60/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 23 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.36/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 194 став 2 во делот: „по продолжување на првиот договор за работа…„ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 188 став 3 во делот: „висината„, членот 189, членот 192 став 3, членот 194 став 3, членот 199 став 5, членот 200 став 3 и членот 212 став 3 во делот: „трошоци„, од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во делот од Законот, кој се однесува на „Права и обврски на воениот и цивилниот персонал„, со одредбите од членовите 6-29, се уредени прашањата за заклетва на воениот и цивилниот персонал при стапување во служба во Армијата, извршувањето на наредбите на претпоставен старешина, униформа на воениот персонал и работна облека на цивилниот персонал, легитимација и посебни исправи, персонално досие, надлежност за донесување наредби, заштита на правата од службата, носење и употреба на оружје, обврска за чување на класифицирана информација, правна помош, здравствена заштита, осигурување на воениот и цивилниот персонал и други прашања.

Во одредбите кои се однесуваат на „здравствената зашатита„, е содржан и членот 23 од Законот, кој гласи:

„(1) На воениот и цивилниот персонал по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги за лекување на повреда и заболување здобиено за време на службата во Армијата.

(2) На лице кај кое ќе се појави заболување по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, ако во рок од две години од денот на отпуштањето од Армијата го пријави заболувањето во Министерството за одбрана и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата.

(3) Правата од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на воениот и цивилниот персонал на кого службата му престанала поради дисциплинска постапка, престанок на службата, односно работниот однос по негово барање, поради еднострано раскинување на договорот и поради истекување на договорот за работа на професионалниот војник.

(4) На воениот и цивилниот персонал кој поради влошување на заболување кое го имал пред стапување на служба во Армијата му престане службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, до излекување, односно до стабилизација на заболувањето, а најдолго две години од денот на престанокот на службата во Армијата.

(5) Надоместокот на трошоците од ставовите (1), (2) и (4) на овој член на воениот и цивилниот персонал се врши по претходно приложена уредна документација за направените трошоци, издадена од јавната здравствена установа.„

Со иницијативата се оспорува ставот 3 од членот 23 од Законот поради тоа што со оваа одредба било уредено трошоците за направените здравствени услуги за лекување на повреди и заболувања здобиени за време на службата во Армијата да не паднат на товар на средствата од Министерството за одбрана. Ова претставувало ограничување на правото на задолжителното здравствено осигурување на лицето од причини поврзани со неговото поведение, односно неговата вина поради дисциплинска постапка, престанок на службата, односно работниот однос по негово барање и
поради еднострано раскинување на договорот, независно од тоа што лицето ги исполнувало законски пропишаните услови од користењето на правата од здравственото осигурување, со што овие лица се доведувале во нерамноправна положба во однос на останатите лица. Од овие причини оспорениот член 23 став 3 од Законот не бил во соглансост со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 34, членот 51 и членот 54 став 1 од Уставот.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Законот за служба во Армијата на Република Македонија со одредбите од членовите 22-25 посебно ја уредил здравствената заштита на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата.

Според членот 22 од Законот, на воениот и цивилниот персонал Министерстовто за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги во јавните здравствени установи и се ослободува од плаќање на лекови кои се наоѓаат на листата на лекови што со општ акт ја утврува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, на кој министерот за здравство дава согласност (став 1), а надоместокот на трошоците од ставот 1 на овој член подразбира обезбедување на основни здравствени услуги опфатени со задолжително здравствено осигурување на осигурените лица во примарната, специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во согласност со закон (став 2).

Со одредбите од членот 23 ставови 1 и 2 од Законот, се уредени прашањата за правото на надоместување на трошоци од страна на Министерството за одбрана, на воениот и цивилниот персонал по престанувањето на службата во Армијата, направени при користење на здравствени услуги за лекување на повреда и заболување здобиено за време на службата во Армијата, и за правото на такво надоместување наведените лица за заболување кое ќе се појави и по престанок на службата во Армијата, ако лицето во рок од две години од денот на отпуштањето од армијата го пријави заболувањето во Министерството за одбрана и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата.

Законодавецот, за остварување на наведеното право од страна на воениот и цивилниот персонал по престанувањето на службата во Армијата, основот го утврдил во настанувањето на заболување или повреда кои се во врска со вршењето на службата во Армијата; и лицата по престанок на службата во Армијата кои се здобиле со заболување или повреда од вршењето на служата, се во иста категорија на лица со ист статус и здравствена состојба настаната од службата во Армијата.

Со оглед на тоа, според Судот, неосновано, со оспорената одредба од ставот 3 на членот 23 од Законот, се издвојува дел од овој персонал дека не може да ги отстварува правата од ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, само поради начинот на кој им престанала службата, а се дел од истиот персонал на кој заболувањата настанале од вршењето на службата во Aрмијата и за сите нив подеднакво треба да се однесува здравствената заштита утврдена со овој закон и да имаат ист правен третман. Од овие причини за оспорената одредба од ставот 3 на членот 23 од Законот Судот оцени дека може да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2 и членот 34 од Уставот.

6. Во XIII дел од Законот, кој се однесува на „Други примања„, со одредбите од членовите 188-191 се уредени прашањата кои се однесуваат на надоместоците предвидени за воениот и цивилниот персонал.

Со членот 188 од Законот е предвидено:

„(1) Воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за:

1) патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство;
2) трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели;
3) трошоци за одвоен живот од семејството;
4) парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување), ако живееле во заедница;
5) штета при елементарни непогоди;
6) селидбени трошоци;
7) трошоци за превоз;
8) вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и
9) за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови.

(2) Висината на надоместоците од ставот (1) точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.

(3) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот (1) точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.„ (оспорен е ставот 3 во делот: „и висината„)

Со членот 189 од Законот е предвидено:

„Надоместоците, нивната висина и начинот на распределување на средствата за лицата на доброволно служење на воен рок и припадниците на активната резерва, ги пропишува министерот за одбрана.„ (оспорен е цел член)

Во XIV дел од Законот, кој се однесува на „Станбено обезбедување„, со одредбите од членовите 192-198, се уредени прашањата кои се однесуваат на користењето на службен стан од страна на воениот и цивилниот персонал за време на вршењето на службата во Армијата.

Со членот 192 од Законот е предвидено:

„(1) Воениот и цивилниот персонал за време на вршење на службата во Армијата има право на користење на службен стан.

(2) За користење на службен стан, воениот и цивилниот персонал плаќа закупнина.

(3) Висината на надоместокот за закупнина на стан ја определува Владата на Република Македонија. (оспорен е ставот 3)

(4) Средствата од ставот (2) на овој член се на товар на Министерството за одбрана.

(5) При остварување на правото на закупнина на стан, особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, чинот, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично.

(6) Начинот на остварување на правото на закупнина на стан го пропишува министерот за одбрана.„

Со членот 194 од Законот е предвидено:

„(1) Вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан.

(2) Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан по продолжување на првиот договор за работа. (оспорен е означениот дел)

(3) Висината на надоместокот од ставовите (1) и (2) на овој член ја утврдува министерот за одбрана.„ (оспорен е ставот 3).

Во XV дел од Законот, кој се однесува на „Учество на Армијата надвор од територијата на Републиката„, со одредбите од членовите 199-201 се уредени прашањата кои се однесуваат на воените претставници на Републиката во странство и на воениот и цивилниот персонал кој учествува во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Републиката.

Со членот 199 од Законот е предвидено:

„(1) Воени претставници на Републиката во странство се одбранбени и воени аташеа и членови на воените мисии во странство претставувани од воен и цивилен персонал, согласно со актот за систематизација на Министерството за одбрана.

(2) Воените претставници од ставот (1) на овој член имаат дипломатски статус.

(3) Министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина или цивилен персонал да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, штабови и во други меѓународни организации и меѓународни воени единици.

(4) Начинот на избор, упатување и враќање на лицата од ставот (3) на овој член ги утврдува министерот за одбрана.

(5) Висината на платата, додатоците на платата и другите надоместоци на лицата од ставовите (1) и (3) на овој член ги утврдува министерот за одбрана.„ (оспорен е ставот 5)

Со членот 200 од Законот е предвидено:

„(1) На воениот и цивилниот персонал кој учествува во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Републиката, придонесите се пресметуваат и уплатуваат врз основа на платата утврдена на денот на упатувањето.

(2) Воениот и цивилниот персонал од ставот (1) на овој член има право на надоместок за учество во хуманитарни или мировни опрерации надвор од територијата на Републиката.

(3) Висината на надоместоците од ставот (2) на овој член ги утврдува министерот за одбрана.„ (оспорен е ставот 3)

Во XVIII дел од Законот со одредбите од членовите 212-214 се уредени прашањата кои се однесуваат на „Школување, стручно оспособување и усовршување и специјализација за потребите на службата и обврска за извршување служба по нивното завршување„.

Со членот 212 од Законот е предвидено:

„(1) Министерството за одбрана заради потребите на службата во Армијата, може да упати воен и цивилен персонал на служба во Армијата на школување, стручно оспособување и усовршување и специјализација во високи воени школи и факултети во земјата или во странство.

(2) Меѓусебните права и обврски на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата од ставот (1) на овој член и Министерството за одбрана се уредуваат со договор, во согласност со овој закон.

(3) Начинот на избор на кандидати, упатување, трошоци и други прашања во врска со школувањето, стручното оспособување и усовршување и специјализацијата во високи воени школи и факултети го утврдува министерот за одбрана.„ (оспорен е во делот „трошоци„).

Со првата иницијатива се оспорени погоре наведените одредби од Законот, освен одредбата од членот 194 став 2 во делот: „по продолжување на првиот договор за работа„, која е предмет на оспорување со втората иницијатива од истиот подносител.

Според наводите во иницијативата, одредбите од членот 188 став 3 во делот: „и висината„, членот 189, членот 192 став 3, членот 194 став 3, членот 199 став 5, членот 200 став 3 и членот 212 став 3 во делот: „трошоци„, од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 став 1, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Ова поради тоа што подносителот „смета дека Владата и министерот за одбрана со закон не можат да бидат овластени со свој акт без рамки на Уставот и законите да ја уредуваат висината на надоместоците и трошоците наведени во оспорените законски одредби, туку тоа мора да биде уредено со закон и со колективни договори„.

Со втората иницијатива се оспорува членот 194 став 2 во делот: „по продолжување на првиот договор за работа„, од Законот за служба во Армијата, бидејќи според поносителот, за вработените во Армијата на неопределено и определено време, не требало да има разлика во однос на правото на надоместок за закупнина на стан, и ова право требало и на вработените на определено време да им се признае веднаш без определениот услов дека правото ќе го стекнеле „по продолжување на првиот договор за работа„.

Во однос на наведните законски одредби кои општо се оспоруваат со првата иницијатива, Судот оцени дека подносителот по нивното изнесување констатирал дека повредувале повеќе (единаесет) одредби од Уставот, кои ги набројал во иницијативата, но не се наведени аргументи за конкретно и поединечно оспорување, односно нив воопшто ги нема, ниту иницијативата се осврнува на спецификата на различните одредби и посебно какви уставни права повредувале, имајќи предвид дека се работи за оспорени одредби со различни содржини од комплексната материја на односи кои се предмет на регулирање со Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Имено, одредбите не може да се разгледуваат изолирано туку во целината на другите одредби од Законот, а Законот за служба во Армијата на Република Македонија е дел од правниот поредок кој не може изолирано да се разгледува и од другите закони. Поаѓајќи од фактот што во иницијативата согласно член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија не се изнесени наводи со причини за конкретно оспорување на одредбите од членот 188 став 3 во делот: „висината„, членот 189, членот 192 став 3, членот 194 став 3, членот 199 став 5, членот 200 став 3 и членот 212 став 3 во делот: „трошоци„, од Законот, Судот оцени дека иницијативата во тој дел треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд поради постоење на процесни пречки за одлучување во иницијативата.

7. Во однос, пак, на оспорената одредба од членот 194 став 2 во делот: „по продолжување на првиот договор за работа“ од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, што од истиот подносител се оспорува во втората иницијатива во овој предмет, Судот оцени дека не постојат уставни пречки за предметното законско решение, бидејќи за сите вработени во Армијата кои засновале работен однос на определено време се однесува еднакво законската норма дека по продолжување на првиот договор за работа, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан доколку не им е обезбедено користење на службен стан. Имено, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорената одредба се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените, кои всушност имаат зановано различен вид на работен однос. Од овие причини Судот оцени дека за оспорениот член 194 став 2 од Законот не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението во однос на точките 1 и 3 Судот го донесе едногласно, а во однос на точката 2 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.60/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски