѓународните документи кои ја обврзуваат Република Македонија.

Според Судот, оспорената законска одредба не е во несогласност со Уставот затоа што со неа јасно е утврден причинскиот однос на злоупотребата на дозволите и исклучувањето од распределбата на дозволите.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека исполенти се условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата да се отфрли за член 69-а ствовите 1 и 2 од Законот.

Во однос на членот 69-а став 3 од Законот, е утврдено дека е со променета содржина, при што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Ова од причина што променетата содржина не влијаеше Судот да го смени ставот,затоа што во конкретниов случај не се работи за правни последици од осуда , туку за услов поради кој превозникот е исклучен од распредебата на дозволи поради намерно прикривање, внесување или невнесување на потребните податоци во случаите на електронска апликација .

7. Судот, исто така, утврди дека според член 10 став 1 од Законот, превозникот поднесува барање за добивање на лиценца до Министерството за транспорт и врски или до градоначалникот на општината или до градоначалникот на градот Скопје со точно наведување на видот на превозот за кој сака да добие лиценца и писмени докази за исполнување на условите пропишани со овој закон.

Според член 37 став 6 од Законот, дозвола нема да се издаде ако превозникот не ги исполнува условите за нејзино издавање предвидени со овој закон, поблиските прописи донесени врз основа на овој закон и одредбите на меѓународните спогодби.

Според член 81 став 1 од Законот, Царинската управа на граничниот премин, односно на друго место каде што врши царински надзор проверува дали домашниот и странскиот превозник имаат дозвола и други исправи или документи пропишани со овој закон, други прописи (оспорен дел) и меѓународни договори и дали превозникот го врши превозот во согласност со тие документи.

Со измените на Законот, членот 81 став 1 е променет и тој гласи: ”Царинската управа,на граничниот премин, односно на друго место каде што се врши царинскиот надзор проверува дали домашниот и странскиот превозник имаат дозвола и други исправи и документи (патен налог или товарен лист или план за возење на возачите или извод од лиценца или сертификат за учество на возачите меѓународниот патен сообраќај и слично),пропишани со овој закон за вршење на соодветен вид на превози дали превозникот го врши превозот во согласност со тие документи.”

Според наводите од подносителот на иницијативата оспорените делови од наведените членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Оваа затоа што оспорениот дел на член 10 став 1 од Законот ја правел целата одредба непотполна, нејасна и непрецизна од причини што не се знаело на кои писмени докази за исполнување на условите пропишани со овој закон, се мисли. Ако, пак, евентуално овие докази се пропишании со некоја друга одредба од овој закон, тогаш немало потреба да постои оспорениот законски дел.

Од оспорените делови на членот 37 став 6 и членот 81 став 1 од Законот, исто така не можело да се заклучи на кои поблиски прописи донесени врз основа на овој закон се мислело, односно кои биле тие други прописи. Освен тоа со поблиските прописи донесени врз основа на овој закон не можело да се пропишува издавање на дозвола, туку тоа можело да се пропишува само со закон и меѓународни договори.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, e една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 8 од Законот кој исто така бил предмет на оцена пред Уставниот суд (У.бр.212/2009) се утврдени условите што треба да ги исполнува домашно правно или физичко лице за да добие лиценца, што подразбира дека при поднесување на барање за добивање на лиценца субјектот треба да достави писмени докази дека ги исполнува предвидените услови.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека оспорениот член 10 став 1 од Законот е нејасен, непрецизен и дека не е во согласност со наведените одреди од Уставот. Ова дотолку повеќе што подносителот на иницијативата, оспорениот член го гледа изолирано сам за себе, а не во корелација со другите одредби од Законот.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека оспорениот член 37 став 6 од Законот, во делот „поблиските прописи“ донесен врз основа на овој закон, не бил во согласност со наведените уставни одредби, исто така, Судот оцени дека се неосновани. Имено, според Судот подносителот и оваа одредба ја гледа изолирано, а не во корелација со другите одредби од Законот, односно во корелција со членовите од 36 до 42 од Законот, а кои се однесуваат на „меѓународен линиски превоз на патници“, како и во корелација со одредбите од членовите 24 до 35, а кои се однесуваат на меѓуопштински линиски превоз на патници.

Според Судот, оспорените делови имаат своја смисла и содржина и тие во суштина значат операционализација на одредбите од законот преку донесување на правилници или упатства како подзаконски акти. Имено, во насока на потврдување на ова становиште утврдено е дека Министерството за транспорт и врски врз основа на член 24-а став 10 од Законот за превоз во патниот сообраќај има донесено Правилник за начинот, постапката и поблиските услови за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници, издавање, продолжување и одземање на дозволата за одобрена линија, формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред (У.бр.46/2009 од 23 декември 2009 година).

Во врска со наводите од иницијативата со кои се оспорува член 81 од Законот и тоа во делот „други прописи“, Судот оцени дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли од причина што новата содржина на членот 81 став 1 не ја содржи оспорената формулација.

8. Судот, воедно утврди дека според член 12 став 5 од Законот, превозникот е должен по правосилноста на решението со кое му е одземена лиценцата, веднаш а најдоцна во рок од осум дена да ја врати лиценцата и сите изводи на органот што го издал.

Според член 16 став 2 од Законот, бришењето се врши со денот кога превозникот е бришан од Централниот регистар, со денот на престанок на важноста на лиценцата, односно со денот на правосилноста на решението со кое лиценцата е одземена.

Според член 32 став 2 втора реченица од Законот, по правосилноста на решението за одземањето на дозволата, возниот ред се брише од евиденцијата на регистрирани возни редови.

Според член 32 став 4 од Законот, Министерството за транспорт и врски е должно примерок од решението од ставот 2 на овој член да достави до Државниот инспекторат за транспорт најдоцна во рок од седум дена по правосилноста на решението.

Според член 57 став 3 од Законот, доколку е извршено категоризација на автобуската станица, ново барање од правното и физичкото лице кое управува со автобуската станица за повисока категорија не може да се поднесе пред истекот од 60 дена од правосилноста на решението за категоризација.

Според член 69-а став 2 алинеја 3 од Законот за злоупотреба на ЕКМТ дозволата од ставот 1 на овој член ќе се смета, ако превозникот не ја врати одземената ЕКМТ дозвола по правосилноста на решението со кое му била одземена.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените законски делови „правосилност“ се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Имено, според подносителот во сите наведени оспорени делови наместо „правосилноста“ требало да стои „конечноста“ што можело да се заклучи и од одредбата од член 86-а став 4 од Законот каде стоело: „Решението од став 2 на овој член е конечно и против него може да се заведе управен спор пред надлежен суд“.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според наводите во иницијативата, произлегува дека со иницијативата всушност се бара во оспорените делови од одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај да се направи измена на начин што наместо употребениот израз: правосилно или право-силност да се внесе содржина конечно или конечност.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, оспорените делови од одредби од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспоруваат одредбите поради нивната постојна содржина, туку поради содржина што ја немаат, произлегува дека подносителот на иницијативата бара оспорените делови да се изменат на начин како што тој смета дека е потребно, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата по однос на наведените делови од одредби.

9.Судот, понатаму, утврди дека според член 17-а став 4 од Законот, возачот на возилото не смее да качува или слегува патници и товар или истовара багаж надвор од автобуските станици или стојалишта кои се одредени со возниот ред.

Според член 99-б став 1 точка 1 од Законот, глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач на возило со кое се врши превоз на само место на прекршокот, ако: врши качување и слегување на патници и товарење и истоварување на багаж надвор од автобуските станици или стојалишта што не се одредени во возниот ред (17-а став 4).

Според член 34 од Законот, во меѓуопштинскиот линиски превоз на патници качување и слегување на патниците, односно товарење и истоварување на багаж, може да се врши само на автобуски станици и автобуски стојалишта што се внесени во дозволата и возниот ред за линијата. Во местото каде што постојат автобуски станици, превозникот кој има дозвола за вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници, качување и слегување на патници може да врши само на тие автобуски станици.

Според член 99 став 1 точка 12 од Законот, глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице трговец поединец, ако врши качување и слегување на патници односно товарење и истоварување на багаж, на автобуски станици и стојалишта што не се внесени во дозволата и возниот ред на линијата (член 34).

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби намале уставен основ затоа што биле престрого нормирани и без нужни исклучоци на кој начин се повредувале владеењето на правото и хуманизмот утврдени во член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 27 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 од Уставот. Според подносителот, отстапување или исклучување од оспорените одредби морало да има во итни случаи (болест, породување, посебни потреби на патникот).

Според член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1). Остварувањето на овие права може да се ограничат со закон, единствено во случаи кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (став 3).

Тргнувајќи од посочените уставни одредби, анализата на оспорените членови од Законот наспрема наводите во иницијативата
Судот смета дека истите се неосновани. Имено, оспорените членови 17-а став 3 и 34 од Законот се поместени во делот IV. „Превоз на патници“ од Законот со кои се уредуваат прашањата на вршење на општински и меѓуопштински линиски превоз на патници, при што за вршење на овие видови на превоз превозникот треба да поседува лиценца, дозвола и регистриран возен ред за определена линија.

При вршењето на дејноста превозникот е должен да врши качување и слегување на патници и истоварување на багаж на автобуските станици и автобуските стојалишта кои се означени во возниот ред.

Непочитувањето, односно непридржувањето на прево-зникот на законски предвидените обврски повлекува изрекување на казни од 200 евра за возач, односно од 1000 до 2000 евра за физичко лице или трговец поединец, утврдени во оспорениот член 99-б став 1 точка 1 и член 99 став 1 точка 12 од Законот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека непредви-дувањето од страна на законодавецот на можни исклучоци при вршењето на превоз на патници во општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз за застанување на возачот надвор од утврдените автобуски станици и стојалишта во возниот ред не ги прави оспорените одредби несогласни со Уставот. Ова од причина што непредвидувањето на нужните исклучоци, како болест, породување и друго не значи и неможност од застанување на превозникот и неовозможување на пружање на помош на патниците кои се наоѓаат во таква состојба. Според Судот, ваквите ситуации без оглед дали се предвидени или не во законските норми дозволуваат отстапување од нивното строго применување, за да не би се довеле во опасност животот и здравјето на луѓето.

Што се однесува до висината на казната предвидена во оспорените членови кои според подносителот се престроги, Судот оцени дека ова прашање спаѓа во сферата на казнената политика на законодавецот за што овој суд не е надлежен да одлучува.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

10. Според член 23 став 4 од Законот „согласност на спогодбата“ од ставот 2 на овој член дава министерот за транспорт и врски. Еден примерок од спогодбата на која е дадена согласност се задржува во Министерството за транспорт и врски (став 5).

Според став 6 на член 23 од Законот, доколку општините склучат спогодба, а за истата немаат добиено согласност од Министерството за транспорт и врски, истата нема правно дејство, односно е неважечка.

Според наводите на подносителот на иницијативата наведените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 9, член 51 ,член 115 став 2, Амандман XVI и XVII од Уставот на Република Македонија, затоа што општините биле самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со закон и во случајов, немало уставна основа за склучената спогодба на општините министерот да дава согласност.

Според член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Според Амандман XVI на Уставот со кој е заменет ставот 5 на член 114, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Согласно Амандман XVII на Уставот, со кој е заменет став 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите утврдени со овој Амандман, меѓу кои се и комуналните дејности.

Врз основа на овие уставни одредби донесен е Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002) кој во член 22 ја утврдува и листата на надлежностите на општината. Согласно член 22 став 1 точка 4 од наведениот закон, во надлежност на општината е и вршењето на комуналните дејности во рамките на кои и уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници.

Според член 14 став 1 од Законот за локалната самоуправа, во вршењето на своите надлежности, општините можат меѓусебно да соработуват. Заради остварување на заедничките интереси и вршење на заедничките работи од надлежност на општините, тие можат да здружуваат средства и да формираат заеднички јавни служби, во согласност со закон (став 2). Со цел за извршување на одделни надлежности, општините можат, исто така да формираат заеднички административни тела во одредени области, во согласност со закон (став 3).

Општините, меѓу другото, согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот, во областа на комуналните дејности се надлежни за уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници.

Според член 3 точка 18 од Законот за превоз во патниот сообраќај, меѓуопштински линиски превоз на патници е јавен превоз што се врши на линии меѓу две или повеќе општини, односно меѓу градот Скопје и определена општина.

Според членот 23 став 1 од Законот, една или повеќе општини со седиште во село со општина со седиште во град утврдени со закон кон која гравитираат, можат заеднички да го организираат вршењето на линискиот превоз на патници, со обврска да го запазат временскиот интервал на станиците од делот на заедничката траса на одобрените возни редови за меѓуопштински линиски превоз при склучување на спогодбата.

Начинот и условите за заедничко организирање на извршувањето на линискиот превоз на патници од ставот 1 на овој член општините го утврдуваат со спогодба (став 2).

Спогодбата од ставот 2 на овој член особено содржи: единствена мрежа на линии; единствен возен ред, начин на негово истакнување, одржување и менување; локација на автобуски стојалишта, нивно обележување, опремување, одржување и користење; тарифен систем и систем на наплата и критериуми и начин за издавање и одземање на дозволата за вршење на превозот и распределување на возните редови утврдени во единствената мрежа на линии на превозниците од општините кои се согласиле заеднички да го организираат линискиот прревоз на патници на нивните подрачја (став 3).

Согласност на спогодбата од ставот 2 на овој член дава министерот за транспорт и врски (став 4).

Еден примерок од спогодбата на која е дадена согласност со задржува во Министерството за транспорт и врски (став 5).

Доколку општините склучат спогодба, а за истата немаат добиено согласност од министерот за транспорт и врски, истата нема правно дејство, односно е неважечка (став 6).

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби произлегува дека на општините во рамките на меѓусебната соработка им е дадена законска можност заеднички по пат на спогодба, да го организираат вршењето на линискиот превоз на патници, при што на таквата спогодба согласност дава министерот за транспорт и врски, без чија согласност спогодбата нема правно дејство.

Имајќи ја предвид положбата на локалната самоуправа утврдена со Уставот како и фактот што Законот за превоз во патниот сообраќај прецизно го дефинирал овластувањето на министерот за транспорт и врски при давањето на согласноста на спогодба за заедничко вршење на комунална дејност-превоз во патниот сообраќај, не може да се прифати наводот од иницијативата дека на овој начин се доведувала во прашање уставната поставеност на едницата на локалната самоуправа која согласно Уставот законски е детерминирана.

Според тоа, давањето на согласност на спогодбата од страна на министерот за транспорт и врски, треба да се свати како учество на државен орган во создавање на актот за кој се дава согласност, односно инструмент со кој се потврдува дека спогодбата е донесена согласно Законот за превоз во патниот сообраќај.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

11. Според член 57 став 3 од Законот, висината на надоместокот за користење на услугите на атобуската станица ја определува Владата на Република Македонија во зависност од категоријата на станицата и видот на превозот (меѓуопштински линиски и слободен превоз на патници и меѓународен линиски и слободен превоз на патници).

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 4. Ова од причина што во целината на Законот недостасувале критеруми врз основа на кои Владата би ја определила висината на надоместокот за користење на услугите..

Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 68 став 1 алинеите 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 3 точка 26 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој е определено значењето на одделни изрази кои се употребуваат во Законот, е предвидено дека автобуска станица е простор одреден за прием и испраќање на автобуси и патници кој треба да има покриени перони, уреди за безбедно влегување и излегување на патниците, простор за задржување на патници и за возниот персонал, за чување на багажот, санитарии, сообраќајно биро и со посебни прописи утврдена опрема.

Во членовите 56 до 61 од Законот, се уредени прашањата за тоа дека правното или физичко лице кое управува со автобуската станица е должно да дава услуги под еднакви услови за сите превозници кои вршат линиски превоз, а за користење на услугите превозниците плаќаат надоместок.

Висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици ја определува Владата во зависност од категоризацијата на автобуските станици. Според став 4 на член 57 од Законот, автобуските станици се категориизираат во 1, 2, 3 и 4 категорија.

Категоризацијата на автобуската станица ја определува Министерството за транспорт и врски во зависност од нивната опременост, сообраќајната површина, наменети за прием и отпремување на автобусите, работното време, паркинг просторот и други содржини.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите кои се однесуваат на автобуската станица, а посебно на оспорениот член 57 став 3, наспрема наводите од иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани. Имено, според Судот оспорената одредба не може да се гледа изолирано само за себе како што тоа го прави подносителот на иницијативата, туку во корелација со други одредби со кои е уредено прашањето дека Законот извршил категоризација на автобуски станици, дека таа категоризација зависи од повеќе елементи утврдени во Законот кои елементи во суштина се од техничка природа.

Судот оцени дека со даденото овластување на Владата да ја определи висината на надоместокот кој треба да го плаќаат превозници за користење на услуги на автобуски станици е во насока на операционализација на законските норми и дека со една ваква одредба од Законот не се доведува во прашање начелото на поделба на власта на законодава, извршна и судска како што тврди подносителот на иницијативата.

12. Во членот 89 став 1 алинеја 1 од Законот е предвидено дека државниот инспектор за патен сообраќај има право да донесе решение за исклучување на возилото од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола доколку се врши превоз пред впишување на дејноста во Централниот регистар или доколку превозникот нема лиценца за вршење на соодветен вид на превоз предвидено со овој закон.

Во оспорениот член 89 став 10 од Законот, било предвидено дека: „одземање на сообраќајната дозвола после вториот пат од ставот 1 алинеја 1 на овој член државниот инспектор донесува решение со кое го одзема возилото.

Во оспорениот став 11 од наведениот член било предвидено дека „постапката за одземање на возилото ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Во оспорениот член 90 став 5 од Законот, било предвидено дека: „Доколку сообраќајната дозвола од ставот 1 алинеја 1 на овој член е одземено по втор пат инспекторите за патен сообраќај ќе донесат решение за одземање на возилото“.

Во оспорениот член 96 став 2 од Законот е предвидено дека „За прекршокот од ставот 1 точки 1 и 2 на овој член покрај глобата на сторителот ќе му се изрече и посебна прекршочна мерка одземање на возило со кое се врши превозот“.

Во членот 99-в од Законот, е предвидено дека за прекршоците од членовите 96, 97, 98, 99 и 99-а на овој закон, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд односно пред прекршочниот орган инспекторот од член 87 ќе спроведе постапка за порамнување.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредувале основните темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и тоа: владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста, член 30, член 51 и 54 став 1 од Уставот. Ова затоа што постапката за одземање на возило не можело да се пропишува со акт на министерот, туку само со Уставот, имајќи предвид дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, освен тоа предвидените санкции можел да ги изрекува само надлежен суд во соодветна судска постапка, а не инспектор и истите биле претерано строги и не биле сразмерни, не биле пропорционални и со нив се повредувало загарантираното право на сопственост.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“бр.83/2010), односно со член 23 оспорените ставови 10 и 11 од членот 89 се бришани, а со членот 24 оспорениот став 5 на член 90 е избришан или поточно речено оспорените членови не се во правниот поредок.

Со оглед на наведената фактичка состојба Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 од Деловникот на Уставниот суд за оспорените членови 89 ставовите 10 и 11 и член 90 став 5 од Законот иницијативата да се отфрли.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека со оспорениот член 96 став 2 од Законот се повредувало правото на сопственост и достоинство со оглед на фактот на прекршочните санкции биле претерано строги, несразмерни и непропорционални, Судот оцени дека истите се неосновани.

Со Амандман XX од Уставот со кој се дополнува член 13 од Уставот, се предвидува дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не било предвидена казна.

Во Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 69/2006-исправка) односно во членовите 1, 3, 5, 13, 14 и 15 се уредува материјата која се однесува на општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции и општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, при што согласно начелото на законитост, прекршокот е противправно дело кое со Закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е предвидено прекршочна санкција.

Во членот 41 од наведениот закон поместен во Главата VII “Посебни прекршочни мерки“како посебни мерки се предвидени конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети,при што согласно ставовите 3 и 4 од наведениот член прекршочниот орган од посебните прекршочни мерки може да ја примени само мерка одземање на предмети, а за одземањето на предмети соодветно се применува одредбата од условите за одземање на предмети од членот 100-а од Кривичниот закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за прекршоците како и содржината на оспорениот член според кој покрај глобата на сторителот на прекршокот од став 1 точки 1 и 2 на член 96 од Законот за превоз во патниот сообраќај може да му се изрече и посебна прекршочна санкција одземање на возилото со кое се врши превоз во патниот сообраќај и тоа во постапка пред надлежен суд или прекршочен орган со примена на одредбите од Кривичниот законик, Судот оцени дека оспореното законско решение ја одразува уставната определба за законската определеност на казнивите дела и казните, како израз на начелото на законитост поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во однос на наводите од иницијативата дека пропишаните казни биле несразмерни и претерано строги, Судот оцени дека пропишувањето на казните и висината на казните е прашање на законодавната казнена политика на државата, што не е прашање за кое е надлежен Уставниот суд.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на членот 96 став 2 решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.273/2009
15 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски