Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 98 став 12 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007, 147/2008-исправка и 161/2009).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.254/2009 од 23 јуни 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 98 став 12 на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, членовите на комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците.
5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон. Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај се уредуваат условите и начинот на вршење на превоз на опасни материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај, условите кои треба да ги исполнуват амбалажата и превозните средства, должностите на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, назначување на советник за безбедност, оспособување на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, надлежностите на државните органи и надзор над спроведување на законот (член 1).
Согласно член 85 став 1 од овој закон, инспекцискиот надзор над извршувањето на овој закон, на прописите донесени врз основа на овој закон и на прописите наведени во членот 3 на овој закон, го врши Државниот инспекторат за транспорт преку државните инспектори за патен и железнички сообраќај и овластените службени лица од Министерството за внатрешни работи.
Според член 98 став 1 од истиот закон, за прекршоците од членовите 94, 95, 96 и 97 на овој закон, инспекторот на Државниот инспекторат за транспорт, овластеното службено лице од Министерството за внатрешни работи и инспекторот од Дирекцијата за радијациона сигурност можат на сторителот на прекршокот да му предложат посредување и постигнување на согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги отстрани последиците од прекршокот. Согласно став 4 на овој член, постапка за посредување се води пред комисија за посредување формирана од министерот за транспорт и врски. Комисијата е составена од три члена од кои еден ја врши функцијата на претседател. Според став 5 на овој член, членовите на комисијата се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за транспорт и врски, од кои еден е дипломиран правник. Согласно став 11 на истиот член, министерот за транспорт и врски донесува деловник и трошковник за работа на комисијата. Според став 12 на овој член, членовите на комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците.
Со иницијативата се оспорува јасноста и прецизноста на член 98 став 12 од Законот, во делот кој се однесува на висината на наградата на членовите на комисијата за посредување, односно во делот: „која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците“, а не се оспорува правото на награда на членовите на оваа комисија. Меѓутоа, имајќи предвид дека со Законот се утврдува право на награда на членовите на комисијата за посредување, кои се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за транспорт и врски, пред Судот се постави прашањето дали работата на оваа комисија е во рамките на редовната управна функција на Министерството за транспорт и врски, односно дали работата во Комисијата за посредување може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници во овој орган или пак тоа претставува нивна работна обврска согласно со Амандманот XX на Уставот, за чие што извршување тие добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Ова особено имајќи предвид дека Судот, со својата Одлука У.бр. 20/2009, ги укина член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009), (според член 266-б став 8 на овој закон, членовите на Прекршочната комисијата имале право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот, а според член 266-г став 12 од Законот, членовите на Комисијата за посредување имале право на награда за својата работа во комисијата што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот), затоа што оцени дека дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Според образложението на Одлуката, за Судот било спорно прашањето дали воопшто во Законот треба да биде предвидена награда на државните службеници членови на овие комисии. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука, произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност. Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на државните службеници во Комисијата за прекршоци, осносно во Комисијата за посредување не може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Според оценката на Судот, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.
Според Судот, и работата во комисијата за посредување согласно Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, претставува управна функција на Министерството за транспорт и врски која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност, поради што членувањето на државните службеници во оваа комисија не може да се смета за дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска, за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда.
Судот оцени дека дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот, поради што утврди дека целината на член 98 став 12 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова затоа што доколку нема основ за исплата на награда за работа во комисијата за посредување, ирелевантни се одредбите за висината на таквата награда и тие самостојно не би можеле да опстојат во правниот поредок.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.254/2009
15 септември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски