25/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јули 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 4 и член 93 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македо- нија„ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009 и 35/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 93 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3.Ванчо Муратовски претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија – УПОЗ Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапката за оценување на уставноста на член 7 став 6 и член 131 од пречистениот текст на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2005, а во суштина се работи за оспорување на член 6 став 4 и член 93 од основниот текст на Законот за државните службеници со сите измени и дополнувања.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорениот член 6 став 4 од Законот не бил во соглансност со членовите 9, 23, 25, 51 и 54 од Уставот на Република Македонија, ова затоа што со него се нанесувало штета на општествената положба, достоинството и угледот на лицата државни службеници со више образование, бидејќи образованието стекнато во образовните институции не можело со закон да се менува и вишото образование да се изедначува со средното образование, ниту пак со пари во вид на бодови да се надоместува.

Понатаму,според подносителот на иницијативата, ако во образовниот систем граѓаните под еднакви услови се стекнувале со високо, вишо и средно образование, тогаш така требало да се класифицираат и државните службеници , а не државните службеници со вишо образование да се изедначувале со државните службеници со средно образование.

Највисокото звање и на државни службеници со вишо образование и на државните службеници со средно образование бил „самостоен референт„ со што видно било изедначена нивната положба без да се води сметка за објективната разлика меѓу нив.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 93 (131) од Законот, не бил во согласност со Уставот, затоа што со него се овозможувало само одреден број, а не сите државни службеници, за одреден период да го задржат повисокиот општествен статус,на кој начин се повредувало начелото на еднаквост.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 7 став 1 од пречистениот текст на Законот за државни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2005) на кој се повикува подносителот на иницијативата, државните службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат се класифицирани во групи и звања: I. раководни државни службеници, II. стручни државни службеници и III. стручно-административни државни службеници.

Во ставот 6 од наведениот член од Законот е предвидено дека државните службеници од I и II група имаат високо образование, а државните службеници од III група имаат више или средно образование.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија„ бр.114/2009) извршена е измена на членот 6 од Законот.
Во ставот 1 на овој член е предвидено дека: „Во државната служба, во зависност од видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи се утврдуваат 13 звања систематизирани во групи. I раководни, II стручни и III стручно административни.

Во ставот 2 на член 6 се утврдени видовите на раководните звања, степенот на образование (високо) со вградување на кредит трансфер системот и работното искуство.

Во ставот 3 на член 6 се утврдени видовите на стручни звања, степенот на образование (високо) со вклучување на кредит трансфер системот и работно искуство.

Во оспорениот став 4 на членот 6 од Законот предвидени се следните стручно-административни звања:

– самостоен референт со завршено више или средно образование и најмалку три години работно искуство во струката
– виш референт со завршено више или средно образование и најмалку две години работно искуство во струката
– референт со завршено више или средно образование и најмалку една година работно искуство во струката и
– помлад референт со завршено више или средно образование и без работно искуство.

5.Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во член 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за државните службеници се уредува опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници,системот на плати и надоместоци на плата на државните службеници како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници.

Решенијата содржани во овој закон имаат системски карактер поради што правата по основ на работен однос во државен орган, произлегуваат од видот и карактерот на работите што ги вршат.

Согласно членот 6 од Законот за државните службеници, тие во зависност од работните задачи кои ги извршуваат се класифицираат во три групи. Во I и II група на државни службеници односно раководни државни службеници и стручни државни службеници како услов за стекнување на едно од звањата во I и II група е предвидено VII/1 степен – високо образование или 240 односно 300 бода според ЕКТС (европскиот кредит трансфер систем) усвоен со Болоњската декларација, а во III група се утврдени стручно административните звања.

Во оспорениот став 4 на член 6 од Законот, за стручно административни звања, самостоен референт, виш референт, референт и помлад референт, како услов за стекнување со некое од наведени звања е кандидатот да има вишо или средно образование и одредено искуство или без искуство за помлад референт.

Понатаму, во член 35 од Законот, а кој се однесува на основната компонента на платата која се исплатува на државниот службеник, се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое е распореден државниот службеник, и тоа за државен службеник со вишо образование 150 бода, а за државен службеник со средно образование 100 бода.

Во членот, пак, 36 од Законот, е извршено вреднување на секое звање во зависност од видот и обемот на работа, сложеноста и одговорноста.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, анализата на Законот за државните службеници, а посебно на оспорениот член 6 став 4 од Законот, кој секако треба да се гледа во корелација со членовите 35 и 36 од Законот, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Имено, според Судот, целта на законодавецот во никој случај не била да ја доведе во прашање општествената положба на државните службеници со вишо образование, ниту да ја доведе во прашање нивната чест и углед во општеството, ниту пак да го изедначи вишото со средното образование.

Законодавецот токму во оваа смисла, утврдил различни бодови по основ на образование за државните службеници со вишо и со средно образование. Иако законодавецот утврдил дека стручно административните звања самостоен референт, виш референт, референт и помлад референт можат да ги стекнат лица со завршено вишо или средно образование, во секој случај определил дека државниот службеник со вишо образование, кој има едно од претходно наведените звања, независно на кое работно место е распореден, ќе биде вреднуван соодветно на својот степен на образование, односно со 150 бода, што го разликува од државниот службеник со средно образование.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 став 4 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 93 од Законот (кој подносителот го означува како член 131 од пречистениот текст) „државниот службеник кој на денот на влегување во сила на овој закон е распспореден на работно место за кое не ги исполнува пропишаните услови по однос на степенот на образование бидејќи има понизок степен на образование од пропишаниот во актот за систематизација на работните места го задржува распоредувањето на работното место за кое е пропишано повисок степен на образование и плата, ако на денот на влегувањето во сила на овој закон има уште пет години до остварување на правото на старосна пензија според прописите за пензиското и инвалидското осигурување„.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за солгасноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.35/2001 од 30 мај 2001 година, ја оценувал уставноста на членот 93 од Законот за државните службеници, при што не изразил сомнение во однос на неговата согласност со Уставот, а по повод на оваа иницијатива не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполенти условите за нејзино отфрлање.

Воедно, поаѓајќи од фактот што оспорениот член 93 од Законот се наоѓа во делот на преодните и завршните одредби од Законот и ги опфаќа лицата кои во моментот на стапување во сила на Законот не ги исполнувале условите во поглед на степенот на образование да можат да останат на работните места за кои бил пропишан повисок степен на образование и тоа доколку имаат уште пет години до остварување на правото на пензија, Судот оцени дека тој имал примена само за одреден временски период, односно се исцрпела неговата примена и тој повеќе не преставува правна основа за создавање на нови права и обврски,поради што не постојат ниту процесни претпоставки за оценување на неговата согласност со Уставот.

7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова ешение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението во однос на точката 1 Судот го донесе со мнозинство, а во однос на точката 2 едногласно.

У.бр.25/2105
7 јули 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски