281/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 2 алинеја 4, член 129 став 1 алинеја 4 и член 137 став 1 алинеја 4 од Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 100/2005, 19/2007 и 103/2008, 6/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 25 став 1 алинеја 5 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорените законски одредби, станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапувала по сила на закон, а не како индивидуализација на казната што ја изрекува судот. Казненоправниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и натамошни последици од неговото извршување, односно осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени, освен ако тоа изречно не било утврдено со Уставот.

При одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива, подносителот на истата предлага да се има предвид Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 126/2006 од 12 септември 2006 година, со која се укинати член 25 став 2 и член 32 став 4 во делот „ е осуден за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца“ од Законот за радиодифузна дејност.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според член 25 став 1 алинеја 5 од Законот за радиодифузна дејност, за член на Советот за радиодифузија не може да биде избрано лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, подолго од шест месеца.

Според член 32 став 2 алинеја 4 од истиот закон, член на Советот за радиодифузија не може да биде разрешен пред истекот на времето за кое е избран освен ако му е изречена казна забрана за вршење на должност во траење подолго од шест месеца.

Согласно член 129 став 1 алинеја 4 од овој закон, мандатот на член на Советот на Македонската радиотелевизија (МРТ) може да престане пред истекот на рокот за кој е именуван ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Според член 137 став 1 алинеја 4 од истиот закон, мандатот на член на Управниот одбор на МРТ може да престане пред истекот на рокот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 на овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за радиодифузна дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата (член 1).

Според член 21 на овој закон, Советот за радиодифузија е независно регулаторно непрофитно тело со јавни овластувања во радиодифузната дејност утврдени во овој закон (став 1). Советот има својство на правно лице (став 2). Советот за радиодифузија при остварувањето на своите надлежности, утврдени со овој закон, се грижи за обезбедување на слободата и плурализмот на изразувањето, за постоење на разновидни, независни и самостојни медиуми, економски и технолошки развој на дејноста и за заштита на интересите на граѓаните во радиодифузната дејност (став 3). Седиштето на Советот за радиодифузија е во Скопје (став 4).

Согласно член 23 од Законот, Советот за радиодифузија е составен од девет члена. Членовите на Советот за радиодифузија ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија.

Според член 24 став 2 од овој закон, членови на Советот за радиодифузија можат да бидат лица кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, телекомуникациите, информатиката, културата, економијата, правото и од други области што се од значење за остварувањето на надлежностите на Советот за радиодифузија.

Во член 25 од Законот се утврдени случаите кога едно лице не може да биде избрано за член на Советот за радиодифузија, при што во став 1 алинеја 5 од овој член, се утврдува дека тоа се однесува на лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, подолго од шест месеца.

Според член 28 став 1 од Законот, членовите на Советот за радиодифузија се избираат за време од шест години, со тоа што членовите на Советот за радиодифузија од првиот состав, избран според одредбите на овој закон, се избираат така што три члена се избираат на две години, три члена на четири години и три члена на шест години.

Согласно член 30 став 3 од Законот, Функцијата член на Советот за радиодифузија се врши професионално.

Според член 32 став 1 од истиот закон, член на Советот за радиодифузија може да поднесе оставка. Според став 2 на овој член, член на Советот за радиодифузија не може да биде разрешен пред истекот на времето за кое е избран освен во следниве случаи, ако: поради болест не е во можност да учествува во работата на Советот за радиодифузија подолго од шест месеца; настапила некоја од пречките за членство во Советот за радиодифузија предвидени во членот 25 од овој закон; работи спротивно на одредбите на овој закон; му е изречена казна забрана за вршење на должност во траење подолго од шест месеца и неоправдано отсуствува од три последователни седници на Советот за радиодифузија или од пет седници во текот на шест месеца. Според став 3 на истиот член, исполнувањето на условите за разрешување на член на Советот за радиодифузија пред истекот на времето за кое е избран, предвидени во ставот 2 на овој член го утврдува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови и поднесува барање до Собранието на Република Македонија за негово разрешување. Во овој случај се применува постапката утврдена во членот 28 став 4 на овој закон.

Согласно член 115 став 1 од Законот, функциите на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радиотелевизија. Според член 126 на истиот закон, органи на Македонската радиотелевизија (МРТ) се: Совет на МРТ, Управен одбор на МРТ и извршен директор на МРТ.

Според член 127 став 6 од Законот, членовите на Советот на МРТ се именуваат на пет години со право на повторен избор.

Согласно член 129 став 1 алинеја 4 од Законот, мандатот на член на Советот на МРТ може да престане пред истекот на рокот за кој е именуван ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Според член 134 став 1 од Законот, со МРТ управува Управен одбор составен од седум члена. Според став 4 на истиот член, мандатот на членовите на Управниот одбор трае пет години, со право на уште еден избор.

Согласно член 137 став 1 алинеја 4 од истиот закон, мандатот на член на Управниот одбор на МРТ може да престане пред истекот на рокот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Наводите во иницијативата според кои, како неуставни се оспоруваат законските одредби според кои член на Советот за радиодифузија не може да биде лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, подолго од шест месеца, како и одредбите според кои член на Советот за радиодифузија, член на Советот на МРТ и член на Управниот одбор на МРТ можат да бидат разрешени пред истекот на времето за кое се избрани ако им е изречена казна затвор во траење подолго од шест месеца или им е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, затоа што станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапувала по сила на закон, а не како индивидуализација на казната што ја изрекува судот, Судот ги оцени како неосновани.

Во однос на оспорените одредби од Законот, според кои член на Советот за радиодифузија, може да биде разрешен пред истекот на мандатот, доколку му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност подолго од шест месеца, односно член на Советот на МРТ и член на Управниот одбор на МРТ може да биде разрешен пред истекот на рокот за кој е именуван, ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеца и ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност, Судот оцени дека не станува збор за правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку последицата е резултат на казната што ја изрекол судот, која казна по својата природа подразбира физичка отсутност на лицето и спреченост тоа да продолжи да ја врши функцијата. Ова од причина што оспорените одредби од Законот, се однесуваат на лице кое веќе ја врши функцијата член на Советот за радиодифузија (член 32 став 2 алинеја 4), член на Советот на МРТ (член 129 став 1 алинеја 4 ) и член на Управниот одбор на МРТ (член 137 став 1 алчинеја 4) според кои својството му престанува заради негово осудување во периодот додека ја врши функцијата. Оттука, ова претставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице, поради неговата фактичка спреченост да ја извршува функцијата, не може да дава гаранција дека органот успешно ќе функционира. Поради тоа, во овие случаи не може да се прифати дека станувало збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдени во член 14 став 1 од Уставот, како и дека станувало збор за ограничување на правото на вработување на лице по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна забрана што ја изрекол судот со правосилна одлука.

Ваквото решение предвидено во Законот е во согласност и со Законот за работни односи, каде во член 99 законодавецот пропишал дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Според Судот, несоодветен е предлогот на подносителот на иницијативата, при одлучувањето по оваа иницијатива, Судот да ја има предвид својата Одлука по предметот У. бр. 126/2006, со која бил укинат член 25 став 2 и член 32 став 2 алинеја 4 во делот: „ е осуден за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца“ од Законот за радиодифузна дејност. Ова затоа што во цитираната одлука Судот утврдил дека, поаѓајќи од содржината на оспорената законска норма според која член на Советот ќе биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е избран односно ќе биде разрешен ако е осуден за кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца, станува збор за ограничување на можноста членот на Советот да продолжи да ја врши функцијата и тоа не како последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, туку како дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваност, а која настапува по сила на Законот, а не како индивидуализација на казната што ја изрекува судот, затоа што во Кривичниот законик се утврдени повеќе од 300 кривични дела за кои е предвидена казна затвор над шест месеци, при што судот при утврдување на вината на сторителот за стореното кривично дело за кое е предвидена наведената казна, применувајќи ги институтите одмерување на казната, ублажување на казната и условна осуда, не секогаш ја изрекува казната затвор над шест месеци. Од друга страна, во сега оспорените одредби, законодавецот се определил за случаите кога на лицето му е изречена правосилна судска пресуда со која е осуден на казна затвор од шест месеца, независно од тоа колкава казна била предвидена со Кривичниот законик за тоа кривично дело, што е во согласност со наведената одлука на Судот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 32 став 2 алинеја 4, член 129 став 1 алинеја 4 и член 137 став 1 алинеја 4 од Законот, со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

6. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр. 126/2006 од 27 јуни 2007 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 алинеја 5 од Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005 и 19/2007). Во овој случај Судот оценил дека во однос на оспорениот член 25 став 1 алинеја 5 од Законот за радиодифузија во кој е предвидено дека за член на Советот за радиодифузија не може да биде избрано лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолго од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност подолго од шест месеци, не станува збор за правна последица од осуда која настапува по сила на законот, туку за два услови кумулативно предвидени: лицето да не е осудено на казна затвор над шест месеци и да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност подолго од шест месеци при што предвидувањето на овие услови не може да се прифати како ограничување на правата и слободите на индивидуата. Имено, со оспорената одредба недвосмислено и јасно е утврден причинскиот однос на забраната едно лице да биде избрано за член на Советот за радиодифузија поради постоење на правосилна судска пресуда со кое лицето е осудено на казна затвор над шест месеци и казна забрана за вршење на професија, дејност или должност над шест месеци. Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 25 став 1 алинеја 5 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Со оглед дека со сега поднесената иницијатива (од истиот подносител), повторно се бара оцена на уставноста на истата одредба од Законот за радиодифузна дејност, од истите причини, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.281/2009
30 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски