У.бр.179/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 102 став 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007 и 81/2009).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Славе Димитров од Скопје, со Решение У.бр.179/2009 од 28 април 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 102 став 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2008 година што ќе биде утврдена со општа пресметка во 2009 година .

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002, 4/2005 и 131/2007) се уредува правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста и правата на изведувачите, како и на изготвувачите на бази на податоци, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци, над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според членот 147 од Законот, здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци во рок од три месеца од издавањето на дозволата за колективно остварување, усогласен со статут и со овој закон. Во оваа смисла, Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП, има донесено Правилник за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007), како и Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2009).

Според одговорот на наводите од иницијативата, доставен до Судот од страна на доносителот на Правилникот (преку адвокатската канцеларија Доневски од Скопје), одредбите од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци биле во целост усогласени со член 142 и член 147 од Законот за авторското право и сродните права и Статутот на Здружението, а воедно биле донесени со цел да се спроведе Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2008 од 25 март 2009 година. Во прилог е доставено и Решението за согласност на наведениот правилник, издадено од Министерството за култура, бр. 50-6174/2 од 25.06.2009 година, согласно член 147 став 3 од Законот за авторското право и сродните права, во кое исто така се наведува дека Правилникот е донесен заради надминување на создадената празнина и исклучиво во рамките на наведената одлуката на Уставниот суд.

Со член 17 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, основниот текст на Правилникот се дополнува со нов член 102, при што станува збор за член од Правилникот кој е систематизиран во Главата VIII – Преодни и завршни одредби. Видно од содржината на овој член, со истиот се регулира прашањето на постапката за донесување на Правилникот, која подразбира добивање согласност од Министерството за култура (став 1), објавувањето на Правилникот во „Службен весник на Република Македонија“ (став 2) и неговото влегување во сила осмиот ден од денот на објавувањето (став 3). Во оспорениот став 4 од овој член се регулира примената на Правилникот, при што се пропишува дека Правилникот ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2008 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2009 година.

Судот оцени дека со оспорениот став 4 на членот 102 од Правилникот се утврдува ретроактивна примена на Правилникот, спротивно на член 52 од Уставот. Имено, наведениот правилник влегол во сила на 8 јули 2009 година. Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2008, која била основ за измените на Правилникот, е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/2009 од 3 април 2009 година, од кога произвела правно дејство. Според образложението на доносителот на Правилникот, определбата за ретроактивна примена на Правилникот за авторските надоместоци за 2008 година што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2009 година, се оправдува со потребата да се покрие периодот од укинувањето на одредени одредби од Правилникот до донесувањето на нови одредби кои го уредуваат тоа прашање, притоа повикувајќи се на член 80 од Деловникот на Уставниот суд, според кој извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Судот е укинат не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.

Според Судот, ваквото образложение не може да биде прифатливо од уставно правен аспект, затоа што се до укинувањето на одредбите од Правилникот со наведената одлука на Уставниот суд, истите се применувале во правниот промет, што значи дека односите кои ги регулирале тие одредби требало да бидат реализирани на начин на кој тие одредби го предвидувале тоа во времето на нивното важење. Измените направени со новиот правилник единствено можат да се однесуваат на идни односи, по влегувањето во сила на Правилникот, а не со нив да се менуваат претходно создадените односи, како што се наведува, односно да се однесуваат на авторските надоместоци за 2008 година (кога важеле и се применувале укинатите одредби), независно што нивната општа пресметка ќе била утврдена во 2009 година. Токму во оваа смисла е и укинувачкиот, а не поништувачкиот карактер на одлуката на Уставниот суд (У.бр. 71/2008).

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 102 став 4 од Правилникот не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.179/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски