10/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 1 алинеја 4 и член 32 став 12 од Законот за Државниот инспекторат за земјоделство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 28 став 1 алинеја 4 од Законот, според кој претседател и член на Комисијата може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што казната можела да се изрече само со конкретна правосилна судска пресуда, а не по сила на закон, како што предвидувала одредбата.

Oвластувањето на министерот од член 32 став 12 од Законот, да ги пропишува трошоците за повикување и сослушување на сведоци и вешти лица, како и за работа на Комисијата, немало уставна основа. Ова затоа што Законот не содржел критериуми и параметри за пропишување на висината на трошоците за повикување и сослушување на сведоци и вешти лица, како и за работа на Комисијата, поради што се доаѓало до констатација дека со оспорената законска одредба се утврдувале и критериуми за пропишување на висината на наведените трошоци, што било надвор од ингеренциите на извршната власт. Оттука, даденото овластување со оспорената одредба значело навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 28 став 1 алинеја 4 од Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, претседател и член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Според член 32 став 12 од истиот закон, трошоците од ставот 12 на овој член за повикување и сослушување на сведоци и вешти лица, како и за работата на Комисијата, ги пропишува министерот.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за Државниот инспекторат за земјоделство се уредуваат начелата, организацијата, надлежноста, овластувањата и постапката на инспекцискиот надзор од страна на инспекторите во Државниот инспекторат за земјоделство (член 1).

Според член 25 став 1 од Законот, во случај кога е утврдено дека е сторен прекршок, инспекторот ќе му предложи на сторителот на прекршокот постапка за порамнување, а за одделни прекршоци предвидени со закон, постапка за посредување. Според став 2 на истиот член, доколку прекршителот не постапи по одредбите од ставот 1 на овој член инспекторот поведува прекршочна постапка, во рок и постапка, определени со закон.

Согласно член 26 од Законот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, може да формира прекршочна комисија која ќе биде надлежна за водење на прекршочна постапка, за прекршоци од одделни области и за одделни подрачја од Република Македонија, во согласност со надлежноста на апелационите судови определена со Законот за судовите (став 1). Прекршочната комисија е составена од три члена и нивни заменици од кои: еден дипломиран правник со пет години работно искуство во струката, со положен правосуден испит од редовите на вработените во Министерството и двајца дипломирани земјоделски инженери, со три години работно искуство во струката од редовите на вработените во Министерството (став 2). Мандатот на членовите на Комисијата за одлучување за прекршоци трае три години, со право на реизбор на членовите. Претседател на Комисијата треба да биде лице со завршен правен факултет и положен правосуден испит (став 3). Против решенијата на Комисијата, со која се изрекува прекршочна санкција, согласно со одредбите од овој закон, може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежен суд (став 5).

Според член 28 став 1 од истиот закон, претседател и член на Комисија може да се разреши: со истекот на рокот со кој е именуван за член, по негово барање, со исполнување на услови за пензија согласно со закон, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, ако се утврди трајна неспособност за работа, ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука и ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Комисијата.

Со иницијативата се оспорува како неуставно законското решение според кое претседател и член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, затоа што казната можела да се изрече само со конкретна правосилна судска пресуда, а не по сила на закон, како што предвидувала оспорената одредба, односно казнено – правниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени, освен ако тоа не било изречно утврдено со Уставот.

Од анализата на оспорената одредба, произлегува дека осудуваноста на лицето во текот на вршењето на работите и задачите како член на прекршочната комисија на Државниот инспекторат за земјоделство, е причина за негово разрешување од должноста член на комисијата. Оспорената одредба од Законот генерално се однесува за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото, поради што може основано да се постави прашањето за согласноста на член 28 став 1 алинеја 4 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Според член 32 од Законот, за одделни прекршоци, кога тоа е определено со закон, инспекторот кој е надлежен за поведување на постапка ќе му предложи на сторителот на прекршокот постапка на посредување и постигнување согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги отстрани последиците на прекршокот (став 1). Постапката за посредување ја води комисија за посредување формирана од министерот на предлог на директорот (став 2). За постигната согласност во постапката за посредување се составува спогодба во која се констатира согласноста од двете страни (став 5). Во спогодбата се утврдуваат обврските на сторителот на прекршокот, и тоа: висина и начин на плаќање на глоба, висина и начин на плаќањето на другите давачки и трошоци и мерки кои треба да ги преземе сторителот, со цел да ги отстрани последиците од прекршокот (став 6). Спогодбата од ставот 5 на овој член има сила на извршна исправа (став 10). Ако постапката на посредување не успее, инспекторот поднесува барање за поведување на прекршочна постапка на кое на сторителот на прекршокот ќе му се наведат трошоците за посредувањето (став 11). Трошоците од ставот 12 на овој член за повикување и сослушување на сведоци и вешти лица, како и за работата на Комисијата, ги пропишува министерот (став 12).

Од анализата на оваа и другите одредби во Законот, произлегува дека законодавецот пропишал овластување за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисија за посредување, заради посредување и постигнување согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги отстрани последиците од прекршокот. Постапката на посредување ја водат државни службеници од редот на вработените во Државниот инспекторат за земјоделство и истата завршува со спогодба во која се утврдуваат обврските на сторителот на прекршокот, и тоа: висина и начин на плаќање на глоба, висина и начин на плаќањето на другите давачки и трошоци и мерките кои треба да ги преземе сторителот, со цел да ги отстрани последиците од прекршокот. Во постапка за посредување законодавецот дозволил да се повикуваат сведоци и вештаци, како и прифатил дека комисијата за посредување има одредени трошоци поврзани со нејзината работа. Ако постапката на посредување не успее, продолжува прекршочната постапка, а сторителот на прекршокот има обврска да ги надомести трошоците на посредувањето, кои се однесуваат на повикување и сослушување на сведоци и вештаци, како и за работа на комисијата. Наведените трошоци на посредувањето ги пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според член 4 од Законот, во постапката на инспекцискиот надзор се применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон или друг закон од областа на земјоделството, руралниот развој, рибарството и аквакултурата, поинаку не е уредено.

Според член 122 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” број 38/2005 и 110/2008), надоместоците на трошоците, издатоците и на загубената заработувачка на сведоците, вештаците и толкувачите, односно посебните награди на вештаците и толкувачите, начинот на наплата и исплата на тие надоместоци и награди, како и ослободување од плаќање на трошоците се уредуваат со закон .

Меѓутоа, анализата на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство покажува дека во Законот нема критериуми и параметри за определувањето на висината на овие трошоци, односно не постои законска рамка кон која министерот би бил должен да се придржува при определувањето на висината на трошоците, односно при операционализацијата на Законот.

При таква состојба, според Судот, овластувањето на министерот да ги пропише трошоците на посредувањето, без законски утврдени критериуми и параметри за пропишување на наведената висина на трошоците за повикување и сослушување на сведоци и вешти лица, како и за работа на Комисијата, не е во функција на разработка односно операционаллизација на Законот заради негово извршување, туку претставува навлегување на извршната во законодавната власт, иако постои нивна јасна уставна поделеност, односно претставува повреда на уставното начело на владеење на правото, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 32 став 12 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски