Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 30 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 79 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 79 од Законот за општата управна постапка, означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била преопшта, нејасна, непотполна, неконкретна и во практика неспроведлива, односно збунувачка, бидејќи не било јасно што се подразбира од текстот: „во натамошниот тек на постапката да се грижат за непречен и ефикасен тек на управната постапка “, а при состојба кога согласно членовите 126, 127, 128 и 129 од Законот надлежниот орган по службена должност водел сметка за непречен и ефикасен тек на управната постапка. Исто така, не било јасно што се подразбира под поимот: „органот нема натамошна обврска да комуницира со странката, ниту пак одговара за негативните последици кои можат да настанат за странката“. Воедно вакавата формулација била во спротивност со член 11 и член 18 од Законот кои ги уредувале начелото на одговорност и помошта на неука странка. Според наведното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 3 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 79 став 1 од Законот за општата управна постапка, еднаш воспоставената уредна достава, ги обврзува странките тие самите, во натамошниот тек на постапката да се грижат за непречен и ефикасен тек на управната постапка. Според ставот 2 од оспорениот член 79 од Законот, доколку странката со уредно воспоставена достава е поканета или известена за одредено дејствие, решение, заклучок или други службени списи, а не се појави пред органот или пак не постапи по списите, органот нема натамошна обврска да комуницира со странката, ниту пак одговара за негативните последици кои можат да настанат за странката.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за општата управна постапка во Главата V го уредил доставувањето и тоа преку уредување на: начинот на доставување (членови 78 до 87), кому, каде и како се врши доставувањето (членови 88 до 98), одбивањето на приемот (член 99), промена на живеалиште, стан или седиште (член 100) како и грешките во доставувањето (член 101). Доставувањето како една од важните фази во управната постапка бара сеопфатна и прецизна уреденост, бидејќи преку него се овозможува операционализација пред се на начелото на ефикасно водење на постапката, кое пак, најчесто зависи од начинот и брзината на постапување од страна на самиот орган што ја спроведува постапката, но во реализацијата на ова начело голем придонес имаат и самите странки.
Во таа смисла во оспорениот член 79 од Законот, меѓу другото, определена е обврска за странките, после еднаш уредно направена, односно воспоставена достава, да се грижат за непречен и ефикасен тек на управната постапка. Притоа, погрешна е оцената на подносителот на иницијативата дека само надлежниот орган по службена должност, води сметка за непречен и ефикасен тек на управната постапка, бидејќи ваквата законската обрвска за странките е воспоставена заради воздржување од дејствија кои водат кон оддолжување и неоправдано одлагање на управната постапка со цел нејзино брзо и ефикасно завршување, а како начелото на ефикасност од членот 8 од Законот не би можело да се реализира ако самите учесници во постапката не дадат свој максимален придонес во остварувањето на ова начело. Воедно, на овој начин се остварува и начелото на економичност и итност утврдено во членот 17 од Законот, односно предвидената обврска за непречен и ефикасен тек на управната постапка води кон завршување на постапката во што пократок рок и со што помалку трошоци. Од друга страна, според оцена на Судот, подносителот на иницијативата, прави несоодветно поврзување на оспорената одредба со членовите 126 до 128 од Законот, бидејќи во овие одредби не се уредува обврската на органите за ефикасно и брзо постапување, туку се уредува кој и под кои услови може да поведе управна постапка. Исто така, наводот за спротивност на оспорената одредба со членовите 11 и 18 од Законот за општата управна постапка излегува надвор од надлежноста на Уставниот суд, што му е добро познат факт на подносителот на иницијативата, бидејќи Судот нема надлежност да оценува меѓусебна согласност на одредби од еден ист закон, кон што води изнесениот навод.
Во оспорениот член 79 од Законот е предвидено органот да нема обврска да комуницира со странката, ниту пак да одговара за негативните последици кои можат да настанат за странката, доколку странката со уредно воспоставена достава е поканета или известена за одредено дејствие, решение, заклучок или други службени списи, а не се појави пред органот или пак не постапи по списите. Ваквото ослободување на органот од обврската да комуницира со странката, односно ослободување од одговорноста за негативните последици, секако доаѓа во предвид само кога претходно е воспоставена уредна достава, што значи дека странката уредно е извесена за денот и часот на преземање на управното дејство, или пак уредно и е врачено одредено писмено, но истата, иако уредно извесена не се јавила да го оправда отсуството за закажаното расправа или за преземање на друго дејствие. За такви случаи, органот повеќе нема обврска да комуницира со странката во смисла повторно да врши достава на покана или пак да и врачи решение, заклучок или други службени списи, или пак да извести за ден и час на одржување на расправата.
Судот, притоа, имаше предвид дека Законот предвидел соодветени механизми за заштита од евентуално трпење на штетни последици од грешки во доставувањето или пак од неправилна примена на одредбите кои се однесуваат на доставувањето. Имено, според членот 101 од Законот, ако при доставувањето е направена грешка, ќе се смета дека доставувањето е извршено на денот за кој ќе се утврди дека лицето на кое писменото му е наменето навистина го добило тоа писмено. Ако доставницата исчезнала, доставувањето може да се докажува и со други средства. Во членот 236 став 2 од Законот е предвидено дека, органот што го донел решението ќе ја надополни постапката и тогаш кога жалителот ќе изнесе во жалбата такви факти и докази што би можеле да бидат од влијание за поинакво решение на работата, ако на жалителот морало да му биде дадена можност да учествува во постапката што му претходела на донесувањето на решението, а таа можност не му била дадена, или му била дадена, а тој пропуштил да ја користи, но во жалбата го оправдал тоа пропуштање. Според членот 249 точка 9 од Законот, постапката окончана со решение против кое нема редовно правно средство во управната постапка (конечно во управната постапка) ќе се повтори, ако на лицето кое требало да учествува во својство на странка не му била дадена можност да учествува во постапката.
Врз основа на сето наведено произлегува дека законодавецот, меѓу другото, со оспорената одредба го изградил системот на управна правда особено внимавајќи активниот однос на странката со управните акти и дејствија да настане само по уредно извршена достава, од кој момент за неа настапува обврската да се грижи за непречен и ефикасен тек на управната постапка, што е и нејзин интерес, а во спротивно органот да нема обврска да комуницира со странката, ниту пак да одговара за негативните последици кои можат да настанат за странката истата не се појави пред органот или пак не постапи по списите. Воедно, Законот располага со механизми за правна сигурност, за заштита на странките и нивните легитимни очекувања од злоупотреби или пак грешки во доставувањето за кои случаи истата не може да трпи штетни последици.
Со оглед на тоа што од аспект на почитување и заштита на правата и слободите на човекот во правниот поредок, оспорената одредба пропишува извесни и јасни последици од неактивниот однос на странката во постапката, Судот оцени дека оспорената одредба како јасна, недвосмилена законска креација не го повредува владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 79 е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.49/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски