79/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 3 и и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 16 од Одлуката за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема, број 07-84/2 од 9 март 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр..6/2010) и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема, број 07-94/4 од 16 март 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.7/2010), донесени од Советот на општина Аеродром.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба која е во делот на преодните и завршни одредби од Одлуката, донесена на 9 март 2010 година, било утврдено дека правните лица, трговците поединци и физичките лица што имале поставено урбана опрема, се должни да го усогласат своето работење со одредбите на оваа одлука во рок од еден месец од денот на нејзиното влегување во сила. Доколку во рокот од ставот 1 на овој член лицата не добијат одобрение за поставување на урбана опрема, должни биле јавната површина што ја користеле веднаш да ја ослободат од поставената урбана опрема, а во спротивно ќе била отстранета на нивен трошок.

Во иницијативата се приговара дека рокот од еден месец предвиден во оспорената одредба од Одлуката, бил многу краток и нереален за да се извршело усогласувањето, поради што ќе се предизвикале непотребни трошоци од отстранувањето на опремата и тоа без спроведена постапка и без право на жалба, согласно членот 14 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 у 110/2008). Од овие причини оспорената одредба од Одлуката не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 51 и Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија, членот 14 од Законот за општата управна постапка и Законот за градење. Воедно со иницијативата се бара Судот да донесе решение за времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром донел Одлука за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одорение за поставување на урбана опрема, број 07-152/4 од 26 април 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2010), во која со членот 17 утврдил дека: „Со денот на влегување во сила на оваа одлука, престануваат да важат Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема, број 07-84/2 од 9 март 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.6/2010) и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на потреба за поставувње на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема број 07-94/4 од 16 март 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.7/2010)“.

Оваа Одлука влегла во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“, односно на 26 април 2010 година.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на изнесеното, а имајќи ја во предвид изнесената правна и фактичка состојба според која оспорените одлуки не се во правниот поредок, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување на Судот, согласно цитираната деловничка одредба.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски