Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 во делот
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 став 1 и член 32 став 1 во делот: „начин утврдени од страна на Министерството за образование и наука“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законските одредби означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Во однос на член 24 став 1 од Законот, иницијаторот смета дека законодавецот го пречекорил своето уставно овластување да го уреди правото на семејна пензија така што меѓу осигурениците направил разлика во зависност од тоа дали склучиле нов брак или не. Имено, со одредувањето на посебниот услов за стекнување на право на семејна пензија, а тој е брачниот другар кој склучил нов брак да му биде ограничено правото на семејна пензија, законодавецот го ограничил тоа право создавајќи нееднаквост, со што ги повредил членот 8 став 1 алинеите 3 и 8, членовите 9, 30, 34, членот 35 став 1, членовите 40 и 51 и членот 54 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Членот 32 став 1, во наведениот дел, од Законот, пак, го овластувал органот на државната управа со подзаконски акти да ги утврди условите и начинот под кои децата на загинатите или починатите учесници имаат право на стипендија за редовно школување во јавните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање на јавните високообразовни установи во Република Македонија, иако таа материја морало да ја уреди законодавецот со закон, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, членовите 44 и 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Законот во целина се однесува на „посебните права на воените и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија, вработените во Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, учесници во мировни операции и операции за колективна одбрана надвор од територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: учесници во операциите) и на членовите на нивните семејства, како и условите и постапката за нивното остварување“ (член 1 од Законот).
Оспорените одредби на член 24 став 1 и член 32 став 1 од Законот се систематизирани во Глава IV од Законот-„Права на семејствата на загинатите и починатите учесници“ (членовите 17-37). Притоа, семејствата на загинатите и починатите учесници ги имаат следните права: (1) право на закоп и погребни трошоци; (2) надоместок за задолжително осигурување; (3) еднократен паричен надоместок; (4) вработување на еден член на семејството; (5) семејна пензија; (6) станбено згрижување; (7) права од областа на образованието; (8) царински и даночни олеснувања; (9) ослободување од плаќање на административни и судски такси; (10) ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги; (11) сместување во јавни установи за згрижување (член 17 од Законот), со тоа што обемот на секое од наведените права е разработен во членовите 18-37 од Законот.
Во врска со правото на семејна пензија, на што се однесува оспорениот член 24 став 1 од Законот, членот 22 од Законот определува дека: „брачниот другар, децата и родителите на загинати односно починати учесници, кога не се исполнети општите услови за стекнување право на семејна пензија, стекнуваат право на семејна пензија според овој закон, доколку ги исполнуваат посебните услови утврдени со прописите од пензиското и инвалидското осигурување“(став 1), дека: „по исклучок од ставот 1 на овој член, брачниот другар правото на семејна пензија го стекнува без оглед на навршените години на живот, а родителите и без оглед дали се издржувано лице од загинатиот, односно починатиот учесник“ (став 2), дека: „висината на семејната пензија од ставот 1 на овој член, се определува во проценти од основата што ја сочинува последната исплатена плата која загинатиот, односно починатиот учесник ја остварил во месецот пред упатувањето во активностите, и тоа 100% за еден или повеќе членови на семејството, но не повеќе од висината на највисокиот износ на пензија согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување“(став 3) и дека: „пензијата од ставот 3 на овој член се усогласува со процент со кој се усогласуваат пензиите остварени согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување“ (став 4). Членот 23 од Законот, пак, определува дека: „брачните другари, децата и родителите на загинати, односно починати учесници, кои оствариле право на пензија според прописите за пензиското и инвалидското осигурување, имаат право на семејна пензија според овој закон, доколку тоа за нив е поповолно.“
Оспорениот член 24 став 1 од Законот определува дека: „Правото на семејна пензија во смисла на овој закон не може да го оствари, односно престанува да го користи брачниот другар доколку склучи нов брак.“
Во врска со правата од областа на образованието, на што се однесува оспорениот член 32 став 1 од Законот, членот 31 од Законот определува дека: „децата на загинатите, односно на починатите учесници имаат право да се запишат во јавни средни училишта, по нивен избор, со право на упис надвор од квотата утврдена со конкурсот за запишување на ученици во прва година во јавните средни училишта, доколку ги исполнуваат минимум условите утврдени во конкурсот“ (став 1) и дека децата: „имаат право на упис на јавните високообразовни установи без плаќање на партиципација за редовно студирање на прв циклус на студии, надвор од квотата утврдена со конкурсот за запишување на студенти во прва година на студии под услов да ги исполнат минимум условите утврдени со конкурсот за запишување на јавната високообразовна установа“ (став 2).
Оспорениот член 32 став 1 од Законот определува дека: „Децата на загинатите, односно починатите учесници имаат право на стипендија за редовно школување во јавните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање на јавните високообразовни установи во Република Македонија, под услови и начин утврдени од страна на Министерството за образование и наука.“ Оспорен е делот: „под услови и начин утврдени од страна на Министерството за образование и наука“.
5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1) и „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според член 34 од Уставот, „граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.“
Според член 40 од Уставот, „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството“ (став 1).
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, која, според член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и тие вредности се остваруваат, покрај другото, така што законодавецот со закон ги уредува правата и должностите на граѓаните во рамките определени со Уставот, а Владата и органите на државната управа ги спроведуваат Уставот и законите. Притоа, законодавецот има уставно овластување со закон да го уреди правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, како и да обезбеди посебна грижа и заштита на семејството, со тоа што мора да обезбеди еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Имајќи предвид дека со Законот се уредуваат прашања во врска со (1) специфична категорија граѓани, тоа се учесници во мировни операции надвор од територијата на Република Македонија и членовите на нивните семејства, и тоа (2) во ситуација кога учесникот ќе загине односно почине, Судот оцени дека законодавецот има уставна основа да ги определи правата и должностите на овие граѓани, а во тие рамки и да определи посебна грижа и заштита на семејството, поради што правото на семејна пензија може да го остваруваат само брачните другари, а не и оние кои го напуштиле тоа семејство и создале ново семејство со склучување на нов брак. Овие брачни другари стекнуваат право на семејна пензија според општите услови за таква пензија утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според тоа, Судот оцени дека предвидувањето на различни услови за стекнување на семејна пензија за различни ситуации, не го доведува во прашање уставното начело на еднаквоста, поради што членот 24 став 1 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 34, 40 и 51, а не се доведени во прашање ниту другите уставни одредби наведени во иницијативата.
Во однос на оспорениот дел од член 32 став 1 на Законот, Судот оцени дека законодавецот нема уставна основа да го пренесе своето овластување, за уредување на условите за остварување на правото на стипендија на децата на загинатите и починатите учесници во мировните операции, на орган на државната управа-Министерството за образование и наука, туку самиот мора да ги утврди тие услови, а Министерството потоа да ги спроведува законските услови во практиката на начин уреден со свој подзаконски пропис. Поради тоа, пред Судот се постави прашањето дали предвидувањето Министерството да ги определува условите за остварување на правото на стипендија на децата на загинатите и починатите учесници во мировните операции е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот, па поведе постапка за член 32 став 1 во делот: „под услови и“ од Законот. Во однос на прашањето за согласност на член 32 став 1 во делот: „начин утврдени од страна на Министерството за образование и наука“ од Законот со наведените одредби од Уставот, Судот не го постави прашањето за согласноста.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.167/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски