95/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 49 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001, 5/2003, 58/2006 и 110/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 49 од Законот за одбрана, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијати вата слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба само според одредбите на Уставот, а не и според одредби на закон како што било случај со оспорената одредба од каде смета дека со неа се нарушувал и уставниот принцип на еднаквост на граѓаните и се забранувала слободата на синдикално здружување надвор од уставно утврдените рамки. Поради наведеното подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 37, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот. Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето да се има предвид дека постои и Закон за служба во Армијата на Република Македонија во кој оваа материја би требало да биде уредена, а не со Законот за одбрана, како што тоа било направено.

3. Судот на седницата утврди дека, оспорениот член 49 од Законот е систематизиран во поднасловот: „14.Синдикално организирање“. Според содржината на оваа одредба, се забранува синдикално организирање во Армијата во воена и вонредна состојба.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.155/2001 од 5 јуни 2002 година, Судот, по повод инициатива на Стамен Филипов од Скопје и други не повел постапка за оценување на уставноста, меѓу другото и за членот 49 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001), бидејќи оценил дека одредбата е во согласност со член 8, член 37 став 1, член 38 став 2, член 54 став 2 и член 118 од Уставот.

Во предметната иницијатива се бара оцена на оспорената одредба и по однос на нејзината согласност со член 9 и член 51 од Уставот, но во иницијативата не се содржани наводи по однос на тоа со што се повредуваат означените уставни одредби.

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба и не наоѓа основи за поинакво одлучување произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот. Ова и од причина што во конкретната иницијатива, повторно поднесена од Стамен Филипов од Скопје, не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ, по повод оваа иницијатива, за поинакво одлучување. Напротив, сега поднесената иницијатива има наводи скоро во целост идентични со тогаш поднесената иницијатива.

Судот, воедно, имаше предвид дека содржината на оспорената одредба не се променила со измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2003, 58/2006 и 110/2008 сметано од денот на донесување на наведеното решение на Судот (5 јуни 2002 година) до денот на изготвување на овој реферат.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.95/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски