119/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 15 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 10 од Спогодбата за уредување на меѓусебните односи во врска со Комисијата за возачи, склучена помеѓу ЈЗУ Здравствен дом „Гевгелија“, Гевгелија, ЈЗУ Општа болница „Гевгелија“, Гевгелија и ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“, Негорци-Гевгелија на ден 6 февруари 2006 година.

2. Јавната здравствена установа Психијатриска болница „Негорци“ од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на член 10 од Спогодбата, означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека ЈЗУ Медицински центар-Гевгелија бил поделен на три посебни субјекти, кои при поделбата, меѓусебните правни односи ги уредиле со повеќе спогодби, меѓу кои и со Спогодбата за уредување на меѓусебните односи во врска со Комисијата за возачи. Во членот 10 од Спогодбата било предвидено дека, спогодбата се склучува на неопре-делено време и истата може да се раскине врз основа на барање на една страна учесник во спогодбата. Ваквата формулација на членот 10 од Спогодбата не била во согласност со членот 4 од Законот за облигационите односи кој ја гарантирал рамноправноста на сите учесници во облигационите односи. Имено, користејќи ја дадената можност од оспорениот член 10 од Спогодбата, Општата болница „Гевгелија“ го известила подносителот на иницијативата дека повеќе нема да им требаат услугите од невропсихијатријата на ЈЗУ Психија-триска болница „Негорци“, бидејќи сега и тие располагале со лекарски тим специјалисти психијатри и невропсихијатри кои биле стручни за вршење на тој дел од лекарскиот преглед на Комисијата за возачи, на кој начин, е искористена „смислената“ нерамноправност на оспоре-ната одредба и спогодбата била еднострано раскината.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 10 од Спогодбата, оваа спогодба се склучува на неопределено време и истата може да се раскине врз основа на барање на една страна учесник во спогодбата.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Судот, врз основа на приложената документација утврди дека од процесот на трансформација на ЈЗУ Медицински центар-Гевгелија произлегле три посебни правни субјекти, кои меѓусебните односи ги уредиле со поголем број на спогодби, меѓу кои и Спогодбата за уредување на меѓусебните односи во врска со Комисијата за возачи.

Поаѓајќи од карактерот на спогодбата, како акт со кој се уредуваат меѓусебните односи на договорните страни, произлегува дека истата претставува конкретен акт кој има правно дејство само за субјектите кои ја склучиле истата, а не и за неограничен број на субјекти и како таква не подлежи на уставно-судска оцена. Со оглед на тоа што спогодбата не е пропис кој е подобен за уставно-судска оцена произлегува дека и оспорениот член 10 од истата не може да имаат карактер на одредба која уредува односи за неограчен број субјекти.

Имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одредба, како составен дел на предметната спогодба, Судот, оцени дека не е надлежен да оценува нејзината законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски