Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 15 септември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делови од членот 4 ставови 1 до 4 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата го цитира членот 4 ставови 1 до 4 од Методологијата, ги означува оспорените делови и наведува дека истите немале основ во Уставот на Република Македонија и Законот за даноците на имот. Потоа ги цитира членот 33 и 68 ставовите 1 алинеја 3 од Уставот, како и член 2 точка 7 и член 5 ставови 1, 3 и 4 од Законот за даноците на имот и наведува дека врз основа на цитираните уставни и законски одредби можело да се заклучи дека Владата на Република Македонија била овластена само да ја пропише методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, што значело дека оспорените делови биле донесени без уставно и законско овластување. Според тоа, со оспорените делови од членот 4 ставови 1, 2, 3 и 4 од Методологијата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 33, член 51, член 88 став 1 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот и Законот за даноците на имот.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 4 став 1 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, функционалната површина на еден стан во колективни станбени згради се пресметува како збир на подните корисни површини меѓу внатрешните ѕидови на собите и ходниците зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите и 30% од површината на подрумот.
Функционалната површина на еден стан во колективна станбена зграда кој се наоѓа на поткровје преставува збир на подните корисни површини меѓу внатрешните ѕидови на собите и ходниците, зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите, 75% од површината на лоѓиите, и 30% од површината на подрумот (став 2).
Функционалната површина на индивидуална станбена зграда (куќа) се пресметува како збир на подните корисни површини меѓу внатрешните ѕидови на собите, ходниците и другите простории, зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите (став 3).
Функционалната површина на еден стан во индивидуална станбена зграда (куќа) кој се наоѓа на поткровје преставува збир на подните корисни површини меѓу внатрешните ѕидови на собите и ходниците, зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите (став 4).
Член 4 став 1 од Методологија се оспорува во делот: „зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите и 30% од површината на подрумот“, став 2 во делот: „ зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите, 75% од површината на лоѓиите, и 30% од површината на подрумот“, став 3 во делот: „зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите, 75% од површината на лоѓиите“ и став 4 во делот: „зголемено за 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите“.
4. Уставниот суд на Република Македонија, исто така утврди дека по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, во постапката по предметот У.бр.104/2007, оценувајќи ја, меѓу другото, уставноста на член 5 став 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004 и 92/2007) со решение У.бр.104/2007 од 14 ноември 2007 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.
Во наведената постапка Судот тргнал од анализата на уставни и законски одредби на кои се повикува и сега поднесената иницијатива. Имено, според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.
Со Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007 и 102/ 2008) се уредува начинот на оданочувањето на следниве видови даноци на имот: данок на имот; данок на наследст-во и подарок и данок на промет на недвижности.
Во главата 1. Данок на имот (член 3 до член 9 од Законот), се утврдува кој се јавува како даночен обврзник на данок на имот, се утврдува даночната основа, даночните стапки, се определува моментот на настану-вање на даночната обврска и се утврдуваат даночните ослободувања и олеснувања. Така, според член 3 од Законот, данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок според овој закон.
Според член 5 став 1 од Законот, основа на данок на имот претставува пазарната вредност на недвиж-ниот имот. Дефиницијата на поимот-пазарна вредност на недвижен имот за потребите на овој закон е утврдена во член 2 точка 7 од Законот, така што под овој поим се подразбира вредноста на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска. Пазарната вредност на недвижниот имот, согласно ставот 3 на членот 5 од Законот, се утврдува според Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот. Согласно став 4 на овој член, Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот ја пропишува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии.
Согласно ставот 2 на членот 5 од Законот, за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје формираат комисија. Контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од страна на оваа комисија, согласно став 5 на истиот член, врши Министерството за финансии.
Според членот 7 од Законот, даночна обврска за данокот на имот настанува со денот на стекнувањето на имотот, издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот на отпочнување на користењето на имотот на обврзникот на данокот.
Во Законот, понатаму, се утврдува дека пазарната вредност на наследениот, односно на подарок приме-ниот имот, претставува основа на данокот на наследство и подарок ( член 13 од Законот). И оваа пазарна вредност се утврдува според Методологијата од член 5 став 4 на овој закон (член 14).
Согласно член 21 од Законот, основа на данокот на промет на недвижности е пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанување на обврската и истата се утврдува според Методологијата од членот 5 став 4 на овој закон.
Од анализата на наведените уставни одредби, според Судот произлегло дека уставно право е на законодавецот, со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, при што треба да ги утврди нивните битни елементи (обврзник, основица, стапка, олеснување и ослободување), со што ќе се овозможи даночната обврска да биде утврдена јасно и разбирливо за даночниот обврзник.
Во оваа смисла е донесен Законот за даноците на имот, со кој законодавецот како даноци на имот ги определил данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности, како и ги уредил прашањата во врска со начинот на оданочувањето, како што се предметот на оданочувањето, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, начинот на утврдување и наплатата, регистарот на недвижен и подвижен имот, одлагањето на извршувањето, постапката и начинот за обезбедување на плаќање на даночен долг, односно даночна обврска, присилната наплата и друго.
Како даночна основа за пресметка на даноците на имот, законодавецот ја определил пазарната вредност на недвижноста, односно пазарната вредност на наследениот, односно на подарок примениот имот. Притоа, определил дека пазарната вредност на недвижниот имот ќе се определува според Методологија која, на предлог на министерот за финансии, ќе ја пропише Владата на Република Македонија, а кое овластување се оспорувало со тогаш поднесената иницијатива.
Разгледувајќи го оспорениот член 5 став 4 од Законот за даноците на имот, Судот не повел постапка за оценување на неговата уставност, бидејќи оценил дека законската одредба во контекст на наведените и другите одредби на Законот за даноците на имот не го повредува принципот на владеењето на правото и поделба на власта на законодавна, извршна и судска, како што се наведувало во иницијативата. Ова од причина што Судот застанал на гледиште дека данокот на имот, како јавна давачка, е утврден со закон, а со закон е утврдена и даночната основа-пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанување на даночната обврска, како еден од битните елементи при воведување на јавна давачка, од што произлегло дека даночната обврска е утврдена јасно и разбирливо за даночниот обврзник.
При ваква состојба, пропишувањето на Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од страна на Владата, според гледиштето на Судот е во функција на операционализација на Законот, односно значи разработување и конкретизација на даночната основа утврдена со член 5 став 1, член 13 и член 21 став 1 од Законот, заради нејзина примена. Ова особено затоа што од наведените уставни и законски одредби произлегло дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт, и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Имајќи го предвид значењето на остварувањето на данокот и другите јавни давачки за функционирањето на државата, од една страна, како и местото и улогата на Владата во организацијата на државната власт, од друга страна, Судот оценил дека овластувањето на Владата, да ја пропише методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, има своја уставна основа во членовите 33 и 91 од Уставот и не значи навлегување на извршната во законодавната власт.
Поради наведеното, Судот ги оценил како неосновани наводите во иницијативата на Стамен Филипов дека оспорениот член 5 став 4 од Законот бил спротивен на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеите 2 и 3 и член 91 алините 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.
Покрај фактот што на Стамен Филипов од Скопје му се познати горе изнесените гледишта на Судот за постоење на уставно и законско овластување за Владата на Република Македонија да ја пропише методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, тој повторно во предметната иницијатива го покренува истото прашање, но сега преку оспорување на делови од членот 4 од Методологијата.
Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот (“Службен весник на Репуб-лика Македонија“ бр.50/2005, 40/2010 и 46/2010), донесена од Владата на Република Македонија, како целина, не вклучувајќи ги измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2010 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2010) во три наврата (еднаш и по повод иницијативи на Стамен Филипов во предметот У.бр.128/2008) била предмет на оцена пред Уставниот суд.
– Во постапката по предметот У.бр.248/2007 Судот со Решение под истиот број од 26 декември 2007 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004 и 92/2007) и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005).
Според Уставниот суд, со Законот за даноците на имот и со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, не се регулира повратно дејство на одредбите со кои се уредува предметната материја, а методот на пресметување на даночната основица што е утврден со наведениот Закон и операцио-нализиран со Методологијата, претставува пазарната вредност на недвижниот имот во моментот кога таа се пресметува само во време на настанувањето на даночната обврска.
Поаѓајќи од изнесената уставно судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените Закон и Методологија со Уставот, од аспект на членот 52 став 4 од Уставот, а со тоа и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно не може од овој аспект уставно да се проблематизираат, бидејќи не регулираат повратно дејство на нормите, а со тоа не се повредува и принципот на владеењето на правото.
Врз основа на донесеното Решение У.бр.248/2007 од 26 декември 2007 година Судот, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот ги отфрлал подоцнежните иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Методологијата, поради постоење на пресудена работа.
– Со Решение У.бр.128/2008 од 3 декември 2008 година, врз основа на наведената деловничка одредба Судот ги отфрлил иницијативите на Стамен Филиов од Скопје за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Методологијата.
Според наводите од прво поднесената иницијатива, Методологијата не била во согласност со членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот и со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 88 од Уставот. Со втората иницијатива се оспорувале одредбите од член 5 став 2, член 6 ставови 2, 3 и 4, член 7, член 17 став 2 и член 19 став 2 од Методологијата и без образложение, се наведувало дека прашањата кои биле уредени со неа можеле да се уредуваат само со закон, а не со подзаконски акт, но за оваа констатација на подносителот во иницијативата не дал аргументи, односно причини за оспорување.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на оспорената Методологија и немало основ, по повод таа иницијатива за поинакво одлучување, а во однос на водењето на постапката за нејзино донесување од страна на Владата на Република Македонија оценил дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената Методологија, како и поради тоа што подносителот во една од иницијативите само набројал одредени одредби од Методологијата како неуставни и незаконити без аргументи и образложение во што посебно се состоело нивното проблематизирање со Уставот и закон, Судот оценил дека се исполнети условите за отфрлање на иници-јативите.
– Со Решение У.бр.258/2008 од 18 февруари 2009 година, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, Судот ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 92/2007 и 102/2008) и уставноста и законитоста на Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005), донесена од Владата на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното произлегува дека Судот во повеќе наврати се произнел за уставноста и законитоста на основниот текст на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот. Членот 4 од Методологијата во време на нејзината оцена пред Судот гласел:
“Функционалната површина на еден стан се пресметува како збир на подните површини меѓу внатрешните ѕидови на собите и ходниците како и 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите и 75% од површината на лоѓиите.
Функционалната површина на индивидуална станбена зграда (куќа) се пресметува како збир на подните површини меѓу внатрешните ѕидови на собите, ходниците и другите простории, како и 25% од површината на терасите, 50% од површината на балконите, 75% од површината на лоѓиите, 30% од површината на подрумот и 70% од површината на подкровјето на кое парапетниот (надворешен) ѕид е повисок од 1,20 метри.
Функционалната површина се определува според соодветна документација, а ако таква не постои со мерење.“
Со член 1 од Методологијата за изменување и дополнување на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2010), која влегла во сила на 25 март 2010 година, изменет е членот 4 од Методологијата и сметано од тој датум ја има содржината која е предмет на оцена во оваа постапка.
Споредувајќи ја актуелната содржина на член 4 од Методологијата (заедно со оспорените делови), со поранешната содржина на членот 4 од Методологијата која била предмет на оцена пред Уставниот суд, произлегува дека истата во суштина не претрпела промени ниту по однос на оспорените делови, ниту по однос на прашањето што сега се покренува со иницијативата. Исто така, промени не се направени ниту по однос на уставните и законски одредби на кои се темелат донесените решенија на Судот.
Оттаму, Судот, во постапките по предметите У.бр. 104/2007, У.бр.248/2007, У.бр.128/2008 и У.бр.258/2008 се произнел за прашањата што се покренуваат со предметната иницијатива, но само од причини што Методологијата, во меѓувреме претрпела измени и дополнувања, кои не биле предмет на оцена пред овој суд, постојат деловнички пречки оваа иницијатива да биде отфрлена заради постоење на пресудена работа, иако за суштината на прашањата што се покренуваат со оваа иницијатива Судот веќе се произнел.
Тргнувајќи од напред наведеното Судот оцени дека оспорените делови од Методологијата, што се оцена на овој предмет, се во согласност со одредбите од Уставот и Законот за даноците на имотот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.78/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски